ОГЛАСИ

Фељтон: Климе Савин: Победува оној што на нозе го завршува маратонот

Живот | Репортажи / Фељтон | 05.05.2014 07:00Посети : 4525

Култура која не е способна да препознае подвиг е осудена на брза и сеопфатна пропаст. Тоа се покажува вистинито во многу различни форми.

Подвигот за кој ќе се пишува во овој текст, имено придонесот на Климе Савин за развојот на маратонското пливање во Охрид, не поминал без да биде препознат, а наша заложба, како негови современи сограѓани, е да не дозволиме тој да биде заборавен.

За внимателното документирање на овие случувања пред се треба да му бидеме благодарни на Александар Леко Радиќ кој, како што и самиот кажа неодамна во разговор на истиов медиум, напишал седум книги за пливањето и спортот во градов.

Прв маратон за Климе Савин (1941-1995) бил Охридскиот од Св. Наум до Охрид (24 км) во 1959. Уште во оваа прилика му се покажува дека за пливање маратон не е потребна само желба – при лекарската контрола по 10 километри му било наредено да го прекине пливањето затоа што му биле измерени 120 удари на срцето во минута – неговото тело не можело така наеднаш, без соодветна подготовка, да го износи стремежот на неговиот дух.

Со учеството на неколку интернационални пливачки маратони: Капри-Неапол (1962 и 1963г., 33 км), Пештани-Струга-Охрид (1962 г., 36 км) како и Кабрет-Исмаилија (Суецки канал 1963 г. 45 км) тој се промовира како професионален пливач. Ова се негови први успешно испливани маратони во кои тој учествува во конкуренција со најдобрите, а дома во него се полагаат надежи поради неговата возраст и покажаните успеси без притоа да има големо искуство зад себе.

Охрид засекогаш ќе го памети поради неговиот настап на вториот Светски шампионат во маратонско пливање на слатки води одржан во Охрид во 1964. Таа година дваесетина учесници од десет земји ја пливале патеката Пештани-Струга-Охрид со должина од 36 километри. Според описот на Леко Радиќ (Климе Савин - 3000 километри на маратоните низ светот) во првиот дел од трката професионалните пливачи се обидувале да ги престигнат аматерите и Марија Јонкова (единствената жена) кои стартувале нешто порано и се наоѓале пред нив.

Редоследот на пливачите при контролниот пункт кај Струга бил следниот: светскиот ас Џулио Траваљо (ИТА) поминал прв со околу 800 метри предност, аматерот Мохамед Ханафи (ЕГИ) поминал втор следен од Мохамед Гама (ЕГИ), четврт бил Абас Абед (Ирак), а нашиот Климе Савин поминал како петти. Вложувајќи нови сили Савин успеал после Струга да дојде на третата позиција зад Траваљо, кој му го препуштил водството на Ханафи.

И ден денес, борбата помеѓу двајцата професионални пливачи во последната фаза од трката ги растреперува срцата, особено кај оние кои директно ја сведочеле. Во близина на Канео, по десет часа пливање, растојанието помеѓу Савин и Траваљо било само околу 300 метри. Френетично бодрен од публиката во десетици кајчиња, Савин преминал во напад. Како што станувала поблиска целта пред хотелот Палас, опкружена со илјадници озарени гледачи, така се намалувала и предноста на Траваљо пред Савин. Непосредно пред целта растојанието меѓу нив се намалило на неколку метри и Италијанецот завршил прв за еден замав со раката паѓајќи во бесознание. Савин заедно со Нико Нестор го подигнал победникот од водата и веднаш му била дадена прва помош. Според Леко Радиќ - првите зборови на Траваљо, штом се освестил два часа подоцна, биле: Кој стаса прв на целта, јас или Савин?

Настапите продолжиле прво уште истата година во Александрија, Египет; па наредната во Неапол и Охрид; во 1967 година ќе направи Канадска турнеја. Се зборува и за ривалитетот кој го имале со Дики Бојаџи. Главно сите понатамошни постигнувања се засенети од оној втор Охридски маратон.
Денес покрај патеката по која се плива маратонот во Охрид, неговото име го носи и наградата за придонес во развојот на маратонското пливање.


Александар Мицески
(за материјалите му благодарам на Ристе Савин)

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Живот

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали ќе биде постигнат договор за спорот со името помеѓу Македонија и Грција?

Да

Не

Гласај

Да - 4 гласови (15%)

Не - 22 гласови (85%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833