Page not found - OhridNews

Костадиновска-Стојчевска за МРТ: Новиот закон за управување со Охридскиот Регион е јасен – нема легализација на дивоградби

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска – Стојчевска во однос на тековните активности поврзани со остварување на препораките на УНЕСКО вели дека во моментов Работната група ја изработува новата нацрт верзија на Законот за управување со Охридскиот Регион во која има предлог некои одредби да бидат избришани, во насока на избегнување на потенцијална закана за светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Спорниот член на кој укажуваат невладините организации, а кој се однесува на дефинирање на терминот „урбана трансформација“, во верзијата на новиот закон за управување се предлага да се брише. Се работи за термин на кој долго укажуваат и реактивните мисии во своите извештаи. Затоа решивме тој член да го тргнеме, односно да го видоизмениме за да не се дојде до мислење дека со тој член ние сакаме да придонесеме кон поголема легализација на дивоградбите. Напротив, се прави доста ригорозна селекција, односно скенирање на цел терен со помош на сите институции коишто имаат можност тоа да го направат, за да не се легализира ниту една дивоградба, изјави министерката Костадиновска-Стојчевска за Македонската-радиотелевизија.

На прашањето околу последниот извештај на УНЕСКО, влијанието на невладниот сектор и прашањето на дивоградбите, како и задржувањето на статусот на Охридскиот Регион, министерката додаде дека од страна на институциите секогаш се упатува апел до општините да даваат поопсежни информации во однос на дивоградбите. Костадиновска-Стојчевска објасни дека во предлог на новиот закон прецизно ќе се уреди и објасни темата со дивоградбите, за да не се добие впечаток дека ќе се пристапи кон нивна легализација.

Во однос на другите правни акти кои се донесени и на кои се работи за заштита на Охридскиот Регион, Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство од активното учество на невладиниот сектор и од нивното присуство на терен, во Струга и во Охрид. Во однос на извештајот на Комитетот за светско наследство, и задржувањето на Охрид на листата на УНЕСКО, министерката за култура го изрази задоволството од позитивниот извештај за што, како што рече, придонес имаше и тоа што нашата држава е меѓу првите кои го преведоа Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО.

Ова Упатство кое помага во изработка на сите видови мислења, ние го препративме до општините коишто се инволвирани, и бевме навистина пофалени за напредокот којшто го имаме. Најголем удел во тој позитивен извештај има Комисијата којашто до сега функционираше при Министерство за култура, а сега според договор и според Законот се префрла во Минситерство за животна средина и просторно планирање, објасни министерката за култура.

Таа додаде дека токму таа комисија браник којшто се бави со сите мислења од општините, инвеститорите, архитектонски друштва и планерите во урбанизмот.

Костадиновска-Стојчевска за МТВ истакна дека удел за позитивниот извештај од УНЕСКО имаше и соработката со Албанија, зашто за прв пат оваа година беше изготвен и заднички извештај од двете држави кон УНЕСКО.

OhridNews

Фото: Министерство за култура

Денес чествување за ликот и делото на Гоце Жура, по повод петгодишнината од неговото упокојување

Денес во спомен-куќата на Христо Узунов со почеток во 12 часот ќе се одржи Чествување за ликот и делото на Гоце Ангеличин-Жура (1951-2019), нашиот познат историчар на уметност.

Настанот е во организација на д-р Гордана Ангеличин-Жура и Горан Митрески, историчар кустос, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. За ликот и делото на Гоце Жура ќе говорат археологот Паско Кузман, историчарот на уметност Јорданка Матова, Директорот на НУБ „Григор Прличев“ Охрид м-р Милчо Јованоски и проф. Д-р Климент Наумов, доцент при Факултетот за туризам и угостителство-Охрид.

Гоце Жура е основоположник и втемелувач на теренските истражувања на пештерските цркви во охридско-преспанскиот регион како и активен истражувач на постоечки и новооткриени сакрални објекти во Охрид. Неговите истражувања резултирале со уникатни откритија драгоцени за македонската наука, како на пример дотогаш неоткриени ликови на св. Климент, а само во последната книга има мапирано 20 базилики и 43 цркви во стариот дел на Охрид. Зад себе има оставено импресивна библиографија од 20 книги и над 60 научни трудови.

