ОГЛАСИ

Интервју со Павел Каралиев- Патка: За да се биде успешен угостител потребна е постојаност и идеја

Интервју | Интервју | 31.01.2016 13:06Посети : 8558

Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите...


Павел Каралиев- Патка, повеќе од три децении сопственик на најпознатите кафулиња и ноќни клубови во градот. Во осумдесеттите години најпрво на „Леа“, потоа на „Леб и сол“, а во последните петнаесет години на ноќниот клуб „Duck“. Секој во свое време исполнет до последното место. Препознатливи по добрата забава, живите свирки, „неизбежно свратилиште“ во вечерните часови за помладите, но и постарите генерации од цела Македонија и пошироко.


OhridNews: Како вообичаено Ви започнува денот?


П.К.: Денот  ми започнува  невообичаено :). Мојот биоритам е малку поинаков од останатите. Работното време најчесто ми завршува  рано наутро, па денот логички  ми започнува околу еден, два часот на пладне. Обожавам кога во лето ќе го започнам денот со едно долго пливање. Нема поубаво будење, подобар старт и  подобро утро за мене. Иако часовникот покажува дека веќе е време за ручек за сите други околу мене.


OhridNews: Меѓу охриѓани и пошироко сте познати како Павел- Патка. Како го добивте овој прекар?


П.К.: Прекарот го добив во наследство, од мојот постар брат Владо, од времето кога уште бевме деца. Навистина не знам точно како и од каде сме го добиле, претпоставувам преку детските игри со децата од соседството, во нашата семејна куќа над охридскиот амфитеатар.



OhridNews: Сопственик бевте на познатиот кафе - бар „Леа“, меѓу првите во Охрид. Како дојде до неговото отворање, дали и претходно имавте искуство во угостителската дејност?  


П.К.: Во 1984 година беа првите почетоци на приватниот бизнис и трендот во тогашна Југославија  на отварање на кафичи. Со брат ми Владо решивме и ние во таа година да го направиме тоа. Името „Леа” не е измислено. Го доби по мојата внука од сестра. Леа денес има 32 години и живее во Скопје. Претходно немав типично угостителско искуство, меѓутоа повозрасните веројатно ќе се сетат дека јас музицирам уште од многу одамна, поточно од 1972 година. Во тогашни услови и време, моето музицирање значеше свирки во еден долг конитинуитет од десет години, буквално секоја вечер во сите хотели на ривиерата за најразлични прилики. Ете, јас на еден друг начин своевремено бев во угостителството секоја вечер, дури и пред да започнам да се занимавам со него. Она што најмногу го паметам, како разлика во начинот на работењето во времето на „Леа” е што тогаш, сопствениците работевме буквално се - и како шанкери и како кенлери. Ние не се срамевме од видот на работа и работата ја учевме по ред, по сите скалила.  


OhridNews: Последните неколку години сопственик сте на ноќниот клуб „Duck“. Кои познати личности биле Ваши гости?


П.К.: Помеѓу „Леа” и „Duck” , во деведесеттите го отворив и „Леб и сол” , а „Duck” постои уште од 2000-та година, но тогаш на една друга локација. Идејата за „Duck”, уште од самиот почеток, ми беше да организирам  живи свирки. Од првиот ден  до  денес тоа е така. Во првиот „Duck”, успеав да ги донесам Биба Додева , Владимир Четкар, Џафер и.т.н. онолку колку што дозволуваа тогашните услови. Потоа, вториот „Duck”, во други  времиња и повеќе метри квадратни, беа вистински предизвик за моите идеи и покана до музичари од калибарот на Калиопи, Влатко Стефаноски, словенецот Зоран Предин („Лачни Франц”), хрватите „Кубисимо”, Џибони, додека „ Day off” и „Session selection”  беа на редовен  репертоар. Бендот на Тоше Проески „Blue funk”, Тијана, Васко- К15, беа чести гости. Ако не настапуваа официјално кај мене, тогаш кога престојуваа во Охрид, тие беа мои драги гости и токму тогаш се случуваа за мене најубавите спонтани настапи. Еве последно како пример, за оваа Нова година, Калиопи, веднаш после новогодишниот концерт на охридскиот плоштад, дојде во „Duck”.Си честитавме, се подруживме и Калиопи сосема неочекувано го зеде микрофонот и ни приреди невидено уживање. Тоа се тие непланирани моменти што некако и најдолго се паметат и најмногу греат душа. Колку и да продолжам со броење, не може, а да не заборавам на некого. Влатко Стефаноски, Милан Петровиќ Квартет, Sakis Dovolis, Rokfellers од Белград, Maria- jazz trio, The Reporters, редовните настапи на охридските бендови: „Камелеон” и мојот бенд со Жармена и многу други. Некои од  имињата што денес се мошне популарни на македонската музичка сцена, ме радува што своите почетоци ги имаа токму во „Duck”.






