ОГЛАСИ

Превенцијата и контролата на средината ги спречуваат или намалуваат алергиите

Живот | Здравје | 13.05.2017 07:00Посети : 1515

Пациентите со алергии поради несаканите ефекти на лековите (поспаност, малаксаност, замор, вртоглавици) честопати отсуствуваат од работа, училиште, спортски активности. Затоа, алергиските болести во последниве 20-30 години претставуваат не само медицински, туку и социјален и економски проблем. - вели Прим. Д-р Неда Ежова, специјалист по медицина на трудот и субспецијалист пулмоалерголог, во интервју за пролетното издание на магазинот „Наше Здравје“ што го издава аптекарскиот бренд „Виа Фарм“ во соработка со OhridNews.


„Наше Здравје“: За почеток, да ги запознаете читателите со симптомите како предзнак и со појавата на алергиите што се јавуваат во различни делови на телото и нивното влијание врз вкупното здравје?


Д-р Ежова: Алергија значи изменето реагирање (појава на болест) на одделни лица на одредени супстанци од надворешната средина кои се апсолутно нештетни за другите лица. Алергијата се дефинира како реакција на преосетливост предизвикана од имунолошки механизми при што главна улога играат алергените и продукцијата на специфичните ИгЕ антитела.
Алергените може да бидат инхалациони (респираторни) од надворешната средина (полени од дрвја, треви и плевели), а од внатрешната средина најважни се алергените од домашните микрокрлежи, мувлите и домашните миленици (куче, мачка, канаринци).


Инхалационите алергени предизвикуваат алергиски ринит, алергиски конјуктивит, алергиска астма, но може да предизвикаат и алергиски заболувања на кожата (уртикарија, атописки дерматит, контактен егзем).


Алергискиот ринит се појавува кај 23.1 % возрасни и 16.5% деца. Симптомите се лесно препознатливи, личат на настинка и се карактеризираат со хиперсекреција, прилив на крв во носната мукоза, чешање, кивање и затнат нос најмалку две недели. Честопати оди и во компилација со алергиски конјуктивит кој претставува воспаление на очната слузница (конјуктива) со типични симптоми на црвенило, јадеж, солзење, секрет, болка и фотофобија.


Доколку за 7-10 дена не се повлечат со вообичаената терапија, треба да се помисли на алергиски ринит и да се дијагностицира со алерголошки тестови и други дијагностички постапки. (Таб) Бронхијалната астма е хронична воспалителна болест на дишните патишта карактеризирана со пораст на реактивноста на бронхусите што доведува до повторувачки епизоди на свирење во градите, гушење, стегање и кашлица особено ноќе и во утринските часови.


Во групата на алергиските болести спаѓаат и алергиите на храна, лекови и инсекти . Алергиите на храна се јавуваат многу често (4.2%) и се во постојан пораст. Најчести прехрамбени продукти коишто кај сензибилизирани особи предизвикуваат алергии се: кравјото млеко, белката од јајце, сојата, рибата, брокулата, кикириките, оревите, сусамот.



Неалергиските реакции на преосетливост ги предизвикуваат продукти кои содржат поголеми количини на хистамин или предизвикуваат негово ослободување во дигестивниот тракт (риба, јагоди, јужно овошје). Може да бидат предизвикани и од некои ензимски дефицити во дигестивниот тракт, како што е неподносливоста на млеко кај лица со лактозен дефицит во црева, потоа адитиви и конзерванси. Клиничките симптоми на алергија од храна се најразлични во зависност од засегнатиот орган: црвенило, осипи, силен јадеж на кожата, болки во стомакот, грчеви, проливи и повраќање, појава на ринит и астматски напади. Најтешка реакција на преосетливост од храна е животно-загрозувачкиот анафилактичен шок.


Медикаментозната алергија е застапена кај 10.5% од луѓето кај нас. Најчесто се појавува од пеницилин, сулфонамиди, локални анестетици, нестероидни антиреуматици. Симптомите се најразлични во зависност од засегнатиот орган и тоа кожни реакции од типот на уртикарија, отоци на усните, очите, астма, гломерулонефрит, анафилактичен шок, серумска болест, васкулит.
Алергиите од убод на инсекти (пчела, оса, стршлен) се јавуваат кај 3.1% од граѓаните во Р. Македонија. Тие се едни од најтешките алергиски реакции често драматични и за пациентот и за медицинскиот персонал. Симптомите се локални на местото на убодот, со оток и црвенило со пречник од 10см, се развиваат за 24-48 часа, а се повлекуваат за 2-7 дена.


Системските реакции се класифицираат во 4 стадиуми: силна локална реакција со генерализирана уртикарија, оток во грлото, астматски напад, абдоминална болка и шок со нарушување на свеста. Алергиските болести поради високата преваленција, сложените патогенетски механизми, тежината на клиничките симптоми, повторувачките епизоди, потребата од лекување - лошо влијаат врз целокупното здравје.


„Наше Здравје“: Може ли да се “спречи” алергијата т.е. дали на неа делува само генетиката или околината?  


