Page not found - OhridNews

Сашо Донев, Лидија Петковска и Грација Бакраческа адути на ВМРО ДПМНЕ од Охрид во 5-ка

На седницата на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, што е во тек, утврдени се кандидатските листи за пратеници на партијата за претстојните избори.

Во 5 Изборна единица од Охрид има тројца кандидати во првите десет.

Лидија Петковска

Актуелниот претседавач на Советот на Општина Охрид и претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ- Охрид, Сашо Донев, е на 3 место, Лидија Петковска која е пратеничка во актуелниот мандат на Собранието е на позицијата 6, додека Грација Бакраческа која исто така е пратеничка, ќе биде на позицијата 10.

Грација Бакраческа

Листата на ВМРО ДПМНЕ во 5 ИЕ ја предводи Ѓорѓија Сајкоски. Лидерот Христијан Мицкоски ќе трча во 1 ИЕ, листата во 2-ка ја предводи Владо Мисајловски, во 3-ка Драган Ковачки, прв на листата во 4-ка е Александар Николоски, а во 6-ка Дафина Стојаноска.

Парламентарните избори во земјава ќе се одржат на 8 мај.

Г.М

 

Министерство за култура: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Охрид остварила работна средба со претставниците на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, соопштија од Министерството за култура.

Средбата се одржала во Завод и Музеј-Охрид, а учествувале и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.

Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО, во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион, потенцирала Костадиновска – Стојчевска, се наведува во соопштението.

На средбата станало збор и за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.

Во соопштението се додава дека министерката со македонските експерти ги информирала членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион, изработката на правни документи меѓу кои Предлог на закон за управување со светското природно и културно наследство и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот регион да ги исполнат своите права и обврски, стои во соопштението.

Средбата била дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата,  во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“, во Република Албанија и во Македонија.

OhridNews

Фото: Министерството за култура

Болницата „Св.Еразмо“ во Охрид пример за вложувања во нова опрема и зајакнување на кадарот

Министерот за здравство, д-р Илир Демири заедно со заменик министерката, д-р Маја Манолева денеска ја посетија Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, каде изминатите неколку години се реализирани бројни инвестиции во нова медицинска опрема, инфраструктурни проекти, како и континуирано зајакнување на кадарот.

Една од најзначајните инвестиции во нова опрема е апаратот за магнетна резонанца во вредност од 1.2 милион евра, обезбеден со поддршка од Европската унија. Исто така, преку ИПА проектот набавени се повеќе апарати во вредност од 150.000 евра и тоа: апарат за артроскопија, ЕЕГ-ЕМГ апарат, ЕХО апарат стационарен и мобилен, пациент монитори, како и апарати за физикална терапија. Покрај вложувањето во нова опрема во насока на унапредување на квалитетот на здравствената заштита, оваа установа е пример и за континуирано зајакнување на кадарот. Само во изминатите неколку години се реализирани вкупно 73 нови вработувања, потенцираше министерот Демири по средбата со раководството на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“.

Заменик министерката д-р Манолева истакна дека во установата е реализирана и реконструкција на постојниот базен за физикална терапија во вредност од 125.000 евра, како и доопремување со хидрауличен лифт, кади за физикална терапија и апарат за крио терапија во вредност од околу 40.000 евра.

Овие проекти се реализирани со поддршка од Центарот за Југозападен плански регион, Швајцарската Амбасада и Министерството за локална самоуправа. Во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид се вработени вкупно 221 лице, а во моментот девет доктори се на специјализација. Во болницата се реализираат над 1.600 хируршки интервенции и над 65.000 амбулантски прегледи на годишно ниво, рече Манолева.

OhridNews

Тошковски: Приведени се вкупно три лица за убиството на лекарот во скопската населба Железара

Приведени се вкупно три лица поврзани со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој беше во работна посета на Општина Босилово.

Според моите информации, приведено е уште едно лице, значи вкупно приведени се три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена, рече Тошковски.

Во вчерашното гостување во поткастот „Претрес“ Тошковски изјави дека има осомничени лица за убиството, како и одредени материјални траги кои водат до осомничените и посочи дека се преземени 20 истражни дејствија, како и дека се прегледани над 50 камери и видео записи.

Според првичните наоди, министерот рече мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.

Шеесет и седумгодишен лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил паркиран во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“.

Лекарот имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.

OhridNews

фото. МИА

Од државава се бара поврат на 2,2 милиони евра на ЕК злоупотребени преку програмата Еразмус+ во 2016-2018

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот 2016-2018 година. Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а овој месец Агенцијата примила известување и за конечност на одлуката.

Директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски на прес-конференција соопшти дека предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но поради предистражната постапка не може да соопшти повеќе детали.

Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година, рече Ѓоргиевски.

