ОГЛАСИ

Интервју со Градоначалникот д-р Никола Бакрачески: Не можам да го замислам животот без моите пријатели

Интервју | Интервју | 27.12.2015 19:07Посети : 7319

Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите...


Познат и признат кардиолог, долгогодишен директор на Заводот за кардиоваскуларни заболувања, од април 2013 година Градоначалник на Охрид, д-р Никола Бакрачески во денешното интервју открива како му започнува работниот ден, интересни случувања при службените патувања, чии критики се секогаш добредојдени, зборува за добрата и лошата страна на функцијата градоначалник.  


OhridNews: Во колку вообичаено Ви започнува работниот ден? Каде го пиете своето прво кафе?


Н. Бакрачески: Работниот ден обично ми започнува околу 7 часот и тоа со проверка на моите работни обврски за тековниот ден од календарот кој го ажурираат асистентите во мојот кабинет. Ги усогласувам моите активности и обврски според распоредот во календарот, доколку направам измени ги известувам асистентите рано наутро со електронска пошта или директно комуницирам со шефот на кабинетот, секретарот на општината, со службата за односи со јавност или протоколот доколку истите се однесуваат на нив. Утрото е исто така резервирано за проверување на мојата електронска пошта и пишување на одговори, а често наутро ја проверувам и одговарам на поштата од социјалните мрежи. Кафе ретко пијам и најчесто тоа е во мојот кабинет, еднаш неделно и најчесто со моите најблиски соработници, раководители на секторите или со директорите на јавните претпријатија со кои редовно, еднаш неделно одржуваме работен колегиум.



OhridNews: Имате бројни работни обврски. Останува ли слободно време и како најчесто го поминувате?


Н.Бакрачески:Се случува со недели или месеци да преостанува многу малку слободно време во текот на денот. Работните и другите обврски не се реализираат само на моето работно место, туку и пред одење на работа, а и откако ќе се вратам дома, каде многу често завршувам дел од обврските - писмена кореспонденција со различни институции, субјекти од локалната самоуправа, државни институции, а покрај тоа тука се и моите обврски од практикувањето на кардиологијата во Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Многу често преостанува време само за спиење. Она малку слободно време кое ми останува гледам да го поминам со своите деца, кои навистина сиот овој период и кога бев директор на заводот за кардиоваскуларни заболувања и сега кога ја извршувам функцијата градоначалник имаат малку можности да уживаат во моето присуство и затоа сум пресреќен со секоја минута помината со нив. Слободното време го користам исто така за средби со моите другари и пријатели, или пак за рекреативно спортување.



OhridNews: Зошто ја избравте медицината како Ваша животна професија?


Н. Бакрачески: Мојата мајка кога зборува за моето рано детство, ми кажува дека уште како мал, пред да почнам да одам на училиште, сум кажувал дека кога ќе пораснам ќе бидам доктор. И тоа стриктно сум кажувал дека ќе бидам доктор за срце. Така да мојата животна определба кон кардиологијата е откако паметам за себе. Отсекогаш сум имал цврста и јасна определба да бидам кардиолог и во подоцнежните училишни и средношколски денови. Претпоставувам дека тоа произлегува и од мојот карактер и од мојата животна ориентација кон природата, живиот свет, биолошките науки, медицината, хуманоста, етиката, солидарноста и желбата да им се помогне на луѓето. А како најдобро би им се помогнало ако не со подобрување на нивното здравје, потполно излекување или спасување живот.



Во операциона сала во Заводот за кардиоваскуларни заболувања


OhridNews: Добрата и лошата страна на функцијата Градоначалник...


Н. Бакрачески: Добра страна е чувството дека помагате на поголема или поширока популација на луѓе, што секогаш носи сатисфакција кога правите добри дела за градот и граѓаните, кога реализирате основна насушна потреба за градот и граѓаните, кога реализирате проекти, кога индивидуално им помагате на луѓето независно дали е тоа со вработување или со решавање на некој проблем од секојдневието, кога решавате некоја човечка судбина. Лошата страна е пред се немањето доволно слободно време за себе и најблиските доколку сте вистински посветени на работата, на поставените цели и задачи и секако на резултатите кои ги очекувате. Од друга страна лоша страна на практикувањето на оваа функција е што не можете да ги задоволите сите потреби на граѓаните, во секое време и на секое место. Секојдневните активностите на градоначалникот, реализацијата на зацртаните проекти како и секојдневните задачи на градоначалникот и локалната кои произлегуваат од законските обврски не секогаш се допадливи за сите граѓани и не сите волно ги одобруваат. За жал често се случува одредени граѓани да бараат услуга која е во колизија со постоечките законски прописи и регулативи и заради тоа не можете да им удоволите. Таквите кога доаѓаат во мојот кабинет секогаш се трудам да им појаснам дека некои работи кои ги бараат не се во согласност со законот и изразувам жалење што не можам да им удоволам, но не ретко се случува да таквото ваше објаснување наидува на негодување, па дури често се случува да ви кажат - ”оставете го законот, ако вие сакате како градоначалник можете да ја завршите работата”. Колку и да им објаснувате дека законски е невозможно да им го удоволите барањето, тие сепак очекуваат градоначалникот да се постави над законот и во одредени моменти да го прекрши истиот. Се разбира одбивањето на таквите нивни барања предизвикува незадоволство кај некои од нив.



