Page not found - OhridNews

1 минута Вести 18.03.2024

 

ЈП „Градски гробишта“ со известување за достава на сметки за гробарина

ЈП „Градски гробишта“ периодов доставува сметки за гробарина за 2024 година по реоните 001, 002, 003 и 004.

Од претпријатието информираат дека доколку од одредени причини жителите со адреси на живеење од горенаведените реони се уште не добиле сметки за истото да се јават на тел. број 075 312 268.

OhridNews

ИПА Охрид и Локалниот совет на млади потпишаа Меморандум за соработка

Интернационалната полициска асоцијација-регион Охрид (ИПА ОХРИД) и Локалниот совет на млади (ЛСМ) при општина Охрид, денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Меморандумот што го потпишаа претседателот на ИПА Охрид м-р Стефан Димоски и Игор Јосифоски, претседател на ЛСМ, е знак за меѓусебно пријателство со цел, јакнење на комуникацијата меѓу двете страни потписнички и воспоставување на системска меѓусебна соработка за едукација на теми од областа на безбедноста.

Меморандумот за соработка има цел воспоставување и промовирање на партнерска соработка на полето на едукација на теми од областа на безбедноста, поттикнување на младинскиот активизам на безбедносен план со цел јакнење на нивната безбедносна култура, поттикнување на младите за поефикасно и поефективно учество во едукативни безбедносни проекти и кампањи, вели Димоски.

На пригодната свеченост, претседателот на Локалниот младински совет, Јосифоски, рече дека потпишаниот меморандумот со Интернационалната полициска асоцијација-регион Охрид значи поддршка на младите за унапредување на младинското организирање, организирање корисни практични тематски работилници од областа на безбедноста, јакнење на младинските компетенции и знаења од безбедносна сфера и практична настава од интерес на младите и секако на членовите на Локалниот совет.

OhridNews

Дизелот поевтинува, цените на бензините се зголемуваат

Цената на дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ се намалува за половина денар за литар, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поскапува за половина, а ЕУРОСУПЕР БС-98 за еден денар за литар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,13 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) е 76 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе се продава за 83, а ЕУРОСУПЕР БС – 98 за 85,5 денари за литар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и останува 75 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,222 денари за килограм се намалува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 43,797 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,891 отсто, кај дизелот за 0,594, кај екстра лесното масло за 0,566 и кај мазутот за 0,314 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,817 отсто.

OhridNews

Спортската сала „Билјанини Извори” опремена со ракометни голови со сертификат одобрен од Интернационалната ракометна федерација

Спортската сала „Билјанини Извори” опремена со нови ракометни голови со највисок сертификат одобрен од страна на Интернационалната ракометна федерација.

Од ЈП „Билјанини Извори“ велат на овој начин продолжува континуираниот процес за модернизирање и подобрување на условите во спортската сала.

Чекор по чекор им овозможуваме одлични услови за тренинг и натпревари на сите ракометни екипи, како национални така и интернационални, кои имаат желба да ја користат нашата сала за подготовки, натпревари и турнири. Особено ни е мило што во ова време на подем на ракометот во Охрид успеваме како претпријатие да им овозможиме одлични услови за тренинг и натпревари на нашите охридски ракометари и клуб ГРК Охрид како наш мал скромен придонес за постигнување на што подобри резултати, потенцираат од претпријатрието.

Додаваат дека и во иднина согласно можностите ќе бидат посветени кон модернизирање на спортските реквизити и услови на спортско рекреативниот центар “Билјанини Извори”.

OhridNews

Поради технички проблеми со веб-страницата продолжен рокот за пријавување на гласачите од дијаспората

Поради технички проблеми со веб-страницата www.dijaspora.sec.mk пријавувањето на гласачите во дијаспората се продолжува до 19 март 2024 година до 9 часот, информираат денеска од Државната изборна комисија.

Оттаму додаваат дека техничкиот проблем се случил во текот на ноќта, 17 март 2024, од 24 часот, како и дека таа била вратена во функција утрово во 9 часот.

Од таа причина, нагласуваат од Државната изборна комисија, пријавувањето на гласачите во дијаспората се продолжува за времето колку што траел прекинот, односно до 19 март 2024 година, 9 часот.

OhridNews

Од 2252 незаконски исплати на средства за социјална помош и пензија, 40 во Охрид, 32 во Струга

На 2252 лица незаконски им биле исплаќани средства за социјална помош како и за социјална пензија иако не ги исполнувале условите, информираше на денешната прес конференција министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски.

Од нив според податоците 40 корисници се во Охрид и 32 во Струга. Најмногу корисници на кои им биле незаконски исплатени средства се во Скопје, 714.

