ОГЛАСИ

Интервју со Дејан Пановски: Ништо не ми значи материјалната среќа, само душевната

Интервју | Интервју | 27.03.2016 12:39Посети : 8625

Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите...


Дејан Пановски, вљубеник во природата, екологист, кој во рамки на активностите на Билатералниот секретаријат за сливот на Охридското езеро со години се залага за заштита на природата, на природните вредности на Охридското езеро и регионот, на културното богатство, вели дека највеќе се релаксира дружејќи се со својот омилен пријател- Куба, пешачејќи во околината на Горна Белица, а открива дека најинтересна му е азиската кујна.


OhridNews: Како вообичаено Ви започнува денот?


Д. П.: Живееме во време кога на многумина првата мисла наутро им е како некому да му го уништат денот (хаха). А, бидејќи за многу работи сум контра, еве нормално и за ова сум, па мене денот ми започнува секогаш со позитивна мисла- како денес да се сработи нешто добро. И обично таквиот ден започнува околу 6:30 редовно со испивање две чаши вода, најчесто консумирање овошно смуди и веднаш потоа подготвеност за да се твори. Впрочем иако еколошка, мојата работа е да творам. Дали се работи за проект, за презентација, комуникација, дали за давање мислење, дали пишување извештај, дали образложување на предлог, организација на настан, спроведување идеја, се е тоа творење. И токму на некаков таков начин, со таква енергија, започнува речиси секој ден.


OhridNews: Омилен начин да се помине слободната вечер после работниот ден?


Д. П.: После денот кој воопшто не значи дека секогаш ќе помине според планот, омиленото попладне му го дарувам најчесто на мојот омилен лик- Куба. Прошетка со Куба која е 5 годишно куче мешанче е најдобрата послепладневна активност. Со неа сфатив дека животните треба да се почитуваат. Во нив нема зло, за разлика од луѓето. На таа активност може да додадам плус кругче покрај езеро со драги пријатели за да биде се комплетно. Навечер следи една  рутина со обврските на ќерка ми и мојата најчесто такси улога во нив и потоа некаде после 21.30 следи читање. Или книга или стрип. Може и кон телевизор да фрлам едно око, ама само затоа што понекогаш сум Dr. House, а понекогаш Sheldon од „The Big Bang Theory“. Инаку не гледам вести, ни други емисии. Имам интернет



OhridNews: Омилено место на кое „бегате“ за да се релаксирате од секојдневните обврски и проблеми?


Д. П.: Сум научил низ искуството дека работата мора и треба да биде релаксација, особено ако ја сакате и сте соживеани и затоа „бегам“ токму во неа. Обврските се рутина, а проблемите кои произлегуваат се нешто кое мора да се реши. Можеби олеснително е што јас не работам материјална работа (со пари де ) и тоа ми дава можност за креативност на иницијативи. Проблемите и сопките и во тоа се составен дел. Има вакви што работат и придонесуваат за заедницата, а има и зли човечиња. И сите заедно си живееме . Всушност секој донесен процес, секое презентирање, секоја спроведена идеја и посебно донесените големи процеси и нови вредности за регионот, ми се најголемата релаксација од се. Значи, ако воопшто бегам, бегам во работа и во книги. Имам свое катче и околу него кинески ѕид за одмор.


OhridNews: Кои особини кај луѓето највеќе ги цените?


Д. П.: Директниот збор, искажувањето став ама свој. Заради искуството низ светот научив да размислувам малку поинаку, научив дека  бранењето на став, без разлика дали во моментот имате поддршка или не, е многу важно. Научив и да губам и да победувам и веќе не носам фрустрации и ослободен сум од секакви добри очекувања. Го практикувам пристапот на Devils advocate т.е оној кој секогаш ја гледа поинаквата страна на било кој предлог, а со цел да се дојде до најдоброто решение. Сосема ми е јасно дека заради тој пристап не ме сакаат,посебно „моите“, и дека поради тоа не мрднав нанапред во политиката, но тоа си е избор и став. Ми фали онаа борба со ставови и аргументи очи во очи, а не оваа борба со навреди и клевети зад грб. Повеќе ценам „непријател“ со став, отколку „пријател“ без свој став. Признавам, не се снаоѓам со дисциплини како манипулации, хајки и „лактања“. Им ги оставам на други. Не ми стојат.



