ОГЛАСИ

Интервју со Д-р Горан Балевски: Треба да знаеш да сонуваш и да си доволно храбар и упорен за сонот да го претвориш во реалност

Интервју | Интервју | 18.10.2015 13:10Посети : 11797

Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат неизбришлива трага меѓу своите сограѓани, но и надвор од нивниот роден град и земја. Овој пат OhridNews ќе ви открие како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика со која се релаксираат, колку наоѓаат време за своите пријатели...


Во првото од серијалот интервјуа со познати и успешни охриѓани ќе откриеме нешто повеќе за приватниот живот на д- р Горан Балевски, Сепецијалист хирург- уролог во охридската Општа болница, зад кого годишно се и над 500 хируршки интервенции, бројни прегледи. Во 2013 избран меѓу најдобрите 40 доктори во Македонија, препознатлив по речиси пријателскиот однос со своите пациенти, за кои многу значи убавиот збор и однос. Семеен човек, татко на две деца, д- р Балевски вели дека за да се успее во животот потребно е да знаеш да сонуваш, а потоа да си доволно упорен, храбар и издржлив за сонот да го претвориш во реалност.


OhridNews: Како Ви започнува денот? Со кого го пиете утринското кафе?


Д-р Балевски: Денот го започнувам доста  рано без разлика дали е работен ден или викенд. Во работни денови легнувам доста рано за да можам наредниот ден  да оперирам, а бидејќи секој ден имам операции, речиси цела година во работни денови никогаш не легнувам подоцна од 22 часот. Денот го започнувам во разговори со сопругата, посебно во овој период кога двете деца ми се на факултет во Скопје. Немам обврска да ги разнесувам по училишта и некако тоа што порано ми беше утринска обврска сега почна да ми недостасува. Иако можеби звучи неверојатно кафе не пијам, но рано доручкувам и со тоа се компензирам кај жена ми пред да заминеме на работа, да имаме време за наши разговори.



Д-р Горан Балевски со сопругата во Версај


OhridNews: Покрај бројните обврски кои секојдневно ги имате, колку Ви останува слободно време во текот на денот и како најчесто го поминувате?


Д-р Балевски: Ми останува многу малку слободно време во текот на неделата. Годишно изведувам околу 500 операции кои бараат максимален ангажман како физички така и психички.Уролошкото одделение во Охрид,  со кое раководам,  изведува највеќе операции во регионот. Екипата како и целокупниот персонал се максимално обучени и стручни, со 20 луѓе персонал да се изведат толку многу операциии, прегледи и дежурства е навистина голем товар. Охрид е идеален за фамилијарен живот и тоа треба да се цени. Се е достапно и околу нас, па не губам многу време за останатите обврски. Во работни денови ретко кога излегувам навечер, обично сакам да пешачам покрај езерото со сопругата или со децата ако се во Охрид. За да си хирург-уролог  мораш да имаш максимална поддршка од семејството, бидејќи сум ослободен од доста фамилијарни обврски кои паѓаат на товар на сопругата. Имав голема среќа да имам максимална поддршка од мојата фамилија за ова што го работам. Потешко од хирург е да си жена на хирург која треба да ги сфати сите твои стресови и проблеми кои доаѓаат од работата. За голема среќа со сопругата сме во брак 25 години и да не беше нејзината поддршка не би можел да го работам ова што сега го работам.


Од младите специјализанти кои ги едуцирам барам да не пијат, да не пушат, да не шетаат по кафичи во работни денови, млади да се женат и да спортуваат, или да се откажат од хурургијата и изберат специјалност која не е поврзана со држење на скалпел во рака.



На работното место


OhridNews: Колку вам ви значат пријателите, дали сметате дека ги имате „ вистинските“ околу Вас, дали наоѓате време за нив и како најчесто го поминувате?


Д-р Балевски: Ги имам веројатно најдобрите другари и пријатели на светот со кои имаме одлични средби и дружења. Имаме свои обичаи и традиции кои траат многу години. Во петок одиме на грав во ресторан, тие одлично ја познаваат мојата професија и ме разбираат па не ми се лутат што нон- стоп доцнам. Во оваа време да имаш другари како Мичо, Илче, Игор, Рику, кои се искрени другари  е навистина богатство кое не се купува со пари и кое нема цена.


