ОГЛАСИ

Интервју со Ѓоко Танески: Летувањата како мал со семејството во Љубаништа засекогаш ќе ги паметам

Интервју | Интервју | 10.04.2016 12:40Посети : 11386

Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите...


Ѓоко Танески, познат македонски вокал кој зад себе има две децении искуство, „главен виновник“ за убавото расположение на присутните во кафулињата и дискотеките во кои настапува, во 2010 година евровизиски  претставник на Македонија во Норвешка, открива која посетена дестинација особено го воодушевила, кое е најинтересното јадење кое имал можност да го проба, зборува за искуството од учеството на Евровизија...  


OhridNews: Професионален сте музичар кој нема класично работно време. Тоа за Вас е придобивка или хендикеп?


Ѓ. Т.: Порано ми беше придобивка, но сега веќе не, затоа што свириме за време на викенд, па од понеделник до петок немам други работни обврски, па на моменти се осеќам непродуктивен.


OhridNews: Дали наоѓате време за дружења со пријателите? Повеќе ги сакате вечерните излегувања или денските прошетки низ градот?


Ѓ. Т.: Со пријателите многу ретко одиме во кафеана или во некој од ноќните барови, дружењата најчесто се во домашна атмосфера. Ги сакам прошетките со семејството, често пати и со нашиот домашен миленик, кучето Марта, но некако денските прошетки се поретки, а почести вечерните.



Со сопругата Розе во брак се од 2006 година


OhridNews: Татко сте на две ќерки, Анастасија и Михаела. Важите за строг татко или за родител со „меко срце“?


Ѓ. Т.: Во нашиот случај мајката е таа што е построга со децата, а јас сум оној кој повеќе попушта. Така сме некако поделени. Ќерките ми се слаба страна и тие ме „фаќаат“ на тоа.


OhridNews: Роден сте во повеќечлено семејство, имате  двајца браќа и една сестра. На кои моменти од детството со задоволство се сеќавате? Колку сте блиски со вашите браќа и сестри?


Ѓ. Т.: Многу сме блиски, особено со братот кој живее во Охрид. Другиот веќе неколку години живее во Дубровник. Сестрата живее во Богданци, но и со неа сме нон- стоп на телефон или пак се посетуваме. Кога ќе помислам на детството, прво што ми паѓа на памет се одморите на дивата плажа во Љубаништа, каде одевме како мали со нашите родители. Засекогаш ќе ми останат во сеќавање тие убави моменти.



OhridNews: Вашите музички почетоци беа додека учевте во средното училиште,кое го завршивте во Кавадарци. Како дојде до формирањето на вашата прва група?


Ѓ. Т.: Никогаш претходно не помислував дека ќе бидам пејач. На желба на мојот покоен татко отидов да учам во средното шумарско училиште во Кавадарци и таму седев во интернат каде често се организираат дружења, секако пропратени со музика. Имав другар, Роберт Пирнер, кој беше дојден од градот Јајце, сега живее во Нови Сад и е гитарист, кој зад себе има доста познати песни. Често пати на тие дружења, тој свиреше, а јас потпевнував, па така Роберт беше тој што ме подучуваше и поттикна да почнам поинтензивно да се бавам со пеење. Имаше аматерски фестивали во Кавадарци, почнавме да учествуваме на нив, да освојуваме први места и така се почна. Во 1993 ја основавме групата „Алегро“ во која бев 15 години.



Настапот на Евровизија во Норвешка


OhridNews:  Во 2010 ја претставувавте Македонија на Евровизијата во Норвешка. Од сегашен аспект, колку тоа беше плус за Вашата музичка кариера?


Ѓ. Т.: Можеби е плус за во моето CV како пејач, но за кариерата не беше плус. Можам да кажам дека беше дури и вид хендикеп, сите кои се вратиле од Евровизија потоа се озборувани негативно, освен ако не земат прво или второ место и тогаш би биле добри. А, знаеме какви игри се во прашање. Не дека кариерата тогаш ми заврши, но почна една надолна линија, година, две додека се вратив назад од сите тие озборувања, психички падови, но сум задоволен што бев таму и би отишол пак на Евровизија, секако е позитивно искуство.


OhridNews: Со кои колеги од македонската естрада се дружите во приватниот живот?


Ѓ. Т.: Близок сум Кристина Арнаудова, Тарабунов, Наум Петрески, се дружам со сите. Ако сме на некој настан повеќе пејачи, често пати по настанот заедно да се дружиме. Кога ќе дојдат во Охрид секогаш се јавуваат за да се видиме.



Дружењата со колегите секогаш минуваат во добро расположение


OhridNews: Дали ги сакате патувањата? Која посетена земја Ви оставила најголем впечаток и зошто?


Ѓ. Т.: Ги обожавам патувањата и доколку е можно одам со автомобил, уживам во возењето и самото патување. Најголем впечаток ми остави Австралија, особено Сиднеј, кој не бил треба да оди и го посети. Прекрасна земја, многу зеленило, убава клима, инфраструктура, култура на однесување. Сум бил секаде низ Европа, во Русија, Америка-и таа е убава, бев во Чикаго и Њујорк, но таму зимите се долги и ладни, а јас повеќе сакам кога е топло.



Во Австралија



Со Владимир Василески-Четкар при посетата на Америка


OhridNews: Стара македонска песна која секогаш со задоволство ја пеете?


Ѓ. Т.: „Кажи ми“ од Драган Мијалкоски, „Кој да ти каже Ивана“ од Кемал Монтено, од народните покрај старите „Зајди, зајди“, сакам да ја пеам „ Праша ли Тинке мајка ти“.


OhridNews: Според Вас, кој е најдобриот женски вокал во моментов во Македонија?


Ѓ. Т.: Во Македонија имаме мал број женски вокали споредено со соседните земји. Би ги издвоил Каролина, Тамара, Кристина, Елена Ристеска, ние повеќе имаме машки вокали.



Со Кристина Арнаудова


OhridNews: Дали понекогаш сакате да зготвите некое јадење или готвењето и го препуштате на својата сопруга?


Ѓ. Т.: Уживам да готвам и знам да готвам, но како и во многу други семејства, така и кај нас, сопругата смета дека правам голем неред во кујната додека готвам и не ме остава. Во друштвото ме знаат дека правам убави салати, порано правев и лазањи, секаков вид на паста. Најинтересното јадење што сум го пробал беше во Истанбул, со телешко месо и сосови, не знам точно што беше, но беше преубаво и вкусно.


OhridNews: Ваша сеуште неостварена желба...


Ѓ. Т.: Да не звучи нескромно, но секој кој е во оваа професија би сакал да оствари успех и надвор од земјата, да има добра песна на светско ниво. Иако таа желба полека ми спласнува со годините, но потсвесно ми стои и понатаму, но ако се случи се случи.


Т.К.

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Интервју

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали ќе биде постигнат договор за спорот со името помеѓу Македонија и Грција?

Да

Не

Гласај

Да - 84 гласови (29%)

Не - 207 гласови (71%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833