Во овој сегашниов „ Duck” од гостувањата сепак ќе издвојам едно најзвучно име во вистинската смисла на зборот. Тоа е Здравко Чолиќ и тоа  се случи лани. Но морам да се навратам и да кажам дека јас го запознав Чолиќ, уште пред 30- тина години, кога тој  беше исто така невидена ЈУ- мега звезда и со кого имав чест во неколку прилики да  свирам во ресторан “Лагадин”. Тоа пријателство започнато многу одамна, преку дружбите низ годините во Охрид и Скопје, трае до денес.


„Duck” традиционално  има и еден подруг тренд низ годините што сакам да го спомнам. Се случува многу често после настапите на многу врвни имињата во Охрид, особено оние на класична музика на фестивалот „ Охридско лето”, во доцните ноќни часови, музичарите после официјалните настапи низ градот, кај мене да иницираат некаков перформанс.



Најважното и најнезаборавното за мене е што генерации и генерации на гости поминале низ „Леа”, „Леб и сол” и  „Duck”.Не треба воопшто да се тоа звучни имиња и не треба да е тоа некоја посебна не знам каква интересна случка. Тие, редовните гости, што си поминале вечерта убаво,  за мене се најважните. Порано тоа беа родителите. Сега се нивните  деца. А понекогаш се случува да се тука во исто време и  родителите и децата. Многу познанства, безброј дружења и другарства, љубови, па дури и бракови се случиле во клубовите што јас сум ги работел. И ќе се случуваат и понатака, верувам.


OhridNews: Која позната личност оставила најголем впечаток кај Вас и зошто?


П.К.: Хмммм....малку е неблагодарно повторно да издвојувам. Но еве како впечаток ќе ви раскажам уште една случка. Вечерта, пред години, после фантастичниот концертот на  George Benson во Охрид, кој концерт  отидов  да го слушам заедно со маестро Дамир Имери, се случи  за мене, уште нешто фантастично. Се вративме после концертот во „Duck” и додека јас свирев со мојот бенд, наеднаш се појави тапанарот на George Benson. Го видов како се пробива низ гужвата и немав време ни да се изненадам, а човекот веќе  беше качен на бина и со насмевка, леснотија, почит, култура на однесување и едноставност, својствена само на врвните имиња, замислете - ме праша дали може подоцна, нешто да отсвири заедно со нас :). Импресивно и секако незаборавно.



OhridNews: Често пати и Вие сте дел од бендот кој музицира. Од кога датира љубовта кон свирењето?