Од друга страна се соочуваате со ситуации кога согласно планот и програмите за работа како и согласно постоечките законските регулативи, често се соочувате со непринципиелни потреби на граѓани кои претходно биле толерирани надвор од законската регулатива - вршеле дејност која е незаконска, изведувале градежни работи без одобрение за градба или без целосно завршена правна постапка, нелегално вршеле некоја угостителска дејност итн, итн. Добрата пракса на раководење која сме ја етаблирале и строгите принципите на запазување и грижа за законитоста подеднакво за сите граѓани, налагаат одбивање на некои барања па во такви ситуации се случува да не наидете на разбирање од страна на барателите и истите некогаш негодуваат, критикуваат и се незадоволни, иако знаат дека барањата им се неосновани.


OhridNews: Дали би издвоиле некој од познатите светски политичари кој особено го цените и зошто?


Н.Бакрачески: Можеби е чудно, но ќе кажам дека има плејада на светски политичари кои оставиле белег на моите видувања на општествените токови, практикувањето на политиката, лидерството итн . Пред се би го издвоил Џон Кенеди кој е еден од моите фаворити во градењето на некои мои ставови, еден од подобрите во плејадата на извонредни американски претседатели, човек кој несомнено одигра клучна улога во одржувањето на светскиот мир и надминувањето на кризата во годините на студената војна. Секако тука се Кисинџер и Бжежински, мудроста на Ганди, упорноста на Мендела, јасната визија на Мартин Лутер Кинг, прагматичноста на Винстон Черчил, лидерството на Џулиани и говорите на Обама. Тие се во принцип политичари од кои што сум учел и за кои сум читал доста, сум се восхитувал на некои нивни ставови, гледишта и одлуки кои ги донеле во интерес на одржувањето на светскиот мир, прогресот на човештвото, зачувување на интересите на својата држава и својата нација, унапредување на правата и слободите на граѓаните итн.



Американскиот претседател Џон Кенеди


OhridNews: Незаборавен годишен одмор...


Н.Бакрачески: Непишано правило е дека колку сте помлади толку повеќе ги паметите годишните одмори, а колку повеќе ве одминуваат годините така и годишните одмори следствено на се побројните обврски и проблеми во животот, ви стануваат помалку забавни во споредба со она што сте го чувствувале кога сте биле дете или млад. Секој годишен одмор било да е летен или зимски поминат со моите деца ми е особено драг. Би го издвоил мојот летен одмор по завршувањето на медицинскиот факултет, кога растеретени од напорното учење, за прв пат имавме одмор без обврска да се подготвуваме за септемвриска испитна сесија. Тоа беше во 1995 година. Заедно со моите другари, со автобус, преку туристичката агенција „Нехар турс“, летувавме во Лидо ди Јесоло, во Верона, Венеција и на езерото Лаго ди Гарда. Тоа беше еден од моите порелаксирани одмори кои никогаш нема да ги заборавам.




OhridNews: Интересен или необичен настан кој би го издвоиле од Вашите службени патувања?


Н.Бакрачески: Во текот на минатата година, при моето службено патување во НР Кина, во организација на домаќините имав можност да посетам неколку градови во оваа земја. На тргнување од Скопје, преку одредени контакти ни беа дадени лекарства за особа која студира во Кина, а е од Скопје. Последен град кој го посетив во рамки на престојот во Кина беше Пекинг. Последниот ден од посетата, после вечерата со домаќините, со мојот шеф на кабинет, имавме можност да прошетаме доцна навечер по улиците на Пекинг. На враќање кон хотелот застанавме на едно место каде се продаваа детски играчки за да купиме подарок за нашите деца. И токму во Пекинг во град со 20 милиони жители, околу 01:00 по полноќ ни приоѓа една особа и не прашува- ”да не сте случајно вие од Охрид? ” Се изненадивме и истовремено двајцата возвративме: ”А да не си ти човекот на кого требаше да му ги донесеме лековите?” И замислете тоа беше тој исти човек за кого беа наменети лековите, а кои ние дента ги предадовме во амбасадата. И навистина некогаш ”светот е многу мал”.


