ОГЛАСИ

Колумна: Кој кого предаде?

Отворена | Колумни | 29.05.2013 00:53Посети : 9557

На вториот ден од екстерното тестирање одлучив многу малку да напишам за министерот (кој замина) и владините реформи, затоа што оддамна видовме што значат и колку се “корисни”. Колку повеќе реформи толку помал квалитет во образованието. Во оваа колумна сакам да се обратам на сите просветни работници, затоа што од нив и очекувам, затоа што ги почитувам. Ова е текст за сите просветни работници кои вчера го оставија Кирил САМ. Тој САМ ама свој, тие заедно ама повеќе продадени отколку СВОИ.

Екстерното оценување е погрешен модел од многу причини. Објаснувањата кои ги даваат неговите спроведувачи се неиздржани и неубедливи. Задолжителното образование, проблемите во оценување како и дисторзијата на образовниот систем е вина најповеќе на политиката која ја водат владите во оваа земја, па после тоа од професорите а најмалку од учениците и затоа не знам од каде потребата од дополнителна контрола само на последниве две групи на граѓани. Од Министерството за образование немаат право да ни зборуваат за тоа дека некој поклонувал оценки или пак е неправилно оценет, затоа што треба да знаат а знаат, дека најголем број на ургенции за зголемување на оценки доаѓаат токму од партиските комитети, поточно од партиските моќници во градот или државата. Кого почитувани тогаш конторлирате? Самите себе, или пак уште повеќе сакате да ја зголемите зависноста на овие кои оддамна ви замолчеа?!

Ваквиот метод е пред се кампањски, па по таа логика не разбирам зошто од учениците би се барала редовност кога некој за целогодишниот ангажман ќе ве оцени во само петнаесетина минути. Покрај другото, екстерното оценување овозможува не само освета на ученикот кон определен професор туку и освета на министерот (кој и да било) кон професорот. Овој модел е класичен пример за тоа како компјутерите ги заменуваат луѓето, но не смееме да ја заборавиме разликата меѓу машина и професор. Просветните работници за разлика од машините може точно да препознаат кога еден ученик е вознемирен, кога е неспремен, кога вистински или ненамерно погрешил. Знаењето не е “мис убавица” која треба да остави прв впечаток во неколку минути. Тоа е еден долготраен процес.

Да бидеме искрени до крај, во најголем дел самите професори не успеаја да ја спасат сопствената позиција и сопственото достоинство. Нивниот однос дозволи да се постапува така со нив и ги доведе во оваа позиција. Кога предизборно ги мотивираа со смешни сменоводителски позиции и измислени места од типот “заменик директор”, тогаш сите забораваат на вредноста на образованието. Од просветувачи, голем дел се претворија во кафеготвачи на некој од раководителите. Што и да им се наложеше тоа и го правеа. Одеа по трибини, во автобуси и за власт и за опозиција, но многу ретко од идеологија или од потреба за подршка на некоја партиска програма која би донела подобрување во образованието. Сето погоре напишано не го правеа оние кои вистински им зависеше работното место, односно оние кои беа времено агнажирани, па и некако да ги разбереме, туку напротив во најголем дел оние кои имаа регулиран работен однос.

Во меѓувреме камелеонски се прилагодија и веќе ја намонтираа лажната љубезност за новите раководни структури, затоа што за нив сега е поважно да добијат подобра распределба на часовите отколку подобар образовен систем. Боли знам, но тоа е соочување со вистината и првиот чекор за подобрување на состојбите. Тестот на зрелоста не го положија и кога се обидоа да бидат сложни во случајот “Дојчин Цветановски”. Постојат и исклучоци, но како може еден Кирил - еден ученик да ви помогне, кога вие сами си одмагате.

Професорите веројатно заборавија кога пред повеќе од десеттина години го згаснаа протестот на учениците со недемократски механизми. Голем дел од нив на многу директен начин ни се закануваа уверувајќи не дека, доколку некој од нас се обиде да оди на протест ќе има недоволен еден или пак ќе биде исклучен од училиште. Денес како бумеранг им се врати со третманот кон нив од страна на властите, иако има по некој доблесен Кирил да ги одбрани. Еден поранешен ситем премногу ја глорифицираше професијата професор правејќи ги светци, при што комотно залегнаа во таа позиција не мислејќи какви последици може да настанат од таквото однесување. Сепак треба да сме совршено свесни дека ако професорите не се светци а не се, и учниците не се калуѓери. Најважна е симбиозата меѓу овие комплементарни добра за да не може која и да било Влада да си поигрува со нив. Време е за взаемна почит а не зависнот, надреденост или подреденост. Време е за заедничка и отворена расправа во директна борба против политиката во образованието која понатаму уште повеќе ќе предизвика раздор меѓу овие две групи, додека министрите од врвот ќе си играат рингишпил со позициите.

Учниците се мои херои оваа недела. Тие се обидоа, го кренаа гласот, но што можат со своето кратко искуство и својата кршливост наспроти автократските институции, Владата и латентно партиски обоените и исплашени професори. Некој не предаде, а не е земојделецот, рударот, работникот ?! Да не е случајно интелектуалецот?! Поентата е многу едноставна и ја има во насловот иако е во прашална форма. Затоа се прашувам дали оние заради кои станавме интелектуалци, дали тие денес се однесуваат интелектуално? Интелектуалецот мора да трага по подобриот начин дури и кога сето тоа изгледа лудо и нерационално. Голем дел од моите поддржувачи се просветните работници. Се надевам дека овој текст ќе го сфатите како борба за вас и учениците и нема само да климнете со главата пред вашиот копјутер, нема лично да го примите, туку утре со утринското кафе ќе го коментирате, критикувате, фалите со вашите колеги, со вашата фела. Што сакате, само ВЕ молам немој повторно да ја премолчете поентата, вистината.

п.с. Очекувам професорите и учениците заеднички да го изборат најдобриот модел за сите, без оглед на тоа дали ќе се на улица, пред училиште, пред Влада. Денес ми е мило што барем малку придонесов со став, ваков или онаков кој се однесува на екстерното оценување, но тоа нема да ја намали тежнината која ја чувствувам кога еден мој роднина (просветен работник), пред многу години ме убеди да останам во школските клупи тогаш кога дел од мојата генерација беше на улиците во одбрана на образованието. Не дозволувајте никој да ве убеди, да немате потреба да пишувате емотивни текстови по дванаесет години.


Дејан Блажески
Либерално демократска партија
(авторот е докторант од областа на економските науки)


*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите. 




© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Отворена

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали ќе биде постигнат договор за спорот со името помеѓу Македонија и Грција?

Да

Не

Гласај

Да - 563 гласови (31%)

Не - 1257 гласови (69%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833