Page not found - OhridNews

Роналдо ќе го пропушти натпреварот на Португалија против Шведска

Португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо ќе го пропушти пријателскиот натпревар со Шведска, објави „ESPN“. Португалскиот селектор Роберто Мартинез ќе му даде малку одмор на 39-годишниот напаѓач.

Роналдо ќе му се приклучи на националниот тим во пресрет на натпреварот против Словенија.

Репрезентацијата на Португалија на 21 март ќе игра на домашен терен против Шведска, а на 26 март ќе се соочи со Словенија на гостински терен.

Во досегашната 21-годишна репрезентативна кариера Роналдо има одиграно 205 натпревари и постигнато 128 голови.

OhridNews

Циклон на северот на Австралија, 700 луѓе останаа блокирани од остатокот од земјата

Околу 700 луѓе останаа блокирани на северот на Австралија, откако тропски циклон ги прекина врските со остатокот од земјата.

Малата заедница Борулула на северната територија беше погодена од циклон од трета категорија вчера попладне. Циклонот Меган донесе обилни врнежи и ветер кој достигна 200 километри на час, соопштија метеоролозите.

Австралиската армија се обиде да ги евакуира жителите, но поради временските услови воените авиони не можеа да слетаат во загрозената област. Официјални лица изјавија дека е планирана нова спасувачка операција за денеска.

Циклонот Меган ослабе во северна Австралија, но обилните дождови продолжуваат.

OhridNews

фото. Архива

На полноќ истекува рокот за доставување на кандидатури за претседател на државата

На полноќ истекува рокот за доставување на кандидатури за претседател на државата до Државната изборна комисија (ДИК).

Досега четворица од седуммина кандидати кои собраа потписи од граѓаните поднеле кандидатура до ДИК – актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Максим Димитриевски од ЗНАМ и Арбен Таравари од поддржан од коалицијата на албанската опозиција Вреди.

Потписи за кандидатура за претседател собраа и Гордана Силјановска Давкова, која е поддржана и со пратенички потписи од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Билјана Ванковска поддржана од Левица и Бујар Османи, поддржан од ДУИ.

Кандидатурите треба да бидат потврдени од членовите на ДИК и тогаш тие и официјално ќе станат претседателски кандидати. Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4 април.

Неколку часа откако актуелниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски вчера ја потврди кандидатурата за претседател пред Државната изборна комисија, американскиот Стејт департмент соопшти дека поради вмешаноста во значителна корупција именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои и Јакимовски.

Државната изборна комисија на прашање на МИА дали тоа ќе влијае врз неговата кандидатура истакна дека условите за избор на претседател се содржани во Уставот.

Кандидат за претседател на Републиката согласно Изборниот законик може да биде лице кое ги исполнува условите за избор на претседател утврдени со Уставот, кој пак ги предвидува само следите услови – да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години.

Само овие услови ги предвидува Уставот за претседател на државата. Други услови не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот, велат од ДИК за МИА.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ Стевчо Јакимовски е изненаден од одлуката на САД да биде ставен на „црната листа“ и најави дека ќе поднесе кривична пријава против н.н. сторител. Јакимовски, како што изјави вчера на прес-конференција, нема да се повлече од изборната трка.

Вчера на полноќ истече рокот за увид во Избирачкиот список, додека рокот за пријавување на гласачите во дијаспората беше продолжен за девет часа поради технички проблеми, односно до денеска до 9 часот.

Заклучно со 17.03.2024 во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК увид во своите податоци во Избирачкиот список направиле 5 544 лица. Вкупно 12 лица поднеле барање за промена на своите податоци, 23 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и 10 лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

Според ДИК, преку електронски пат заклучно со 17.03.2024, се провериле вкупно 41 040 граѓани. Поднесени се 37 барања за промена на податоци, 7 барања за бришење на податоци и 17 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, досега се пристигнати вкупно 2 230 пријави од кои 1 545 се прифатени, 193 се одбиени и 492 се необработени пријави.

Сите кои се запишани во избирачкиот список ќе можат да гласаат и на претседателските и на парламентарните избори, а правото на глас ќе може да го остварат и граѓаните со истечени лични документи и патни исправи во последните девет месеци пред изборите.

Со последните измени и дополнувања на Изборниот законик предвидено е во Избирачкиот список да бидат запишани сите граѓани со наполнети 18 години заклучно со денот на изборите, согласно со актот за распишување на изборите кои имаат живеалиште на територијата на државата.

Гласање во дијаспората за претседателските избори ќе се организира, со оглед дека претседател на државата се избира според мнозинскиот систем на целата територија на државата, како и на сите континенти каде што живеат нашите државјани, но за да се организира гласање за парламентарните избори потребно е да се пријават најмалку 5 355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство.

За да биде отворено едно гласачко место ДКП или Конзуларна канцеларија на нашата држава во странство треба да бидат пријавени најмалку десет гласачи.