Д-р Ежова: Алергијата најчесто се поврзува со терминот атопија која се дефинира како лична или фамилијарна генетска предиспозиција за продукција на ИгЕ антитела како одговор на изложеност на ниски дози на алергени и притоа се појавуваат симптоми на астма, риноконјуктивит и атописки дерматит. Генетската предиспозиција е најсилниот мајорен ризик фактор за појава на атопискиот дерматит кој е првиот чекор кон појава на другите алергиски болести во натамошниот тек на животот. Ризикот за појава на атописки дерматит е 3-6 пати поголем кај деца чиј родител има атописка болест. Генетскиот фактор не е единствениот тригер фактор за развој на алергија. Иако причините не се сосема разјаснети, најчесто се наведуваат зголемената изложеност на алергени во животната и работната средина, вирусните и паразитарните инфекции особено кај децата кои ја намалуваат имунолошката стимулација, зголеменото аерозагадување.
За спречување или намалување на алергиите најзначајни се превенцијата и контролата на средината.



Д-р Ежова 


„Наше Здравје: Алергиите најмногу се јавуваат во пролет и во сончевите денови, а со нив и поленските алергии. Кажете ни ја барем почетната заштита од нив. 


Д-р Ежова: Пролетта е сезона на алергии поради изобилството на поленови зрна (поленов прав) во атмосферата со висок праг на провокација на м3 воздух, доволен да предизвика алергија. Полените во градските индустриски средини стануваат патогени поради аерозагадувањето и предизвикуваат алергиски болести на носот, очите, дишните патишта, кожата. Поленските алергии лесно се препознаваат и се од сезонски карактер: поленски алергиски ринит, поленскиот конјуктивит и поленската астма.
Потребни се одредени мерки за заштита од поленските алергии како на пример: останување дома кога бројот на поленови зрна е висок; следење на поленската концентрација во местото на живеење според поленските календари со цел намалување или избегнување на контактот со поленот кој ветерот и воздушните струења го носат и на оддалеченост од 100км; редовно косење на тревите и носење на очила при престој во надворешна средина; затворање на прозорците кога има зголемена концентрација на полен во воздухот.


„Наше Здравје“: Како врвен стручњак кај нас, дали ја поддржувате алтернативната медицина при лекувањето од разни алергии (хомеопатија, ароматерапија па дури и акупунктура)?


Д-р Ежова: Неспорно е дека алтернативната медицина треба да биде поддржувана во лекувањето на многу болести, вклучувајќи ги и алергиите. Но, поради комплексноста на патогенетските и имунолошките механизми кај алергиските заболувања треба внимателност при различни состојби на клиничките симптоми, при егзацербација на истите, како и поради се’ уште недоволните податоци за тераписките ефекти. За алтернативната медицина јас не можам да дадам одговор, бидејќи како лекар практицирам медицина базирана на докази.



„Наше Здравје“: Кои се предностите и недостатоците од терапија со кортикостероиди при лечење на алергиски реакции?


Д-р Ежова: Кортикостероидите без кои не може да се замисли лекувањето на алергиите се воведени за првпат во 1950 година и набрзо се докажал нивниот позитивен тераписки ефект. Но, при долготрајна употреба треба да се води сметка за нивните странични ефекти, особено врз централниот нервен систем во смисла на промена на расположението од еуфорија до депресија.


„Наше Здравје“: И, на крајот од нашиот разговор, има ли “рецепт” како да се заштитат децата - учениците од алергиите односно што треба да преземат родителите на тој план?


Д-р Ежова:Едукацијата на родителите и учениците е многу важна метода во запознавањето и информираноста со овој проблем. Тука се пред се мерките за пренатална профилакса (да не се пуши во текот на бременоста), доење на детето до 6-от месец, редукција на внатрешното аерозагадување (редовно чистење и перење на постелнините), проветрување, намалување на влажноста во просториите (купатилата), отстранување на играчки од ткаенини и на домашни миленици во семејства каде има алергии. Се препорачува исхрана богата со антиоксиданси, здрава храна со многу овошје и витамини.


Кај деца кои пројавиле атописки дерматит и алергиски ринит потребен е навремен третман со цел да се спречи појава на бронхијална астма и професионално ориентирање на децата и учениците кон професии со помала изложеност на алергени.


Кај кожните алергии особено кај децата, се советува родителот за правилна нега и хигиена, носење мека, памучна, широка облека што не ја иритира кожата. Во диететски мерки спаѓаат: да не се конзумира алкохол, да не се јаде зачинета храна, а да се јаде храна без конзерванси.


Кај алергичните лица се советува при сончање да не се користат миризливи лосиони, креми, дезодоранси кои ги привлекуваат инсектите. На излети да се избегнува оставање на овошје, слатко, мед, сокови во близина поради привлекување на пчели-оси со цел избегнување на ризикот од убод.


Кај уртикаријата од сонце се препорачува престој под сенка, користење на препарати како креми, масти со висок УВ –заштитен фактор.


OhridNews
извор: „Наше Здравје“

© 2017 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Живот

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали во екот на сезоната во Охрид треба да се одржуваат настани на отворено кои траат до доцна во ноќта?

Да

Не

Треба да постојат исклучоци, според строги правила

Гласај

Да - 1269 гласови (37%)

Не - 849 гласови (25%)

Треба да постојат исклучоци, според строги правила - 1283 гласови (38%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833