OhridNews: На кои моменти од детството често се присетувате?


Д. П.: Кога и да имам прилика да евоцираме моменти  на детството,  неодминливи слики се игрите на улица во кои ги глумевме ликовите и епизодите од тогашните популарни серии и популарни стрип јунаци. Од „Отпишаните“ до „Блек“ и „Загор“. Ние бевме група на некои интересни деца, кои израснаа пред се во изразени индивидуалци, прилично надвор толпата. Но, секој од нас потоа стана перфекционист во својата работа и професија токму како последица на индивидуалитетот. На тоа можам да додадам и еден период од детството кога секој од нас поединечно пишуваше свое сопствено списание и потоа го разменувавме и оценувавме меѓу себе. Па ете , од такви невообичаени и чудни игри, нормално е да излезат и вакви „чудни“ индивидуи (хаха)


OhridNews: Ваша карактерна особина која на моменти ви пречи?


Д. П.: Мекоста. И во душа и во однесување. А од друга страна и непопустливоста во одредени моменти, по одредени принципи и кон авторитети. Знам многу добро дека тоа е пречка посебно во политички води, но тоа е карактер, изразен индивидуалитет и тука нема назад. Не е никогаш за лошо, ама ете од други разбрав дека сум бил и суетен и надмен  или така беше нешто слично. Ако, нека, тоа си е нивна перцепција и воопшто немам намера да им влијаам да ја менуваат. Научив да си ги сакам и противниците. Тие и ваквиот одговор  ќе го оценат како суетност (хаха). Само, нема да дозволам злото наоколу да пробуди зло во себе. Имам,како и сите, и мани и грешки и доблести. Но, никогаш не сум бил лукративец туку секогаш тука за да се сработи квалитетно и правично. Сакав само со своето делување и знаење да помогнам и на градот, на државата, на заедницата. Можеби ќе можев и повеќе но, толку ми беше и дозволено да можам. Сега е време да подготвиме нова генерација која ќе може и мора многу многу подобро.



OhridNews: Поезија или проза? (омилени автори)


Д. П.: Проза дефинитивно, но не исклучувајќи го никако еден  Едгар Алан По со „Гарванот“ или Пушкин со „Онегин“. Тешка е одлуката за омиленост, но на пример Булгаков со „Мајсторот и Маргарита“ сум го читал на четири јазици секогаш фасциниран од таа приказна и волшебно изведена критичност на еден систем. Мери Шели пак, преку  „Франкештајн“  ја даде најубавата некогаш напишана емотивна приказна. Достоевски е класика и тука нема што многу да се раскажува. И секако делата на Стивен Кинг посебно „Зелената милја“. Од поновите дела „Марсовецот“ ми е омилен. Од домашната литература ја паметам ненадминливата конструкција на Прличевиот лауреат охриѓанецот Банар, кој во еден расказ го кажа она што светот сака да го премолчи. „Како? Како да помогнеме, кога и сами не знаеме какви змии спијат длабоко во нашите души стрпливо чекајќи го мигот за будење“. Крај на филозофијата на постоењето.


OhridNews: Најинтересни јадења кои сте имале можност да ги пробате?


Д. П.: Бидејќи сум имал ете прилика да пропатувам многу  сум пробал најразлични кујни. Азиската ми остана некако најблиска. Еве се мислам што би можело да издвојам како интересно, веројатно оние црни алги во Јапонија. А, да, се сеќавам и при една конференција во Дубровик кога јадевме остриги директно извадени од морето. Беше голем предизвик со здравствени последици



OhridNews: Невообичаен сувенир кој сте го донеле од некое патување?


Д. П.: Не носам многу сувенири, не затоа што сум Влав па се чувам да не потрошам многу (хаха), туку едноставно затоа што најголем дел од патувањата ми се сведуваат на еден- два дена целодневно останување на конференцијата и брзо враќање назад. Но, да седиш и дискутираш со луѓе од  разни раси, разни религии, разни политички гледишта е сувенир само по себе. Се чувствувам така припадник на светот. И како додаток на тоа (еве пак малку наводна суета), најголем сувенир се историските процеси кои ги донесовме за градот и езерото. Засега во овој период гледам дека никому не му  е битно тоа,  но јас многу добро знам дека тоа се генерациски инвестиции за иднината. Неколкупати сум рекол,  јас својот долг кон градот и татковината сум го исполнил. Колку и да е чуден таквиот сувенир.