OhridNews

Охридската библиотека ќе го одбележи Светскиот ден на поезијата со настанот „Напиши стих – купи кафе“

Националната Установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во Прличевата одаја во четврток ќе го одбележи Светскиот ден на поезијата со настанот „Напиши стих – купи кафе“.

Тоа е наш обид  да ги натераме луѓето да бидат креативни, да размислуваат не само локално туку и глобално и за себе и за другите, на еден посебен начин. Оваа иницијатива е почната во 1999-та година, кога УНЕСКО во Париз го прогласи  21 Март за Светски ден на поезијата, а ние веќе петта година како Установа го организираме  настанот,  во Охрид, велат од Охридската библиотека.

Потенцираат дека најважна е дружбата, креативноста и да се покаже дека чувствата се повредни од парите.

Секој е добредојден и уште отсега му се радуваме на Вашето присуство.  Во библиотеката ве чека парче хартија и топло кафе, а Вие понесете со себе куп емоции и желба да напишете сопствен стих или да цитирате нечија мисла, додаваат.

Настанот ќе се одржи на 21 март во периодот од 10 до 13 часот.

OhridNews

Реакции за набавката на матурски наметки во OЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, Управата појаснува дека нема врска со истата

Родители на ученици од ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ преку писмо доставено до медиумите реагираат на набавката на наметки и капи за матурантите од средношколската установа.

Во писмото се посочува дека сите ученици од школото од прва до четврта година били приморани да плаќаат по 450 денари за наметките наменети за матурантите. Притоа уште стои дека парите за набавка ги собирале класните раководители, дека таа опрема била наменета и за фотографирањето на учениците од завршните години, што според дописот, за матурантите од оваа учебна година веќе било завршено.

Очигледно е дека раководството на средното охридско училиште е погодено од економската криза во Македонија и има потреба од дополнителни приходи, па дури користат ученици од ранливи категории со цел зголемување на нивниот приход, пишува во писмото на родители на ученици, кои бараат и одговор и објаснување од директорот на центарот и од раководство, додека од надлежните институции и невладините организации бараат да застанат на страната на средношколците и нивните родители.

Директорот на училиштето, Сашо Недески, појасни дека раководството на училиштето нема речиси никаква врска со начинот и постапката за набавување на матурските наметки и капи.

Иницијативата за набавката произлезе од самите ученици, тие самите се организираа, беа спроведени и анкети меѓу учениците, а потоа процедурата за набавка беше одобрена и од Советот на родители. Самиот Совет на родители ги разгледа понудите, од кои беше избран набавувавачот. Учениците и родителите си го избраа изработувачот, сами и си ги собират средствата, училиштето нема никаква врска со процедурата. Дури и овозможено им е средствата од 450 денари што, да нагласам воопшто и не ги собира училиштето, да ги плаќаат на две рати, рече Недески.

Матурските наметки со лого на средното училиште веќе се вообичаена практика меѓу учениците од останатите средношколски установи во Охрид.

OhridNews

Oблачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат, а облачноста ќе се намали. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната од 8 до 14 степени.

Во Охрид облачно со повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне 9 степени.

Според УХМР, од среда следува период на стабилно време со ниски утрински температури, кои наместа ќе се спуштат под нула, а дневните ќе бидат во постепен пораст.

OhridNews

1 минута Вести 18.03.2024

 

ЈП „Градски гробишта“ со известување за достава на сметки за гробарина

ЈП „Градски гробишта“ периодов доставува сметки за гробарина за 2024 година по реоните 001, 002, 003 и 004.

Од претпријатието информираат дека доколку од одредени причини жителите со адреси на живеење од горенаведените реони се уште не добиле сметки за истото да се јават на тел. број 075 312 268.

OhridNews

ИПА Охрид и Локалниот совет на млади потпишаа Меморандум за соработка

Интернационалната полициска асоцијација-регион Охрид (ИПА ОХРИД) и Локалниот совет на млади (ЛСМ) при општина Охрид, денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Меморандумот што го потпишаа претседателот на ИПА Охрид м-р Стефан Димоски и Игор Јосифоски, претседател на ЛСМ, е знак за меѓусебно пријателство со цел, јакнење на комуникацијата меѓу двете страни потписнички и воспоставување на системска меѓусебна соработка за едукација на теми од областа на безбедноста.

Меморандумот за соработка има цел воспоставување и промовирање на партнерска соработка на полето на едукација на теми од областа на безбедноста, поттикнување на младинскиот активизам на безбедносен план со цел јакнење на нивната безбедносна култура, поттикнување на младите за поефикасно и поефективно учество во едукативни безбедносни проекти и кампањи, вели Димоски.

На пригодната свеченост, претседателот на Локалниот младински совет, Јосифоски, рече дека потпишаниот меморандумот со Интернационалната полициска асоцијација-регион Охрид значи поддршка на младите за унапредување на младинското организирање, организирање корисни практични тематски работилници од областа на безбедноста, јакнење на младинските компетенции и знаења од безбедносна сфера и практична настава од интерес на младите и секако на членовите на Локалниот совет.

OhridNews