ОГЛАСИ

Во Вруток се јаде повеќе пастрмка отколку во Охрид и Струга

Живот | Репортажи / Фељтон | 14.04.2014 08:00Посети : 8656

Прекрасната природа, чистиот планински воздух и неповторливиот жубор на изворите на реката Вардар, го прават Вруток вистински рај за одмор и рекреација. Ова гостиварско село, кое е сместено на работ на Полошката котлина, во подножјето на Шар Планина, во последните неколку години прераснува во вистински магнет за туристите, кои доаѓаат да ги вкусат најсвежите специјалитети од пастрмка.



Во селото, кое активно развива еко-туризам, во моментов  работат пет рибници, кои годишно произведуваат над 200 тони калифорниска пастрмка. Најголемиот дел од произведената риба се подготвува во вруточките рибни ресторaни „Бурими“, „Панорама“, „Кај Симе“, „Бигор“ и „Златна пастрмка“, кои имаат гости во текот на целата година. Секој од рестораните е карактеристичен на свој начин и има посебно уредена околина.



-Овде во Вруток се јаде повеќе пастрмка и од Охрид и од Струга, а рибата која ја служиме тука е со посебен вкус, бидејќи се подготвува свежа, директно од басен. Најчесто доаѓаат гости по препорака, но имаме и редовни гости кои заедно со своите семејства и пријатели често ручаат или вечераат кај нас, велат вработените во рибните ресторани.




Покрај риба, на вруточкото мени има и други специјалитети карактеристични за полошко, како што се месо под сач, тавче–гравче, печено јаре, шарпланинско овчо сирење, качамак, галички кашкавал, како и многу традиционални десерти.



Дел од гостите кои ги затекнавме во рестораните велат дека Вруток полека но сигурно станува  најпосетеното туристичко место во гостиварско.


-Тука доаѓаат многу домашни и странски гости, особено политички делегации и дипломати, како и многу други вип личности. Посетеноста е голема во текот на викендите и летниот период, кога вистинска среќа е да најдеш слободна маса, велат браќата Петар и Зоран Ристоски, од Гостивар.



Нивниот другар Игор Спасеноски, вели дека Вруток освен за туристите, станува атрактивно место и за младите гостиварци.


-Од Гостивар до Вруток има околу 7 километри, а од магистралата која води кон Охрид, само 5 километри. Понудата на рестораните е добра, цените се многу пристапни, па многу подобро е со друштвото да дојдеш во Вруток, отколку да излезеш во угостителските објекти во градот. Освен во текот на вечерните часови, често пати доаѓаме тука и преку ден, за да се напиеме кафе, вели Игор.


Според него Вруток има уште поголем потенцијал за туризам, но потребни му се сместувачки капацитети, каде што туристите и гостите би можеле да останат и по неколку дена.



Интересно за еден од рибниците во Вруток е тоа што тука, за прв пат во 1987 година е произведена златната пастрмка, а пред неколку години добиена е и првата пастрмка со сребрена боја. Освен по рибата, Вруток е познат и по првата хидроцентрала во Долнополошкиот регион која се наоѓа источно од селото.



Во селото може да се посетат манастирот „Света Мина“ и црква „Свети Архангел Михаил“, како Бектешиско и Шелериско теќе. Вруток е интересен  и за љубителите на археолошките локалитети. Такви во селото има три: „Селиште“, „Бигор“ и „Лазови“. Вруток претставува и редок пример за селска мултиетничка средина, каде што во соживот живеат македонци и албанци.


Е.М

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Живот

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали прославата на Водици во Охрид треба да има кум?

Да

Не

Гласај

Да - 290 гласови (38%)

Не - 481 гласови (62%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833