П.К.: Генот кон музиката ми е фамилјарно наследен. Се радувам што и моите ќерки го наследија овој ген од мене, иако тие си одбраа сосема други животни професии. Значи за мене се започна како што  кажав и погоре, многу одамна, во 1972 година. Тогаш почнав да свирам  бас гитара во „Охридски бисери”. Понатаму ја имав таа среќа моето професионално калење и искуство да продолжи со некои од врвните имиња во тоа време. Првата, ајде да ја кажам официјална свирка, ми  беше со Љупчо Константинов, Григор Копров и трубачот Чешлар. Продолжив да свирам низ годините со Кочо Петровски и Виолета Томовска. Но се случи и период кога  престанав со свирките и се посветив повеќе на фамилијата. Еден ден мојата сопруга Сјајна, вистински ме изненади со подарок, акустична бас гитара, што во превод значеше: „Ајде Павел, не можеш ти без музика, почни пак да свириш”! Некаде во тоа време го отворив и првиот „Duck” и повторно се споија коцките на животот, заедно со мојата желба за свирење. Со мојот бенд свириме веќе со години наназад.



OhridNews: Интересни  случки во „Леа“ или „Duck“ кои никогаш нема да ги заборавите....


П.К.: Од времето кога работеше  „Леа”  особено ми е драга и ќе ви ја раскажам случката што колку - толку го отсликува тоа време. Еден ден некои мои тогашни познаници, а денешни другари, ми се јавија со желба да го прослават дочекот на Новата година токму во „Леа”. Јас не планирав да организирам никаква прослава, од причина што за дочекот имав договорено да свирам во хотел „Инекс- Горица” и тоа со тогашната мега звазда од ЈУ – просторите, Биљана Ристиќ. Но, скопските познаници си намислиле и инсистираа со предлогот. Направив компромис. Им го дадов клучот со договор сами да си направат забава и сами да си го израчунаат цехот. Така и бидна. Тие 20–тина души вечерта во „Леа” самите си направиле фантастична журка. Утредента се беше оставено во најдобар ред, цехот беше уредно пресметан, парите оставени на шанк, а клучот уште поуредно беше оставен под черџе :). Еден брак, а и нашето пријателство, започнати таа вечер, траат до ден денес .


Ќе ја додам и случката од минатата година, пријатното изненадување што се случи со посредство на Влатко Стефаноски, кога тој и Здравко Чолиќ ми приредија незаборавна неколкучасовна дружба, по што неминовно се фативме за гитарите. Едно време тројцата заедно се најдовме на бината во „Duck“ и свиревме блуз. Тогаш некако и се сетив дека баш тој ден на мојата најдобра другарка и е роденден, која во моментот беше во Берлин. Знам  дека од дете го обожава Чолиќ. Како дете дури има и избегано од дома само за да оди на негов концерт. Му раскажав на Чолиќ, тој го зеде телефонот и и' се јави со роденденски честитки. Дури и отпеа и една песна. Освен позитивниот шок во вистинска смисла на зборот што таа го доживеала во тој момент, одлична е и реакцијата на нејзините пријатели со кои таа во тој момент вечерала. Нормално дека никој не и поверувал, а реакциите биле  од типот : „Да ...да, како да не,... 100%, Чола ти се јави... ...еве сега нас лично баш Jimmy Hendrix се спрема да ни телефонира. ”! :).



OhridNews: Вие бевте единствениот угостителски работник од Охрид кој се најде на рекламата за Скопско пиво. Како дојде до оваа соработка со изработувачите на рекламниот спот?


П.К.: Едноставно. Непрекината соработка со „Скопско”, повеќе од 30-тна  години, значеше и неминовна покана до мене од нивна страна. Како што веројатно и самите видовте на рекламата тоа беше и целта на оваа приказна на „Скопско”. Долга, вистински долга, искрена и непрекината соработка. Без разлика на времињата и невремињата. Без разлика на понудите на пазарот. И сите други ликови во овој рекламен спот, се исто така угостители од овој мој, не знам како да го наречам, но во секој случај, некаков поспецифичен и малце подруг ков.


OhridNews: Колку често патувате? Кои семејни патувања Ви оставиле особен впечаток и зошто?