Овој настан овозможува охриѓани да се потсетат на нивниот сограѓанин и со своето присуство да му оддадат почит за непроценливиот придонес кон науката и афирмацијата на нашето културно-историско наследство и православната црковна историја.

OhridNews

Сончево и топло со мала локална облачност

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Како што соопштија од УХМР, минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.

Во Охрид времето ќе биде сончево и топло со слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 20 степени.

Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.

Сашо Донев, Лидија Петковска и Грација Бакраческа адути на ВМРО ДПМНЕ од Охрид во 5-ка

На седницата на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, што е во тек, утврдени се кандидатските листи за пратеници на партијата за претстојните избори.

Во 5 Изборна единица од Охрид има тројца кандидати во првите десет.

Лидија Петковска

Актуелниот претседавач на Советот на Општина Охрид и претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ- Охрид, Сашо Донев, е на 3 место, Лидија Петковска која е пратеничка во актуелниот мандат на Собранието е на позицијата 6, додека Грација Бакраческа која исто така е пратеничка, ќе биде на позицијата 10.

Грација Бакраческа

Листата на ВМРО ДПМНЕ во 5 ИЕ ја предводи Ѓорѓија Сајкоски. Лидерот Христијан Мицкоски ќе трча во 1 ИЕ, листата во 2-ка ја предводи Владо Мисајловски, во 3-ка Драган Ковачки, прв на листата во 4-ка е Александар Николоски, а во 6-ка Дафина Стојаноска.

Парламентарните избори во земјава ќе се одржат на 8 мај.

Г.М

 

Министерство за култура: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Охрид остварила работна средба со претставниците на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, соопштија од Министерството за култура.

Средбата се одржала во Завод и Музеј-Охрид, а учествувале и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.

Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО, во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион, потенцирала Костадиновска – Стојчевска, се наведува во соопштението.

На средбата станало збор и за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.

Во соопштението се додава дека министерката со македонските експерти ги информирала членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион, изработката на правни документи меѓу кои Предлог на закон за управување со светското природно и културно наследство и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот регион да ги исполнат своите права и обврски, стои во соопштението.

Средбата била дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата,  во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“, во Република Албанија и во Македонија.

OhridNews

Фото: Министерството за култура

Болницата „Св.Еразмо“ во Охрид пример за вложувања во нова опрема и зајакнување на кадарот

Министерот за здравство, д-р Илир Демири заедно со заменик министерката, д-р Маја Манолева денеска ја посетија Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, каде изминатите неколку години се реализирани бројни инвестиции во нова медицинска опрема, инфраструктурни проекти, како и континуирано зајакнување на кадарот.

Една од најзначајните инвестиции во нова опрема е апаратот за магнетна резонанца во вредност од 1.2 милион евра, обезбеден со поддршка од Европската унија. Исто така, преку ИПА проектот набавени се повеќе апарати во вредност од 150.000 евра и тоа: апарат за артроскопија, ЕЕГ-ЕМГ апарат, ЕХО апарат стационарен и мобилен, пациент монитори, како и апарати за физикална терапија. Покрај вложувањето во нова опрема во насока на унапредување на квалитетот на здравствената заштита, оваа установа е пример и за континуирано зајакнување на кадарот. Само во изминатите неколку години се реализирани вкупно 73 нови вработувања, потенцираше министерот Демири по средбата со раководството на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“.

Заменик министерката д-р Манолева истакна дека во установата е реализирана и реконструкција на постојниот базен за физикална терапија во вредност од 125.000 евра, како и доопремување со хидрауличен лифт, кади за физикална терапија и апарат за крио терапија во вредност од околу 40.000 евра.

Овие проекти се реализирани со поддршка од Центарот за Југозападен плански регион, Швајцарската Амбасада и Министерството за локална самоуправа. Во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид се вработени вкупно 221 лице, а во моментот девет доктори се на специјализација. Во болницата се реализираат над 1.600 хируршки интервенции и над 65.000 амбулантски прегледи на годишно ниво, рече Манолева.

OhridNews

Тошковски: Приведени се вкупно три лица за убиството на лекарот во скопската населба Железара

Приведени се вкупно три лица поврзани со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој беше во работна посета на Општина Босилово.

