ОГЛАСИ

Интервју со Анета Вршкоска-Јованоска:Му се радувам на секој нов ден

Интервју | Интервју | 20.12.2015 08:00Посети : 5044

Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат неизбришлива трага меѓу своите сограѓани.OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика со која се релаксираат, колку наоѓаат време за своите пријатели...


Насмеана и секогаш позитивна,како дел од општинскиот Црвен крст им помага на бројни наши сограѓани,бидејќи хуманоста е дел од нејзиното секојдневие.Помага кога и да е во можност,но како што вели- за тоа не сака да зборува.Анета Вршкоска Јованоска-сопруга,мајка,дел од тимот на Црвен крст,актер аматер,сликар,водител на емисии,аниматор на детски забави...вели дека му се радува на секој нов ден,се гордее со секој постигнат успех и ако може кај охриѓани би ја променила еколошката свест.

OhridNews:Кој Ви е омилен дел од денот, повеќе му се радувате на утрото или приквечерието?

А.В.Ј:Се радувам на секој новороден ден, на сончевината на денот, но морам да признам дека уживам гледајки во хоризонтот како големото синило, нашето прекрасно Охридско езеро ги скротува последните зраци, а небото ги има сите бои на пурпурот.Оваа есен имавме толку многу убави зајдисонца и си подарив колку што можев повеќе.

OhridNews:Омилен начин да го поминете слободниот викенд?

А.В.Ј:Убава велосипедска или планинарска тура до некоја дестинација со позитивни луѓе,каде откривам нови непознати предели и убавини на нашата прекрасна мала Македонија,што по можност завршила со релаксациона масажа.



OhridNews:Ангажирана во општинскиот Црвен крст,аниматор на детски забави,сликање,планинарење,возење велосипед...има ли уште нешто со што Анета го исполнува слободното време?

А.В.Ј:Реално изгледа дека се многу активности за една жена која покрај сите тие  како професионални така и рекреативни ги има и сите домашни обврски во семејството,сепак  наоѓам време и за добра книга или филм кој обично го гледаме заедно со семејството  во недела во 20:00 часот,бидејќи тогаш има премиери на еден ТВ канал. Овде морам да ја споменам и мојата љубов кон театарот бидејќи долго време бев член на аматерскиот театар во Охрид кога „Сомнително лице“,претставата во која ја имав улогата на сопругата на Јеротие и „Ништо без Трифолио“, каде ја играв улогата на Петунија, ја исполнуваа салата до последното место. Не пропуштам можност да уживам во скоро сите претстави на „Охридско Лето“ и за мое огромно задоволство сум играла и во две претстави во „Дон Жуан“ во режија на Ненад Стојаноски, како статист, и во „Калигула“ во режија на Коле Ангелески како замена за актерката во улога на жена на еден од војсководците на Калигула. Посебно задоволство е улогата на  режисер на монодрама работена по извадоци  од романот „Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреески што ги селектира поетот и есеист Славе Ѓорго Димоски, а актер беше Христина Цветаноска.Со монодрамата стигнавме и до ФАТ(Фестивал за аматерски театар) во Кочани.Оние кои пак ја гледале „Детектор за лаги“ на Охридски театар, ме виделе во улогата на „кранистката“ што оди како снимен материјал.



Како член на аматерскиот театар во Охрид



OhridNews:Секојдневно за помош Ви се обраќаат наши сограѓани кои се во тешка економска или здравствена состојба.Колку нивните проблеми оставаат трага врз Вашето секојдневие?

А.В.Ј:Колку и да се обидувам кога си одам дома да ги оставам проблемите од моите сограѓани надвор, тоа не е возможно.Мојата сензибилност и емотивност кон одредени случаи понекогаш ни во сонот не ме оставаат на мира, сепак сето тоа се компензира со некоја топла прегратка, со солзи радосници, со искрено благодарам, со мајко, сестро ...

OhridNews:Да имате можност,кои се првите три работи кои би ги промениле во Охрид?

А.В.Ј:Еколошката свест кај целото население,под 1,2 и 3.Тоа е она што од петни жили во рамките на моите можности се обидувам да  променам.Планетава не ја наследивме од нашите предци,туку ја позајмивме од идните генерации.Да ја сочуваме сите заедно!



