ОГЛАСИ

Интервју со м- р Стефан Димоски: Јас сум човек што ги сака, ги поврзува и ги обединува луѓето

Интервју | Интервју | 20.03.2016 12:11Посети : 11080

Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите...

Стефан Димоски, долгогодишен новинар во охридските ТВ и радио медиуми, магистер на безбедносни науки, од 2008 година портпарол на Секторот за внатрешни работи во Охрид, актуелен претседател на општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, вели дека му се радува на секој нов ден, среќен е кога времето го минува со пријателите и семејството, открива повеќе за почетоците од љубовната приказна со својата сопруга...   

OhridNews: Омилен дел од денот?

С. Д.: Се радувам на секој нов ден, ги сакам утрата кога се раѓа новиот ден. Утрото е време кога се буди и раздвижува градот. Тоа е идеално време за скицирање на плановите за претстојниот ден, независно дали е работен или викенд. Начинот на кој го почнуваме утрото го одредува целиот ден. Утрата значат нов почетокот, нов работен распоред, нови предизвици и ново информирање за настаните. И секако, денот ми започнува со утринското  кафе.

OhridNews: Како според Вас изгледа идеално поминат викенд?

С. Д.: Викендите најчесто ги поминувам во Охрид, ретко надвор од градот. Го сакам Охрид и уживам кога можам викендите да ги поминам со семејството, со блиските пријатели, а посебно кога во Охрид можам да им бидам домаќин на пријатели кои се од други места во Македонија или доаѓаат од странство. Посебно задоволство ми претставува  да ги прошетам  низ градот и околината и да им ги покажам охридските неповторливи убавини, да го видат езерото и целиот крајезерски брег од Св.Наум до Радожда. Повремено, со семејството и блиските пријатели, викендите  ги користам  за посета на други атрактивни места во нашата Македонија.



OhridNews: Медиумите се неизоставен дел од Вашата професија, сега како ПР на СВР Охрид, претходно работејќи во неколку од нив. Кои беа вашите први контакти со медиумите?


С. Д.: Јас израснав во медиумите. Моите почетоци и контакти со микрофоните беа на крајот од основното образование кога во Радио Охрид почнав да ги учам тајните на радио водителството и на новинарството воопшто. Тогаш работев во младинската емисија, а по извесно време и во информативната програма. Имав чест и ретка можност да учам од вистински професионалци на тогашната охридска новинарска школа. Бев еден од првите гласови што се појавија на првото приватно радио „Супер радио“.


Поради  професионален предизвик, преминав во локалната телевизија ТВМ, бев дописник на националното радио „Канал 77“. Како новинар, поминав неколку новинарски школи, што во периодот од 1990 до 1994 година, во Република Македонија беа организирани од Британскиот совет, американската новинарска истражувачка  агенција „Ирекс“ како и од новинската агенција „Ројтерс“. Го сакам новинарството, ги почитувам новинарите и како портпарол на СВР Охрид, со голема посветеност контактирам со седмата сила.




OhridNews: Колку е лесно или тешко да се одржуваат старите пријателства?Дали наоѓате време за пријателите и како Ви минува?


С. Д.: Јас сум човек што ги сака, ги поврзува и ги обединува луѓето. Ги негувам пријателствата, интензивно и искрено комуницирам со луѓето, немам бариери и предрасуди, ги користам сите можности за одржување на контактите со пријателите. Ги барам да ги слушнам, да ги поздравам, да ги прашам како се, да ги поканам на кафе и да поразговараме, да споделиме шеги, настани, случувања, проблеми, совети. Пријателствата ми се од непроценлива важност и го користам секој миг да имам средба со пријателите. Едноставно, сакам да ги видам и да им покажам дека ги почитувам, дека ми значат во животот и дека ми се драги и значајни. Секогаш наоѓам време за моите пријатели.



OhridNews: Бевте дел од организацијата на годишнината од матура. Дали тоа значи дека со радост се сеќавате на средношколските денови?


С. Д.: Јас ја имав честа да ја добијам довербата од мојата генерација и да бидам организатор на годишнините од нашата матура. Во три наврати ги организирав  матурските прослави на генерацијата што во охридската гимназија матурира во 1984 година. Незаборавни се тие средби, поминавме прекрасни прослави со школските другари и со целата генерација. Успеав, заедно со сега починатата Милка Боева, да ги собереме речиси сите од генерацијата. Дојдоа школските од сите страни на светот. Прекрасни доживувања се матурските прослави, моменти кога најголемиот дел од генерацијата се собравме во Охрид и во гимназијата, седнавме на училишните клупи и се присетивме на сите гимназиски доживувања, на професорите. Се присетивме и ги спомнавме починатите школски другари. Бевме и останавме  хомогена генерација, покажавме дека имаме потреба од матурски прослави и  средби. И не е важно што животниот пат однесе дел од школските другари низ Америка, Австралија, Канада и Европа. Како генерација „се држиме“, контактираме на фејсбук, на вибер. Секој што дошол од странство се јавил и сме се виделе. Верувам дека така ќе биде и за идните матурски прослави, верувам дека нашата генерација, компактна и бројна, ќе слави уште многу годишнини од матура.



