Маркетинг Контакт Редакција




Во мугрите кога ги растури исток

по небото темно златестите зракои ,

штом сонцето тргне проблеснато , чисто

по пресните следи на ноќта и мракот ,

езерните далги во утринен блесок

го гушкаат милно крајбрежниот песок

- тогаш дојди в Охрид “ ...



извадок од песната
“ Дојди в Охрид “
од Гане Тодоровски

 

Охрид - душата на Македонија

Охрид, антички Лихнид е еден од најстарите градови на Балканот со богато културно наследство, оставено од бројните цивилизации. Распослан на бреговите на прекрасното Охридско Езеро, во подножјето на националниот парк Галичица, Охрид е град каде на секој чекор се среќаваат артефакти од богатата македонска историја .

Градот кој некогаш имал 365 цркви - по една црква за секој ден во годината , сочувал голем дел од нив до денешен ден. Поради тоа, Охрид е познат и како македонски Ерусалим.

Извонредно поволната географска локација заедно со другите поволни природни услови овозможиле континуирано живеење во овој регион од почетоците на цивилизацијата низ вековите се до ден денешен.

Од предисторијата (неолит) се наколните живеалишта кај Градиште, киклопските ѕидини од времето на Филип и Александар Македонски, од античкиот период античкиот театар лоциран во срцето на стариот град.

Христијанството се раширило многу рано во Охрид и неразделно е сврзано со името на бискупот од Антиохија - св. Еразмо, кој покрстил илјадници луѓе. Нему му е посветена ранохристијанска базилика од III и IV век, како и средновековна пештерска црква од XIII век каде е насликан и неговиот лик .

Во IX и X век Охрид станал центар на словенската писменост. Свети Климент го формира првиот универзитет во Европа низ кој поминале 3500 ученици кои потоа ја рашириле словенската писменост низ целиот словенски свет. Во втората половина на X век Охрид станал престолнина на македонскиот цар Самоил и седиште на патријаршијата. Цар Самоил за време на своето владеење ја проширил македонската држава од реките Дунав и Сава до Коринтскиот залив и Јадранското море.

Врвните средновековни уметнички креации во Македонија и Охрид согласно со генералните текови и припаѓаат на византиската уметност.

Меѓутоа треба да се напомене дека нашето фрескосликарство спаѓа меѓу највисоките достигнувања на византиската уметност и со својата индивидуалност има посебно место во византиската уметност во свестски рамки. Тоа е изразено преку тенденцијата за пореалистично прикажување на библиските настани, воведување на драматични елементи и колористичката експресија.

Понатамошниот развој на уметноста е во дисконтинуитет поради потпаѓањето на Македонија под отоманска власт. Историските околности предизвикале подолготрајна изолација на овој регион од генералните текови на европската култура.

Во почетопкот на IX век развојот на трговијата и занаетчиството овозможиле раздвижување на уметноста во Македонија што е најмногу видливо во фрескосликарството во црквите преку работата на сликарските тајфи.

 

Охридско Езеро

Најубавиот балкански бисер се протега во охридско - струшката котлина. Охридското Езеро е старо помеѓу 4 и 10 милиони години и е најстаро езеро во Европа, а спаѓа и меѓу најстарите езера во светот. Тоа е тектонско езеро кое настанало во терциерниот период и се вбројува меѓу малкуте езера во светот кои потекнуваат од пред глацијалниот период.

Охридското Езеро се наоѓа на 41 степен северна географска ширина и 20-21 степен источна географска должина на надморска висина од 695 метри. Зафаќа површина од 358,2 километри квадратни, од што 2/3 и припаѓаат на Р.Македонија, а 1/3 на Р.Албанија. Крајбрежјето е долго 87,5 километри. Максималната должина на езерото е 30,8 км. а максималната ширина изнесува 14,8 км. Просечната длабочина е 164 м. а максималната длабочина изнесува 289 м. Охридското Езеро е седмо најдлабоко езеро во Европа. Температурата на водата во езерото се менува во зависност од годишните времиња. Во август може да достигне и до 26 степени Целзиусови, а во зима површината на езерото никогаш не замрзнува. Водата во Охридското Езеро е помеѓу најчистите во Европа. Провидноста во јули достигнува до 21,5 метри длабочина.

Езерото се снабдува со вода од многубројните површински и подземни извори. Најголем дел од површинските извори се наоѓаат на југоисточниот дел од брегот, а исто така има и околу 40 реки и извори кои се влеваат во езерото. Се претпоставува и дека водата од соседното Преспанско Езеро кое е повисоко за 158 метри понира низ подземните канали од планината Галичица и се влева во Охридското Езеро.

Охридското Езеро е познато и како "Музеј на живи фосили" поради големиот број на ендемични и реликтни форми. Во езерото живеат околу 17 автохтони видови, меѓу кои најпознати се двата ендемични видови пастрмка: охридската патрмка и белвицата. Исто така присутна е и јагулата, како и плашицата, која покрај тоа што се користи за исхрана, од нејзините крлушки се произведува и познатиот охридски бисер .

Поважни телефони: Полиција : 192   Брза помош : 194   Пожарна : 193   Центар за справување со кризи - Охрид : 195   АМСМ : 196   Автобуска станица : 260-339   Аеродром : 252-820   Црвен крст : 261-909   Водовод : 250-122   Комуналец : 263-325   НУ Центар за култура : 261-063   Завод и Музеј : 262-498   Основен суд : 261-868   Електродистрибуција : 263-666   Општа болница : 267-267   ФТУ - Охрид : 262-147   Охридско лето : 261-304   Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833