Подземните контејнернери празни, ѓубрето на тротоар
Вести | Охрид | 20.03.2017 07:00Посети : 3171
Граѓаните се' уште не можат да се навикнат ѓубрето да го одлагаат во подземните контејнери во центарот на Охрид. Наместо таму, тоа се остава на тротоар на само десет метри од новите подземни контејнери кои беа поставени токму за да не се нагрдува строгиот центар на градот.
- Сликата е погрда од онаа претходната кога ѓубрето се фрлаше во старите контејнери, а смрдеата неизбежна. Верувам дека оние кои ги оставиле не им е јасно каде сега треба да се фрла ѓубрето. Очигледно треба на луѓето да им се објасни каде и како треба да се користат новите контејнери. - вели Никола од Охрид, кој вчера утрото ја затекнал ваквата слика на булеварот „Македонски Просветители“.
Реакции во јавноста имаше и кога се поставуваа подземните контејнери, од тоа како се изведени, до тоа дека локацијата не е најсоодветна, бидејќи во непосредна близина се наоѓа споменикот на Григор Прличев. Проблем очигледно претставува и недоволната информираност на граѓаните за правилно користење на подземните контејнери, но и лошите навики кои по правило кај нас не се санкционират.
OhridNews