OhridNews: Како започна љубовната приказна со Вашата сопруга, со која сте од средношколските денови? 


С. Д.: Во брак со сопругата Жаклина сме веќе 20 години. Ние сме генерација, нашето познанство и нашите контакти започнаа уште во гимназијалските денови. Приказната започнува од  хотелот „Десарет“ каде заедно ја прославивме матурата. Студентските денови ги поминавме  во Скопје, а од 1996 година запловивме во брачните води.
Низ годините поминати заедно сме имале убави моменти. Неретко со Жаклина имаме и различни мислења за одредени  работи, но со компромиси и толеранција, ги надминуваме животните препреки. Денес сме горди што ја имаме ќерката Ана која е добро дете и која од есен ќе биде студентка  во Скопје. Ана е интелигентна и се надеваме ќе биде добра и примерна студентка.




OhridNews: Од кое патување во странство сте понеле најубави спомени?


С. Д.: Ги обожавам патувањата.Тие нè облагородуваат и духовно нè исполнуваат. Кога патувам чувствувам посебна возбуда, откривам нешто ново и интересно. Ме фасцинираат новите предели, сакам да запознавам нови луѓе, нови култури и начини на живот. Посебно сакам да патувам со автомобил, а предизвик ми се патувањата со воз. Често сум патувал и со авион и секогаш сум сакал што побрзо да слетаме. Патувањата ги сметам како приказна без крај...Без разлика дали се службени или приватни, носам прекрасни смомени од нив. Ги сакам службените патувања. Тогаш секогаш сум побогат за нови знаења, искуства, нови видици и можности корисни за мојата професија. Ќе ги издвојам  службените патувања во Хаг и Белград. Со семејството патуваме на годишни одмори. Тоа е време кога „ги заборавам“ службените обврски, се посветувам на семејството и се препуштам на убавините на морето. Сме летувале на повеќе места и острови во Хрватска, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Грција, Турција.






OhridNews: Колку спортот е застапен во Вашиот живот?


С. Д.: Го сакам здравиот начин на живот.  За жал, моите обврски не ми даваат доволно време за спортски активности. Сепак, се трудам колку што можам повеќе да пешачам. Повремено играм тенис со моите пријатели, а често во „ИБ фитнес“ играм пинг понг и ја сакам одбојката. Изминатиов период се повеќе се посветувам на велосипедизмот.




OhridNews: Традиционална македонска храна или ...


С. Д.: Ја обожавам македонската кујна и уживам во традиционалната македонска храна. Таа е дел од нашата култура. Сметам дека ние ја имаме највкусната автентична храна. Го сакам нашето тавче гравче, мусаката, сармите, сакам полнети пиперки, македонска салата со малку добра ракија. Сакам кога на трпезата ќе  видам ѓомлезе, зелник или комат, ајвар и пинџурот македонски. Убава и вкусна е нашата македонска храна, а најубаво е кога ја делиш со вистински пријатели и другари.


OhridNews: Омилен филм кој со задоволство повторно би го изгледале?


С. Д.: Ги сакам филмовите, но не и сериските. Често „вртам“ по ТВ каналите и барам некој добар игран филм. Ова најчесто го правам за време на викендите. Секогаш би сакал повторно да го гледам „Мостовите во областа Медисон“ и „Нешто сосема лично“.



      
OhridNews: Како ги прославувате своите родендени? На кој роденден со задоволство се сеќавате?


С. Д.: Роден сум на 25 јануари и секогаш го славам роденденот. Некогаш во кафуле, а некогаш дома, но секогаш со семејството и моите најблиски пријатели. Некако брзо поминувало времето, па така годинава ја прославив мојата „прва пееска“. Ќе го паметам овој  50-ти роденден, бидејќи не очекував дека ќе „допатува“ така брзо.



OhridNews: Свој најголем успех ...


С. Д.: Мојот успех е што никогаш не престанав да учам и што секогаш  сум подготвен за нови лекции. Јас сум борец и никогаш не се откажувам од идеите за нови достигнувања. Мојот пат е да го направам животот успешна приказна.  Успех е што магистрирав и што сум  автор на  книгата  „Полицијата и јавноста“. Но, најголем успех е што сиве овие години, ја имам подршката од семејството и родителите Андон и Фанија.


Тања Кувенџиска
 
 
 

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Интервју

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали ќе биде постигнат договор за спорот со името помеѓу Македонија и Грција?

Да

Не

Гласај

Да - 570 гласови (31%)

Не - 1271 гласови (69%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833