OhridNews: Интересна случка од вашите бројни службени патувања?


Д. П.: Сакате да кажете од „шетањата“ (хаха)? Би сакал да имам време да напишам книга за тоа. Од заглавувања по аеродроми, до 12 часовни летови, враќања од пола пат, трчање околу Царскиот дворец во Токио и неспиење 7 ноќи, таксисти во Бразил и Перу, чувството на минус 30 во Естонија, сликањето на аеродром во Баку, учеството на Генералното собрание во ООН, презентација во Женева со сувенири од Охрид на маса, аплаузите по повод прогласувањето за Биосферен резерват во Шведска, прогласувањето за „шампион“ на Дримскиот процес. Но, едно патување ми останува секогаш најинтересно. Јуни 2003 година во Бурлингтон,САД отидовме македонско- албанска делегација да ги презентираме достигнувањата со Проектот за заштита на Охридско Езеро. Мене и на мојот колега багажот не ни пристигна на време. Јас презентацијата ја држев по обична маичка,а колегата по сандали. Аудиториумот беа научници и еминентни професори од Вермонт. Беше весело. Исто како и она патување до Вашингтон за само неколку минути да го презентирам предлогот за Дримскиот проект во ГЕФ и брзо назад. Барем се покажа дека не е попусто.


OhridNews: Посетена земја која Ви оставила најголем впечаток?


Д. П.: Што подалечна некако и посилен е впечатокот. Еве најсвежото- Лима, Перу. Земја која до пред деценија и пол била разорена од внатрешни немири, сега е земја со стабилност и економски развој. Земја со еден начин на живеење сличен како нас, со разлика што ние овде енормно се разлошивме како луѓе, а тие останаа онака добродушни, човечни. Секако организираноста и филозофијата на живеење на Јапонија е импресивна и остава без здив. Знаејќи ја сопствената прецизност и барање точност до секунда, мислам дека дефинитивно би се снашол таму (хаха). Сега веројатно по некое клише се очекува  да кажам како ете сепак Охрид е најубав и слично, ама бидејќи не сум по клишеата, нема ни да кажам



OhridNews: Незаборавен семеен одмор?


Д. П.: Кога шетаме низ шумите на Горна Белица мислам дека не само што е незаборавно туку и прекрасно. Среќа што ќерка ми е спортски тип па не застануваме со движење. Тоа е тој активен одмор, бидејќи ретко и кратко сме оделе на плажи и мориња. Не можеме да мируваме . Дефинитивно, в планина е место за најдобар одмор, онака меѓу дивината, меѓу природата. И се почесто размислувам за подолго останување таму во семејната куќа, засега како одмор ,но доколку се направи подобра инфраструктура и за подолго. Изгледа природното во мене е посилно од што мислев.  Замислувам, не само шетање и градинарство, туку какви само книги би можеле да се напишат во таа атмосфера и на таков поголем одмор (хаха).



OhridNews: Најсреќниот и најтажниот момент во вашиот живот?


Д. П.: Најсреќниот дефинитивно кога ќерка ми стана државен првак во Биологија, па прва на натпревар во англиски, па прва во физика, па стипендист за школување. Тоа ми даде и мене внатрешна слобода дека таа е капацитет за себе и дека со знаење, квалитет и посветеност ќе се пробива и понатаму. Тоа се тие моменти за кои сето ова вреди. 



Јас не познавам и ништо не ми значи материјалната среќа, само душевната. Истиот тој однос важи и кон тагата. Таа е вечна секогаш, најмногу заради загубата на блиските, а  мене најмногу заради раната загуба на Мајсторот, не оној од Булгаков, туку мојот Мајстор. Каков човек, каква чесност, работливост, правичност и посветеност. Идеал!



Славете ја позитивноста и моментите!


Т. Кувенџиска


© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Интервју

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали паркирањето во Охрид треба да се модернизира?

Да

Не

Гласај

Да - 1397 гласови (88%)

Не - 191 гласови (12%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833