ОГЛАСИ

Чарлс Симиќ поет од САД е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2017 година

Култура | Македонија | 21.03.2017 19:21Посети : 1527

На Свечената седница во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје беше соопштено дека Чарлс Симиќ поет од САД е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2017 година.



Во одлуката за наградата Советот за доделување на наградата и Управниот одбор се истакнува дека станува збор за еден оригинален поетски глас, кој во почетокот преку едно надреалистичко искуство постепено еволуира во карактеристичен забележувач на современието со изразени морални и филозофски прашања, исклучително јасен, сериозен но истовремено и забавен. Тој е поет кој создава во „духот на мрачната имагинација и ироничниот хумор“, ќе речат неговите критичари и прослдувачи и ќе додадат дека „многу е тешко да се опише, а тоа му е и едно големо признание. Делови од неговата поезија ги забележувате во соништата и заради тоа нивната реалност не комуницира со стварноста која ја гледаме со наши очи и уши“.


Роден е во Белград во 1938 година, во тогашна кралска Југославија. Toj е еден од најзначајните современи американски и светски поети и есеисти. Со семејството се сели во САД во 1953 година. Поезија започнал да пишува уште во средно училиште; на неговите поетски почетоци влијаеле американските поети: Волт Витман, Емили Дикинсон, Волас Стивенс... Неговата прва стихозбирка Што вели тревата (1967) е одлично примена од страна на критиката која со право забележува дека авторот е свртен многу повеќе кон руралното и кон Европа, отколку кон својата нова татковина. 


Како преведувач е особено значаен за популаризација на поезијата на значајни поети од јужнословенските земји. На англиски ги превел книгите поезија од: Васко Попа, Иван В. Лалиќ, Љубомир Симовиќ, Милорад Павиќ, Бранко Миљковиќ, Новица Тадиќ, Радмила Лазиќ, како и три антологии на модерна српска поезија, Славко Михалиќ од Хрватска, Томаж Шаламун од Словенија. На англиски јазик препеал и една збирка песни од Славко Јаневски (2002).


Од 1973 година е професор на Универзитетот во Њу Хемпшир, каде предавал американска книжевност и креативно пишување. Постојан критичар е на New York Review of books. Живее во Стафорд, Њу Хемпшир.


Член е на Американската академија за уметност и книжевност од 1995 година.


Годинешниот лауреат на наградата „Златен венец“ Чарлс Симиќ е награден за својот обемен опус во кој ингениозно го развива мајсторството на поетската слика во обработката на идеите за војната, историјата, индивидуализмот. Струшките вечери на поезијата доделувајќи му го ова престижно признание додаваат уште еден жив класик на современата светска поезија на грандиозната листа на добитници.


OhridNews

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Култура

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали ќе биде постигнат договор за спорот со името помеѓу Македонија и Грција?

Да

Не

Гласај

Да - 4 гласови (15%)

Не - 22 гласови (85%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833