OhridNews: Живееме во мала средина во која озборувањето, за жал, е дел од секојдневието. Дали до Вас допреле некакви озборувања за вас лично и како реагирате на нив?


Д-р Балевски: Озборувањата се дел од секојдневието, за град како Охрид е нормална појава. Ги имало и ќе ги има. Има луѓе кои немаат сопствен живот,своја фамилија, круг на другари,  пријатели и имаат многу слободно време, па наместо да го живеат сопствениот живот го живеат туѓиот. Но, ако на секој што рекол нешто против вас реагирате и губите време ќе го живеете нивниот лажен живот, а не својот кој ним им недостасува па затоа озборуваат.


OhridNews: Со каква музика се релаксирате? Омилени музичари?


Д-р Балевски: Слушам музика и измеѓу операции во оперативниот блок каде работам, додека оперирам и тоа воглавном инструментална музика. Највеќе уживам во музиката на нашиот сограѓанин Дамјан Пејчиноски кој може слободно да се натпреварува со најдобрите светски гитаристи. Пред десет дена имав чест, во мојот дом да свири на акустична гитара заедно со колегата  хирург Никола Симоноски кој исто така одлично свири. Тоа беше вистински хепенинг за две гитари што го надополнуваше прекрасниот поглед кон езерото пред нас.


OhridNews: Хоби за кое никогаш не жалите да потрошите часови и часови...


Д-р Балевски: Во прв ред тоа е нуркањето,меѓутоа времето се помалку ми дозволува да се занимавам со нуркање. И тука медицината дојде на прво место, бидејќи повеќе се занимавам со лекување, превенција, прегледи, селекција на нуркачи, а помалку време имам активно да нуркам. Меѓутоа,  сеуште сакам да нуркам. Учествувам  во  многу проекти од подводно деминирање до чистење на Охридското езеро, низ моите раце и тимот за подводно деминирање поминале 20 тони експлозивни материи. Сеуште сум единствен лекар за подводна и хипербарична медицина и ме радува и релаксира работата како лекар со нуркачите од целиот регион. Ме радува и што со Мичо успеавме да направиме една силна екипа на квалитетни нуркачи кои се максимално заштитени со хипербарична комора, што направивме одлични проекти и го промовиравме градот Охрид низ целиот регион.



Со синот на нуркање


OhridNews: Дали ги сакате патувањата? Кои патувања никогаш нема да ги заборавите и зошто?


Д-р Балевски: Фамилјарно често патуваме. Воглавно со автомобил, но последните години патуваме и со комбе кое сами го возиме и посетуваме многу градови. Последна тура које ќе ми остане во долго секавање е фамилијарното патување со комбе од Охрид до Барселона со поминати 7000 км низ италијанската, француската и шпанската ривиера. Сакам авантуристички одмор, да посетам што повеќе места, при што детално ја изучувам историјата, обичаите, храната, музиката. Доста често со фамилијата патуваме  за Париз и Малме каде имаме одлични другари и пријатели. Нема да ги заборавам ни нуркачките патувања во Хургада- Египет каде бевме екипа од триесеттина нуркачи од Охрид и имав незаборавно нуркање со Мичо на длабочина од 73 метри на компримиран воздух. Често одам во Словенија каде живее мојот брат. Таму одам и на скијање, со оглед на тоа дека целата фамилија скија, често од таму одиме во австриските скијалишта. Последните две години, често со сопругата одам на патување со мотор и така можам да ги посетам и помалите места низ регионот. Патувањата со мотор се посебна адреналинска екскурзија која е особено интересна.



Во посета на Лувр


OhridNews: Доколку не живеете во Охрид, кое е местото во кое би се чуствувале „како дома“?