OhridNews:Прочитана книга или изгледан филм кој би им го препорачале на своите пријатели?

А.В.Ј:Иако за мене поезијата е лек, ќе препорачам роман „Кога полжавите летаа“ од Петре Бакески кој е роман на денешницата и во кој лесно може да се препознаат реалните случки и личности, иако се со различни имиња. Новиот филм на Илија Пиперкоски „Последниот Македонец-пат до истребување“, за сите кои сакаат да знаат кои сме и зошто сме тоа што сме...




Во Шри Ланка


OhridNews:Незаборавно патување....

А.В.Ј: „Не кажувај ми што школо си завршил, туку кажи ми каде се си прошетал по светот“,рекол стариот мудрец.Секое патување е убаво само за себе.Би ги издвоила свадбеното патување  со мојот сопруг Александар на островот Шри Ланка (Цејлон) како најегзотично. Запознав една сосема поинаква култура и начин на живот, јадев кралски кокос кој беше достапен за сите и обичен кокос кој го јаделе само кралевите, тоа е земја на вкусови, мириси и насмеани лица.И последниот летен одмор, овој септември, на островот на желките- Закинтос, каде наполнив батерии за моменталниве предизвици.



Закинтос


OhridNews:Кое јадење секогаш со задоволство го подготвувате?     

А.В.Ј:Секое јадење го приготвувам со љубов.Сакам да готвам, но не секогаш сум во можност.Рибината чорба од белвица е посебно уживање за семејството и оние што ја вкусиле.

OhridNews:Најромантичното изненадување кое сте го подготвиле за својот сопруг?

А.В.Ј:Можеби не е најромантично, но е невообичаено.На една годишница од брак организирав забава со нашите пријатели во Извидничкиот камп каде имаме поставено камп приколка.Сите требаше да понесат вратоврски и на даден знак да ги стават во моментот кога му го врачував подарокот, а тоа беше тапан за кој знаев дека му е неостварена желба од неговото детство.Забавата траеше долго и сеуште се прераскажува.



Со сопругот Александар,синовите Јован и Јаков


OhridNews:На што од досега постигнатото сте особено горди?

А.В.Ј:Горда сум на моите родители Дана и Методија што ме израснаа и воспитаа најдобро што можеа, горда сум што имам сестра Ирена која со зетот Саше ми ја подарија мојата внука Ивана , горда сум на моите синови Јован и Јаков,да се родат две деца и да се насочуваат кон вистински вредности во животот е најтешко и се гордеам со секој нивни успех. Јас сум човек кој се радува и гордее и со постигнувањата на другите околу мене, ме прават горда подвизите со велосипед на Љупчо Крстев, ме прават горда настапите на Дамјан Пејчиноски, Владимир Четкар, Петар Маркоски, се гордеам со филмовите на Илија Пиперкоски, фотографиите на Стојан Стојаноски, горда сум на мојата внука Миланка Новеска и едвај чекам да седам во прв ред кога ќе пее некоја позната арија на некоја светска сцена.Горда сум на секој постигнат успех на било кого од Охрид и Македонија и посебно се гордеам со делата, на како што јас милувам да си ги наречам,МОИТЕ волонтери од Црвен крст.



Со волонтерите на Црвен крст


OhridNews:Најчестиот совет што им го давате на Вашите деца?

А.В.Ј:Да имаат отворен ум, да се хумани, да се почитуваат себеси и другите и да го живеат сонот.



OhridNews:Преку кои особини кај луѓето не можете да преминете?

А.В.Ј:Лажење  и неодговорност.

OhridNews:Сеуште неостварена желба....

А.В.Ј:Да имам свој „Дрвен град“ како оној од  Емир Костурица каде би се јадело ѓомлезе, ајвар, тавче гравче, слатко од зелени смокви, би се пиело вино и ракија, би се гледале македонски филмови, би се раскажувале приказните за големите војсководци и за Итар Пејо...



Тања Кувенџиска

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Интервју

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали ќе биде постигнат договор за спорот со името помеѓу Македонија и Грција?

Да

Не

Гласај

Да - 524 гласови (31%)

Не - 1154 гласови (69%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833