Има многу интересни случки од патувањата, но оваа е една од тие што се случија во поскоро време.



Во работна посета на НР Кина


OhridNews: Колку Ви значат пријателите? Наоѓате време за заеднички дружења и како најчесто Ви поминуваат?


Н.Бакрачески: Покрај моето потесно семејство и најблиските роднини, пријателите ми значат најмногу. Не би можел да го замислам животот без пријатели. Постојано сме во комуникација, но сум малку ограничен бидејќи немам доволно време да го поминувам со нив како што беше порано. Знам дека тие имаат разбирање за мојата презафатеност со обврски но сепак функцијата си го направи своето и ги проретчи контактите со другарите и пријателите. Но сепак се трудам во овие две и пол години како градоначалник да ги одржувам контактите со нив, па во слободното време покрај со семејството да бидам и со моите пријатели. Како што напоменав тоа не е толку често колку што било некогаш, што ми паѓа особено тешко, но сепак наоѓам време. Нашите дружења најчесто се во мојот дом или во домот на некој од нив, на спортски настан или при заедничко спортување, во ресторан, кафе бар, при прошетка, на плажите во летен период, при возење велосипед, возење со чамец…и сл.



со пријателите


OhridNews: Чија критика знете дека секогаш е добронамерна и највеќе ја цените?


Н.Бакрачески: Критиките ги примам како можност да го корегирам некој мој став во животот и професијата, можност да го корегирам она во што сметам дека сум погрешил или други сметаат дека сум погрешил, и еден вид патоказ и помош како треба да се движам во иднина. Сметам дека добронамерните критики претставуваат навистина корисно средство за градење на правилни ставови. Има доста луѓе од кои примам критики, се разбира блиски луѓе кои тоа го прават со искрена намера. Би ги издвоил во неколку категории: во семејството најмногу добронамерни критики добивам и прифаќам од мојата мајка и мојот брат. Во Заводот за кардиоваскуларни заболувања особено ги ценам критиките кои доаѓаат од д-р Гордана Коњаноска, д-р Изабела Автоска и д-р Елена Коваческа. Често ги следам мудрите совети на мојот пријател Виктор Топалоски. Во однос на функцијата градоначалник, позитивни и добронамерни критики добивам од мојот шеф на кабинет, Зоран Рафтоски и секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески. Да ја споменам и особата која е задолжена за мојот протокол Љупка Маслова, која знае да упати вистинска критика во вистинско време и на вистинско место во однос на спроведување на даден протокол. Има доста луѓе кои навистина искрено и добронамерно повремено ме критикуваат и советуваат сакајќи да ми помогнат при остварување на зацртаните цели и приоритети.



OhridNews: Колку Ви значат модните брендови, од каде најчесто ја набавувате гардеробата?


Н.Бакрачески: Иако звучи нескромно, ќе бидам искрен дека модните брендови ми значат како и на секој млад човек кој се стреми да биде во тренд со модата и тоа го правам долги години наназад. Мора да признам дека со добивање на мандатот градоначалник, поради бројни обврски и реткото слободно време по малку стагнира мојата страст кон модата, но сепак се трудам да одржам некој чекор со времето. Сакам добро да се облекувам во склад со тековните модни трендови. Гардеробата најчесто ја набавувам при моите патувања, но не ретко и во Македонија.



OhridNews: Лесно простувате?


Н.Бакрачески: Најчесто моите најблиски особи со кои најчесто комуницирам и најдобро ме познават ќе ми речат дека сентименталноста е мојата слаба страна која понекогаш ме наведува на грешки мислејќи на чинот на простување кон особи кои ми згрешиле и намерно или тенденциозно сакале да ми наштетат. Би рекол дека се сложувам со нив иако не секогаш лесно простувам, понекогаш и кога не треба да се прости. Но во најголем дел од случаите, сепак на крај простувам. Тоа е дел од мојот менталитет, дел од мојата култура на живеење, дел од мојот карактер, од моето воспитување, а секако дел и од мојата религија, бидејќи простувањето е сепак возвишено чувство.