Кога било добиено известувањето, на крајот на минатата година имале состаноци со МОН, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на ЕУ во Скопје, а седница имала и Владата. Потоа Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ со цел, како што рече Ѓоргиевски, „да ги дефинира следните чекори и се што е потребно да се преземе како институција во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на средствата доколку барањето се финализира“.

Во меѓувреме, Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ.

Од таму не информираа дека до Управата за финансиска полиција е пристигнат извештај од ОЛАФ и дека тој е доставен до надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на средства од имот за борба против измами од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура согласно извештајот на ОЛАФ… Откако сме информирани за случајот, заедно со Владата се обидуваме преку интензивна комуникација и координација со релевантни европски институции да се најде најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина, истакна директорот на Агенцијата.

Со оглед дека е во тек предистражна постапка што ја спроведува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, тој замоли за разбирање дека не може да сподели повеќе детали во однос на овој предмет што, рече, е во интерес за севкупната јавност.

Нагласи дека Агенцијата е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција.

Ѓоргиевски кажа дека ја предводи Агенцијата со приоритет да се подигне нејзиниот углед и реномето и сите нивни активности и повици се транспарентни и во насока на заштита на ЕУ-фондовите, а меѓу нив и јавна кампања за анонимно пријавување неправилности во имплементација на проектите. Дека се на добар пат во нивните стремежи, рече, се забележува и од последните ревизорски извештаи на Европската комисија.

OhridNews

Актуелниот парламентарен состав треба да одржи седница за инаугурација на новиот претседател, нов Парламент до 28 мај

Најдоцна до 28 мај треба да биде свикана конститутивната седница на идниот парламентарен состав, согласно новиот Деловник на Собранието. Седницата ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, согласно роковите од новиот Деловник, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска на средба со новинарите информираше дека тој исто така до 12 мај треба да ја свика и седницата за инаугурација на новиот претседател, по изборите на 24 април и евентуален втор круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Во Собранието денеска треба да започне последната нова пленарна седница и да заврши до утре, а закажани се и продолженија на неколку други седници. Митрески нагласи дека на седницата е предложена Декларација за одбележување на четвртата годишнина од НАТО и 75 години од основање на Алијансата. Претседателот на Собранието смета дека е многу значајно да се донесе оваа Декларација на самиот крај овој мандатен состав и со тоа ќе остават порака за идните пратеници.

Тој вели дека има простор до почетокот на кампањата за претседателските избори следната недела за седница за евентуални итни прашања. Додека трае изборната коампања не планира да свикува седници и сите други активности на Собранието ќе бидат сведени на неопходниот минимум со цел да се избегне можноста за злоупотреба на собраниската говорница. Митрески посочи дека ова се редовни парламентарни избори и дека согласно Уставот, Собранието не е распуштено и останува во постојано заседание.

За време на овој парламентарен состав 2020-2024 закажани се 149 седници, 102 се завршени, а 46 незавршени. Донесени се 548 закони. Имајќи ги предвид и другите акти, одлуки и извештаи вкупниот број е 832. Не се донесени 130 акти кои се влезени во процедура и не се завршени.

Во мандатот на Митрески што започна на 26 јануари, донесени 72 закони и одлуки.

OhridNews

Странските инвеститори ги анализираат ефектите од глобалниот минимален данок и примената во државава

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија ги анализира ефектите од глобалниот минимален данок од 15 проценти што се применува од 1 јануари на глобално ниво врз работењето на странските компании во државава кои ќе треба да плаќаат дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат. Државава се уште не е прилагодена кон овој данок, а првите плаќања за годинава по тој основ странските компании би ги имале во 2026 година.

За членките на Советот денеска во Стопанската комора се одржа презентација на тема „Ефектите од глобалниот минимален данок врз добивките на компаниите во Северна Македонија“, во соработка со ПрајсвотерсхаусКуперс (PwC Северна Македонија).

Претседателот на Советот на странски инветитори Виктор Мизо очекува да се утврдат идеи и предлози што ќе се изнесат пред креаторите на политиките по изборите за прилагодувањето кон оваа новина.

Како Совет на странски инвеститори заедно со Прајсвотерхаус куперс организираме разговор како глобалниот минимален данок од 15 проценти кој беше донесен на иницијатива на ОЕЦД а државава го прифати пред две години ќе има влијание врз големите мултинационални компании кои работат во државава и имаат консолидирана добивка од над 750 милиони евра и како тоа ќе влијае на нашите работења но истовремено и врз оданочувањето, како на локално, така и на ниво на државите од каде што потекнуваат компаниите, изјави Мизо.

Советот уште минатата година ја покренал оваа дискусија со економскиот тим на Владата и како што рече Мизо, иако тогаш им било кажано дека ќе има барем некаков транзициски период во кој како држава нема да го воведуваме, сепак од 1 јануари годинава данокот е воведен на глобално ниво.