П.К.: Сакам да  патувам. Јас сум во принцип човек што го планира времето. Па сакам да ги планирам и патувањата . Но јас сум и човек што потоа вистински и посветено сака да ужива во она што одбрал да го прави. Не мора да биде тоа не знам колку и не знам каде и да звучи фантастично или  егзотично. Мене во животот суштината секогаш ми била далеку, далеку поважна од формата. Јас не правам работи или избегавам да правам работи ради - реда и дека така - треба. Не дај боже заради помодарство. Сакам море и нуркање, но сакам и пулс и ритам на урбан живот и шетање со уживање низ големите градови. Знам да запалам кола и да отидам  на значаен за мене концерт, во некој далечен град. Но, ќе издвојам дека  најважните патувања во годината ми се  оние со фамилијата. Незаборавни ми се  деновите кога јас, Сјајна, заедно со нашите  ќерки Ивана и Маја, ги поминуваме на скии, во некое зимско одморалиште. Едно такво ми претстои токму деновиве и вистински се радувам заради тоа.



OhridNews: Редовен гостин сте на охридските плажи. Дали може да се каже дека летото е Вашето омилено годишно време?


П.К.: Зима сакам поради снег и скијање, но  обожавам  топло време, лето и вода. Јас сум езерско дете, ајде да не речам медитерански тип на човек, кој ја сака и сиестата и фиестата. Да, сакам лето и вода  и сериозно пливам од мали нозе. После бучните ноќи , ништо поскапоцено за мене нема од мирот и тишината на сред езеро, секогаш различната вода  и долгите пливања. Полнење на батериите во вистинска смисла на зборот. Драгоцени ми се и попладневните опуштени плажарски муабетења и easy going ручеците со пријателите. Го сакам и нуркањето. Но, нуркањето сепак повеќе го сакам  во топлите мориња. Таму, се е во боја :).

OhridNews: Ваш омилен пијалок?


П.К. : Омилен пијалок ми е вода. Ако мислите на алкохол, сакам „Jamesson” и тоа со една коцка мраз. Од безалкохолни сакам зелен чај, исто така со една коцка мраз.




OhridNews: Вашите локали од секогаш биле едни од најпосетените во градот. Кој е клучот за да се биде успешен угостител?


П.К.: Постојаност. Верувам во постојаност на идеја. Верувам и во постојаност на сопствениот систем на вредности. Вредностите  сум ги  калемел во многу времиња и невремиња. Верувам во хармонија и ритам на животот и работата. Но најмногу верувам дека треба да си ја сакаш работа што си ја работиш. Немој да мислите дека немало или нема тешкотии. Се среќавав јас во мојот живот и работа со многу видови предизвици и премрежија. Но видете јас сум по природа  многу упорен човек. Човек што се преслушува најпрво себеси, не сака да избрзува и човек што не сака да се расплинува. Верувам јас и во тоа дека човек треба да издржи во  една, за него најзначајна идеја и работа.  Јас не попуштив пред своите принципи дури ни во моментите кога ми беше најтешко. На финансиски тешкотии мислам. Еве само еден пример. Јас продолжив да ги договарам живите свирки и во времиња кога тоа беше комплетно финански неисплатливо. Да не речам финансиско фијаско. Во Македонија, за жал фалат, да не речам, нема клубови со постојаност, во музика пред се. Мене воопшто не ми се допаѓа што е тоа така и јас, ќе повторам, упорно играм на таа некоја моја карта на постојаност. Јас не правам компромис, ниту во изборот на музиката. Никогаш. Еве како пример ќе ги споменам  новогодишните забави  кај мене, кога сите многу добро знаеме дека еуфоријата околу тие ноќи, насекаде е малку поинаква. Јас дури ни тогаш не правам отстапки и не ја менувам музиката, оставам цела ноќ да свири она што е карактеристичо, препознатливо и својствено за „Duck”. Многу сакав, вистински многу сакав, Македонија да има повеќе такви клубови.


Тања Кувенџиска

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Интервју

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали ќе биде постигнат договор за спорот со името помеѓу Македонија и Грција?

Да

Не

Гласај

Да - 563 гласови (31%)

Не - 1257 гласови (69%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833