OhridNews: Колку спортот е застапен во Вашиот живот? Кој спортски натпревар на кој сте присуствувале Ви оставил најсилен впечаток?


Н.Бакрачески: Веднаш ќе кажам дека сум љубител на спортот, сакам и да спортувам и да следам спорт. Уште од рано детство се занимавав со спорт. Почнав како пливач во пливачкиот клуб Струга, по моето преселување како дете во Охрид продолжив во ракометниот клуб Охрид, па како пионер и младинец во фудбалскиот клуб во Охрид, така да често спортував во спортските клубови во Охрид и Струга. Дел од слободното време поминувам на спортските терени рекреативно, го сакам фудбалот, кошарката, тенисот, пливањето, ракометот. Најсилен впечаток ми има оставено првиот официјален фудбалски натпревар на македонската фудбалска репрезентација, после осамостојувањето, чинам беше 1991 или 1992 година, натпревар од квалификациите за европското фудбалско првенство помеѓу Македонија и Данска. Се одигра во Скопје и заврши со нерешен резултат 1:1 а беше тоа експлозија на радост и возбуда на сите оние присутни љубители на фудбалот и на македонската фудбалска репрезентација. Беше прв официјален натпревар на македонската репрезентација воопшто пред своите фанови и тоа чувство нема никогаш да го заборавам, особено кога Македонија постигна гол. Бевме заедно со мојот другар Игор, тогаш студенти на Медицинскиот факултет во Скопје и седевме во делот за публиката резервиран за навивачката група Комити. Кога Македонија постигна гол, толкава експлозија на воодушевување настана што од возбуда ги фрливме на терен новите чевли кои токму дента си ги купивме.




OhridNews: Со каква музика се релаксирате?


Н.Бакрачески: Слушам разноврсна музика, ја сакам музиката кај и да се наоѓам, независно дали е во операциона сала додека изведувам процедури, во мојот кабинет, дома или во кола. Секаде слушам музика, која ме релаксира, ми го разведрува расположението, ја разбива монотонијата кога сум сам, ми ја подобрува концетрацијата и волјата за работа.Во последно време најмногу слушам Smooth Jazz.





OhridNews: На што од досега постигнатото сте особено горди?


Н.Бакрачески: Oсобено сум горд на сите успеси кои ги постигнав заедно со моите колеги во Заводот за кардиоваскуларни заболувања, особено отварањето на Одделот за интервентна кардиологија за прв пат надвор од Скопје, што како дејност самостојно функционира веќе десет години и бележи континуиран раст и развој со постојано воведување на нови постапки, методи, техники и вештини. Горд сум на тимот кој го создадов во Интервентната кардиологија и Интензивната нега и можам со гордост да кажам дека и по моето напуштање на директорската функција, беспрекорно функционира, така што воопшто не се чувствува моето отсуство. Не е намален ниту квалитетот на работа, ниту бројот на интервенции. Оставањето зад себе на талентирани доктори во мојот тим за мене претставува еден од поголемите успеси на кој сум особено горд. Она на што сум горд како градоначалник, секако е постигнавањето во делот на туризмот и зголемувањето на бројот на странски гости, воведувањето на регуларни и сезонски летови од охридскиот аеродром, зголемувањето на ефикасноста на локалната општинска администрација, подигнувањето на свеста на администрацијата за поголема одговорност, посветеност и отчетност во работата како и нагласената потреба за испорака на резултати.



OhridNews: Вашата новогодишна порака до охриѓани?


Н.Бакрачески: Пред се, би сакал охриѓани во Новата година да бидат што повеќе сплотени, да ги надминуваат разликите меѓу себе, да ги надминат суетите и предрасудите меѓу нив, што повеќе да комуницираат, да им се вратат на старите добри традиционални вредности, пред се семејните вредности и вредностите на заедничкото живеење. Меѓусебно да се разбираат и да си помагаат, да ги негуваат хуманите и етички вредности, да ги води позитивна мисла и да ги напуштат конфронтациите по било која основа. Сакам да го гледам Охрид како град на среќни луѓе, луѓе коишто гледаат надеж и веруваат во себе. Град на успешни луѓе, кои ќе се гордеаат што живеат во Охрид и ќе се радуваат на иднината на градот. 


Тања Кувенџиска       


     

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Интервју

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали ќе биде постигнат договор за спорот со името помеѓу Македонија и Грција?

Да

Не

Гласај

Да - 549 гласови (31%)

Не - 1203 гласови (69%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833