За голем број компании без разлика дали работат во или не во технолошко индустриските развојни зони, дали добиваат државна помош или не, ќе треба детално да се разгледаат сите ефекти како тоа ќе влијае. Зборуваме за бројка од над 50 компании кои доаѓаат од многу различни земји, од Северна Америка и од Европа, пред се, рече Мизо.

Со претставниците на PwC Северна Македонија ќе ги разгледаат сите можности и апликации и деталите врз основа на кои компаниите ќе треба да размислат како ќе работат во иднина.

Истовремено можеме да дадеме размислувања и предлози на кој начин потенцијално идните политики визави компании и државната помош и начинот на различни даночни ослободувања ќе треба потенцијално да се адаптираат за да имаме оптимално искористување овде, посочи Мизо.

Иако државава се уште не е адаптирана на данокот и останува рамниот данок од 10 проценти, Мизо рече дека ако ништо не се смени ќе треба да има доплаќање на дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат овие компании зависно од тоа дали тие добиваат или не државна помош. Разликата, појасни, може да биде целосно плаќање на 15 проценти или разликата помеѓу ефективниот данок кој се плаќа кај нас и до 15 проценти. Исплатата ќе биде во државите во странство каде што се лоцирани компаниите.

Прашан дали може дел од странските компании коишто работат кај нас во зоните да ја напуштат државава поради оваа дополнителна давачка, Мизо рече дека преку разговорите ќе се видат сите позитивни и негативни ефекти, но оти сите политики поврзани со бенифиците би требало да се адаптираат.

Истовремено ние како индивидуални компании да размислиме како треба да се поставиме, но и да дадеме некои препораки или идеи кон државата на кој начин потенцијално тие даночни политики, но истовремено сите политики поврзани со бенефиции би требало да се адаптираат за да има една неутралност и кон компаниите, но истовремено и за државата, бидејќи даночен одлив од државата исто така не е нешто што е позитивно за никого, укажа Мизо.

Тој смета дека после изборите наесен треба да се разговара со креаторите на политиките за да се види како ќе се адаптираме како држава.

Ги дефинираме сега сите овие работи и потоа врз основа на овој разговор, врз основа на идеите тоа би ги презентирале до сите креатори на политиките што и како треба да се направи, бидејќи јас сметам дека можеби треба да се размислува ова да се направи после изборите некаде оваа есен за да видиме како ќе се адаптираме како држава, рече Мизо.

Мирослав Мирчев од PwC Северна Македонија најави дека пред компаниите ќе ги претстават комплексните правила за да можат да се подготват за нивна примена

Во рамки на дискусијата очекувам да се размислува и да се формулира што може да се прави поврзано со фискалните аспекти, со економската политика – секоја компанија сама може да размисли за импликациите и потоа да реши како да постапува – здружено, сама, дали сака да зборува со некој или чисто да биде подготвена за усогласување на плаќањето, рече Мирчев.

OhridNews

Демири и Манолева: Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба за вакцинации и две нови амбулантни возила

Министерот за здравство, Илир Демири и заменик-министерката Маја Манолева, денеска беа во работна посета на Охрид, при што ги посетија Здравствениот дом во Охрид и Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“.

Како што посочи Демири, изминатиот период значително се унапредени условите во Здравствениот дом и е подобрено нивото на здравствената заштита, со спроведените активности за реновирање на просториите во Службата за вакцинации.

Истовремено со обнова на лабараториската опрема и обезбедената медицинска апаратура проширен е делокругот анализи што сега се вршат во здравствената установа.

Како што ме информираше директорката, набавени се две амбулантни возила за Итната медицинска помош од сопствени средства, со што се изврши обнова на возниот парк, за поефикасно, побрзо и навремено реализирање на здравствените услуги за пациентите, изјави заменичката Манолева.

Со цел подостоинствени услови за пациентите и вработените, потпишан е договор за поправки, санација на објектот „Маларична“ со промена на дограма, фасада, кров и партерно уредување.

Исто така, спровена е постапка за санација на објектот амбуланта „Белчишта“ во вредност од 7.665.280 денари од сопствени средства.

OhridNews

Билтен: Контрола на возила кои вршат јавен превоз на патници, кривична за битолчанец

На 27.03.2024 на подрачјето на СВР Охрид извршена е контрола на возилата кои вршат јавен превоз на патници – автобуси и такси возила.

Притоа, контролирани се вкупно 101 возило од кои во Охрид-68, Струга-11, Кичево-15 и во Дебар-07. Кај едно возило во Охрид и едно во Струга, констатирана е техничка неисправност на системот за сопирање. По целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави, информираат од СВР Охрид.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 61 годишно лице од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неизвршување судска одлука“ и „самовластие“.

Тој, свесно и спротивно на судска пресуда, става под хипотека недвижен имот во Охрид сопственост на друго лице и на тој начин се стекнал со противправна имотна корист од 352.000 денари, додаваат од СВР Охрид.

OhridNews