Според моите информации, приведено е уште едно лице, значи вкупно приведени се три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена, рече Тошковски.

Во вчерашното гостување во поткастот „Претрес“ Тошковски изјави дека има осомничени лица за убиството, како и одредени материјални траги кои водат до осомничените и посочи дека се преземени 20 истражни дејствија, како и дека се прегледани над 50 камери и видео записи.

Според првичните наоди, министерот рече мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.

Шеесет и седумгодишен лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил паркиран во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“.

Лекарот имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.

OhridNews

фото. МИА

Од државава се бара поврат на 2,2 милиони евра на ЕК злоупотребени преку програмата Еразмус+ во 2016-2018

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот 2016-2018 година. Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а овој месец Агенцијата примила известување и за конечност на одлуката.

Директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски на прес-конференција соопшти дека предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но поради предистражната постапка не може да соопшти повеќе детали.

Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година, рече Ѓоргиевски.

Кога било добиено известувањето, на крајот на минатата година имале состаноци со МОН, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на ЕУ во Скопје, а седница имала и Владата. Потоа Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ со цел, како што рече Ѓоргиевски, „да ги дефинира следните чекори и се што е потребно да се преземе како институција во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на средствата доколку барањето се финализира“.

Во меѓувреме, Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ.

Од таму не информираа дека до Управата за финансиска полиција е пристигнат извештај од ОЛАФ и дека тој е доставен до надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на средства од имот за борба против измами од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура согласно извештајот на ОЛАФ… Откако сме информирани за случајот, заедно со Владата се обидуваме преку интензивна комуникација и координација со релевантни европски институции да се најде најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина, истакна директорот на Агенцијата.

Со оглед дека е во тек предистражна постапка што ја спроведува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, тој замоли за разбирање дека не може да сподели повеќе детали во однос на овој предмет што, рече, е во интерес за севкупната јавност.

Нагласи дека Агенцијата е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција.

Ѓоргиевски кажа дека ја предводи Агенцијата со приоритет да се подигне нејзиниот углед и реномето и сите нивни активности и повици се транспарентни и во насока на заштита на ЕУ-фондовите, а меѓу нив и јавна кампања за анонимно пријавување неправилности во имплементација на проектите. Дека се на добар пат во нивните стремежи, рече, се забележува и од последните ревизорски извештаи на Европската комисија.

OhridNews

Актуелниот парламентарен состав треба да одржи седница за инаугурација на новиот претседател, нов Парламент до 28 мај

Најдоцна до 28 мај треба да биде свикана конститутивната седница на идниот парламентарен состав, согласно новиот Деловник на Собранието. Седницата ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, согласно роковите од новиот Деловник, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска на средба со новинарите информираше дека тој исто така до 12 мај треба да ја свика и седницата за инаугурација на новиот претседател, по изборите на 24 април и евентуален втор круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Во Собранието денеска треба да започне последната нова пленарна седница и да заврши до утре, а закажани се и продолженија на неколку други седници. Митрески нагласи дека на седницата е предложена Декларација за одбележување на четвртата годишнина од НАТО и 75 години од основање на Алијансата. Претседателот на Собранието смета дека е многу значајно да се донесе оваа Декларација на самиот крај овој мандатен состав и со тоа ќе остават порака за идните пратеници.

Тој вели дека има простор до почетокот на кампањата за претседателските избори следната недела за седница за евентуални итни прашања. Додека трае изборната коампања не планира да свикува седници и сите други активности на Собранието ќе бидат сведени на неопходниот минимум со цел да се избегне можноста за злоупотреба на собраниската говорница. Митрески посочи дека ова се редовни парламентарни избори и дека согласно Уставот, Собранието не е распуштено и останува во постојано заседание.

За време на овој парламентарен состав 2020-2024 закажани се 149 седници, 102 се завршени, а 46 незавршени. Донесени се 548 закони. Имајќи ги предвид и другите акти, одлуки и извештаи вкупниот број е 832. Не се донесени 130 акти кои се влезени во процедура и не се завршени.

Во мандатот на Митрески што започна на 26 јануари, донесени 72 закони и одлуки.

OhridNews