Во Министерството за труд и социјална политика сум веќе 50 дена и за овој краток период добив сознанија кои ни малку не се пријатни, а уште помалку влегуваат во рамката на законско постапување и совесно вршење на работните задачи и обврските. Досега ни се познати 2.252 исплаќања на сметките на корисници кои по сила на законот не треба да ја примаат истата. Имаме првични сознанија дека забележана е и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад, што отвори голем сомнеж за извршени злоупотреби во институциите под надлежност на Министерството за труд и социјална политика, рече Велковски на прес-конференција.

Според сознанијата, како што рече тој, манипулацијата е системска а во неа најверојатно биле вклучени повеќе лица.

Инспекциските служби од Министерството веќе од денес започнаа вонредни инспекциски надзори се со цел да се открие кој навистина стои зад овој криминал од милионски размери. За појаснување на ситуацијата за јавноста, се работи за над 2.200 корисници кои примале гарантирана минимална помош и социјална пензија и пријавиле дека не поседуваат возило, а според евиденцијата на МВР тие се сопственици такво превозно средство. При вкрстување на базите на податоци месеци наназад кај овие лица во системот стои дека имаат возило, меѓутоа необјасниво е како службите не постапувале по однос на истото со што се продолжила исплатата на парични средства, со што се предизвикала милионска штета на буџетот на Министерството, рече Велковски.

Еден од условите за остварување на правата, појасни, е да се провери материјалната, социјалната и имотната состојба на корисникот, а тоа е да не поседува возило, како и приходи остварени по други основи.

По добивање на извештаите од инспекцијата, каде што ќе бидат констатирани состојбите кои ги истакнавме и претходно, ќе се обратиме до сите надлежни институции за лоцирање на одговорноста како и преземање на сите потребни мерки за ваквата настаната ситуација, изјави Велковски.

Тоа се, подвлече, сите информации кои во моментов може да ги сподели за да не се наштети на понатамошната постапка.

Техничкиот министер ја претстави, како што рече, состојбата на евидентирани прекршувања досега по општини, а најголем број по Скопје, следат во Куманово – 235, Битола 166, Гостивар 164, Кисела Вода 155, Чаир 151, Тетово 150, Шуто Оризари 121..

OhridNews

 

 

Стружани ќе може да пријават локални проблеми преку апликацијата Prijavi24

Стружани од денеска локалните проблеми ќе може да ги пријават преку апликацијата Prijavi24, соопшти Општина Струга.

Мобилната апликација, како што појансуваат, може да се преземе бесплатно од GooglePlayStore и AppStore или со скенирање на приложениот баркод.

Преку апликацијата, може да пријавите проблеми поврзани со градот и околните населени места од сите категории, како што се улично осветлување, дупки на патот, објекти склони на рушење, проблеми од областа на животната средина, уништена урбана опрема, отпад и диви депонии, градби и дивоградби, стои во информацијата.

Апликацијата има опција и за прикачување слики од дадениот проблем, а пријавувањето може да биде анонимно или јавно.

Според Општина Струга, граѓаните може да дадат и предлози со кои би се подобрил целокупниот начин на живеење во општината.

OhridNews

Запленети 22 автомобили при заедничка акција на Царина и МВР

Во дводневна заедничка акција на Секторот за контрола и истраги при Царинска управа и Министерството за внатрешни работи запленети се 22 патнички моторни возила со странски регистарски таблици управувани од македонски државјани, соопшти денеска Царинската управа.

Запленетите возила се од различни марки, а меѓу нив, четири патнички моторни возила се марка „Мерцедес“, три патнички моторни возила се марка „Ауди“, две патнички моторни возила се марка „БМВ“, едно патничко товарно возило е марка „Тесла“ и др., а сите возила биле управувани од македонски државјани на територија на Република Северна Македонија повеќе од шест месеци, се наведува во соопштението.

Против сторителите на прекршоците ќе биде поднесено Барање за поведување прекршочна постапката до надлежниот суд.

Во согласност со законските надлежности на Царинската управа, кои се во согласност со критериумите и условите пропишани во Истанбулската конвенција за привремен увоз, одредби од Царинскиот закон и одредби од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, граѓаните на РСМ и странците можат привремено да внесат и да управуваат возило на територијата на Република Северна Македонија за време на нивниот престој, но, најмногу шест месеци во период од 12 месеци, по што возилото мора да ја напушти територијата на Република Северна Македонија, соопштуваат од Царината.

Во спротивно, како што е посочено во соопштението, ќе треба да се пријават на најблиската царинска испостава во местото каде привремено престојуваат и да започнат соодветна царинска постапка за увоз или привремен увоз на возилото.

OhridNews