ОГЛАСИ

Разговор со Зоран Ногачески: Дебрца да биде општина со одржлив развој, изградена локална инфраструктура и перспектива за младите

Вести | Избори 2017 | 12.10.2017 07:00Посети : 1418

Зоран Ногачески, роден на 08.02.1966 година, живее во село Волино, Дебрца. Семеен човек. По професија е дипломиран правник. 21 година работи во локалната самоуправа, од кои 9 години секретар на советот на поранешната општина Мешеишта и 12 години во општина Дебрца како стручен и раководен државен службеник. Тој е кандидат за градоначалник на општина Дебрца на СДСМ на претстојните локални избори. Во разговор за OhridNews Ногачески ја претстави својата визија за Дебрца, која ја гледа како општина со одржлив економски развој, атрактивна за инвестиции, со изградена локална инфраструктура и перспектива за младите. Ветува транспарентно и отчетно работење, зајакнување на капацитетите на администрацијата за искористување на ЕУ фондовите, подобрување на животот на сите жители во општината. 



ON: Што ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник на Дебрца? 


З. Ногачески: Сите важни работи во мојот живот ми се случија тука, во срцето на моето село, Волино, во општина Дебрца. Токму затоа, селото претставува центарот на мојот свет, моето животно сидро и како дете од село тука имам намера да останам. Одлично ја познавам душата на селото, добро ги познавам секојдневните проблеми и маки на месното население, бидејќи тоа се и мои секојдневни проблеми и уште во младоста, како претседател на месната заедница во моето село и подоцна цели 21 година, како дел од тимовите на локалната самоуправа активно сум учествувал во нивното решавање. Токму тоа е мотивот кој ме натера да ја поднесам оваа кандидатура и да го ставам на располагање мојот човечки и интелектуален капацитет во решавањето на сите актуелни проблеми од животно значење за нашите граѓани.


ON: Каква е вашата визија за општината што прво ќе направите доколку ја добиете довербата од граѓаните?


З. Ногачески: Со мојот тим имам јасна визија и план за Дебрца и затоа да ги искористиме нејзините силни страни. Дебрца да биде општина со одржлив економски развој, со позитивен природен прираст, доволно атрактивна за привлекување на нови инвестиции, младите да ни останат тука, со изградена локална инфраструктура, посакувана дестинација за рурален туризам, еколошки чиста средина и производство на здрава храна, заштитено културно-историско и природно наследство, подобрена социјална средина, привлечно место за живеење и создавање.



ON: Каква локална самоуправа може да очекуваат граѓаните доколку вие ја водите?


З. Ногачески: Општина Дебрца како локална власт ќе биде општина со одговорно управување со општинските надлежности и ресурси, блиску и по мерка на граѓаните, со отчетно и транспарентно работење, општинска власт секогаш под лупа на граѓаните, со општинска администрација во служба на граѓаните, со функционални месни заедници, и активна граѓанска партиципација во процесот на донесување на локалните одлуки.


ON: Општина Дебрца е голема по територија, но не и по население. Луѓето особено во горна Дебрца се иселени или се иселуваат, како може да се променат ваквите демографски процеси?


З. Ногачески: Состојбата со демографските процеси во Дебрца е повеќе од алармантна и не е од сега. Затоа, акцентот ќе го ставиме на унапредување и развивање на локалната инфраструктура и локалниот економски развој. Мораме да обезбедиме повеќе можности за сите граѓани, повеќе пари за сите. Само така можеме да ги намалиме негативните демографски процеси во Дебрца.



ON: Најавата за изградба на регионална депонија во с. Годивје предизвика бурни реакции. Кој е вашиот став по ова прашање?


З. Ногачески: Нашиот став по ова прашање е повеќе од јасен и на повеќе пати сме го повториле. РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА ВО ДЕБРЦА НЕМА ДА ИМА. Недозволиво е регионалната депонија да биде лоцирана во еколошки најчистата општина, во недопрена природа, сочувана во нејзина автентична и изворна форма. Недозволиво е регионалната депонија да биде лоцирана во подрачје кое припаѓа на сливот на Охридското Езеро, кое претставува светско природно наследство, под заштита на УНЕСКО.


ON: Одредени делови од општината се соочуваат перманентно со недостиг на вода за пиење во летните месеци. Решение?