Д-р Балевски: Имам една голема маана, да не речам болест- не можам без Охрид, без езерото, без Варош, без охриѓани, без животот во Охрид. Голема привилегија е да живееш во Охрид. Не би можел да живеам во друг град, каде и да одам колку и да сум бил долго во друга држава, моментот кога влегуваш во Охрид кај аеродромот, каде од десна страна го гледаш езерото, природата, градот каде си роден и каде живееш тешко дека ќе можите да го замените со друго место. Не постои место каде би можел да живеам како дома, а да не е Охрид. Поради љубовта кон градот, езерото, луѓето и другарите морав да одбијам работни места за кои некои не можат ни да сонуваат. Погледот кон езерото од куќата во која живеам не се менува со ништо. Истата „ болест“  ја има и мојот брат Д- р Игор Балевски, кардиолог,  кој живее и работи во Словенија и кој доаѓа на  секои две недели во Охрид, како и мојот внук Круме кој цело лето е во Охрид.



Со мајката Благуна на промоцијата на братот Игор Балевски во доктор
на медицински науки од инт. кардиологија во Љубљана Словенија


OhridNews: Од кого најлесно примате критика и од кого таа најчесто доаѓа?


Д-р Балевски: Најлесно примам критика од моите деца, мојот син Ристе, кој е при крај со студиите на Медицински факултет и мојата ќерка, Анастасија која е во прва година на Медицински факултет и од сопругата Весна која е фармацефт. Обично знам дека се во право, ама се извлекувам некако.


OhridNews: Исклучиво македонска традиционална храна или поддеднакво уживате и во специјалитети од други интернационални кујни?


Д-р Балевски: Исклучиво македонска традиционална храна. Особено храна подготвена на стар варошки начин, начин на подготовка наследен од баба ми Сиче, па преку мајка ми Д- р Благуна е нешто што го нема во ниту еден ресторан. Останата храна која ја обожавам е храната која ја подготвуваат под сач моите другари Илче и Игор, кои имаат направено еден простор само за гурмани и каде често се собираме. Оваа година имав голема чест и задоволство да запознам готвач кој живее во Охрид, Синиша, кој работел во Германија и кој пред нас подготвуваше италијански специјалитети, човекот е уметник.


OhridNews: Што повеќе Ве релаксира- добар филм или добра книга?


Д-р Балевски: И двете работи, но голем проблем е недостатокот на време. Доста читам медицинска литература, да не речам секојдневно, а за други книги имам време само додека сум на одмор или во празници. Иако сум голем љубител на филмови немам доволно време да изгледам добар филм, бидејќи уморот преовладува особено што ги гледам во домашна атмосфера.


OhridNews: Дали има нешто што од секогаш сте сакале да го направите, но не сте имале можност до сега?


Д-р Балевски: Од порано имам голема желба да отвориме една голема фамилијарна приватна болница за урологија и кардиологија по примерот на фамилијарните приватни болници во странство. Сите во фамилијата сме доктори или ќе бидат доктори. Нашите заеднички ручеци се сведуваат само на разговори за болести и пациенти. До сега не сум имал можност да ја реализирам оваа идеја, со напомена да биде исклучиво во Охрид.



Со семејството


OhridNews: Најсреќниот и најтажниот момент во вашиот живот?


Д-р Балевски: Најсреќен момент во мојот живот е секако раѓањето на двете деца Ристе и Анастасија. Првото го добив на 21 годишна возраст, а второто на 26 години. Најсреќни моменти од кариерата се: првата операција на бубрег(вадење на десен бубрег поради тумор) која ја извршив самостално во Охрид кога наполнив 30 години, како и воведувањето на ендоскопски процедури во Охрид на 33 годишна возраст. Најтажен момент секако е смртта на татко ми на мои 10 години. Понатаму кога отидовме цела фамилија на преговори за работа во Словенија, одењето на работа во Скопје во приватна болница и напуштањето на Охрид и секој септември кога внук ми Круме заминува за Словенија.



За Нова Година во Салцбург - Австрија


OhridNews: Клучот за успешен приватен и професионален живот?


Д-р Балевски: Не постои клуч за успешен приватен и професионален живот. Потребни се многу труд,  работа, многу откажувања, среќа, здравје, многу љубов кон животот, кон фамилијата, работата. Потребно е да знаеш да сонуваш, а потоа да си доволно упорен, храбар и издржлив за тој сон да го претвориш во реалност.Моите соништа продолжуваат и понатаму....


Taња Кувенџиска

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Интервју

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали паркирањето во Охрид треба да се модернизира?

Да

Не

Гласај

Да - 1397 гласови (88%)

Не - 191 гласови (12%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833