З. Ногачески: И покрај тоа што локалната власт во изминативе четири години ветуваше решавање на проблемите со водоснабдувањето факт е дека многу села останаа без вода за пиење, било поради недоволните количини на вода, било поради нерационалното управување со системите од страна на јавното претпријатие. Не помал проблем е и здравствената исправност на водата за пиење. Нашата заложба е да обезбедиме здрава и чиста вода за пиење во секое село во општината. За таа цел ќе пристапиме студиозно кон решавањето на овој животен проблем, експертите ќе ги кажат решенијата, а ние како локална самоуправа ќе ги имплементираме. Ако велиме живот во Дебрца за сите, тогаш прв предуслов за живот е водата, оти без вода нема живот.



ON: Како до повеќе средства за развој на општината, можеби од ЕУ фондовите, имате ли планови на ова поле и какви се капацитетите на општината по ова прашање?


З. Ногачески: Не треба да се потпираме само на средствата од Буџетот на РМ или ограничените средства од изворните приходи. Можности има. На располагање се средствата од ЕУ фондовите, но и од други меѓународни донатори. Само треба желба, работа и квалитетни проекти. За таа цел ќе ги зајакнеме и капацитетите на општинската администрација и убеден сум дека ќе донесеме пари и имплементираме многу проекти од животно значење за граѓаните на Дебрца.


ON: Екологија, туризам, развој на земјоделие, индустрија или нешто друго. Што може да развива Дебрца?


З. Ногачески: Дебрца има силни страни, предуслови за развој на земјоделие, еко туризам и затоа тоа треба да го искористиме. Локалниот економски развој, претставува можност за економско зајакнување на населението, нови вработувања и просперитет за сите жители на општината. И истиот треба да биде пред се во функција на развојот на земјоделието. Тоа може да се постигне со изградба на помали преработувачки капацитети, чија суровинска основа, ќе ја обезбедува интензивираното земјоделско и сточарско производство, во рамките на индивидуалните домаќинства, како и мини фарми, чиј развој програмски треба да се поддржува и стимулира со соодветни мерки. Во општина Дебрца работат повеќе мали и средни фирми. За нив е потребно да се води сметка. Да имаат фер услови за водење на бизнисот и за развој. Секако Дебрца мора да стане и посакувана туристичка дестинација.



ON: Изградбата на автопатот Охрид - Кичево ќе понуди поинаква персепктива за жителите на Дебрца. Но овој капитален проект се соочува и со сериозно проблеми кои ги засегаат и локалните жители. Дел од нив се жалат на експропријацијата, други стравуват дека ќе останат отсечени од главната сообраќајна артерија. Како гледате на реализацијата на овој проект, ќе побарате ли можеби некакви измени и промени?


З. Ногачески: Изградбата на автопатот Охрид-Кичево е секако значаен проект и за Дебрца, значајна патна артерија, која во најголем дел минува низ општината. Меѓутоа, Вие да започнете еден ваков проект, а притоа во него да ги нема основните решенија за жителите кои живеат каде што поминува автопатот, навистина во најмала рака е неодговорно и нестручно постапување. Во Проектот првично не беа предвидени ниту приклучните клучки, ниту пристапните и алтернативните патишта за жителите од селата во Дебрца. Затоа, ќе бараме целосно ревидирање на проектот и барање да се вградат решенијата, со што автопатот ќе биде во функција на граѓаните на Дебрца, а не бариера која ќе ги отсече од светот.
За експропријацијата и да не коментираме. На граѓаните да им нудите мизерен надоместок за нивните имоти, далеку под пазарните цени јасно покажува колку ви се важни граѓаните.



ON: Порака до гласачите: 


З. Ногачески: Дебрца заслужува подобро. Затоа, подавам рака на сите граѓани, без оглед на националната, религиозната и партиската припадност, заедно да се избориме за една подобра и понадежна Дебрца.
Дебрца во која секој е важен и секој ќе биде важен.
Дебрца во која ќе живееме и создаваме.
Да се избориме за живот во Дебрца.
Живот за сите!


OhridNews

© 2017 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Вести

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали е потребно формирање специјална служба - полиција за борба против загадувачите на животната средина?

Да

Не

Надлежните служби треба да почнат да ја вршат својата работа

Гласај

Да - 404 гласови (40%)

Не - 88 гласови (9%)

Надлежните служби треба да почнат да ја вршат својата работа - 529 гласови (52%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833