ОГЛАСИ

Интервју со Горан Андоновски: „Виновникот“ што почнав да се бавам со спорт е мојот татко

Интервју | Интервју | 24.04.2016 11:21Посети : 11035

Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите...

Горан Андоновски, предводник на реоформениот Ракометен клуб Охрид, дел од машката ракометна репрезентација на Македонија, учесник на Европско и Светско првенство во ракомет, добитник на признанието за најдобар тренер од Сојузот на спортови за 2015 година, открива дали останува слободно време поради бројните обврски, кој бил „виновникот“ поради кој почнал да се бави со спорт, кој е „клучот“ за да се биде успешен спортски тренер...


OhridNews: Како изгледа еден Ваш работен ден?


Г. А.: Најчесто работниот ден ми започнува околу 3 и 30 наутро кога се подготвувам за работното место-технолог раководител на производство во АД „Жито леб“. Секако,  тука е задолжителното утринско турско кафе без кое не се може. Околу 13 часот заминувам да пазарам, па на ручек, па на краток одмор. Во 17 часот се подготвувам за тренинг кој трае од 18 до 19 и 30. Легнувам најдоцна до 22.



OhridNews: Бројни обврски на работа, а потоа и како тренер во ракометниот клуб „Охрид“, кој годинава е дел од разигрувањето за титулата во Супер лигата. Останува ли сепак слободно време и како најчесто го минувате?


Г. А.: Кога на наведените дневни обврски ќе им се додадат и двата утрински тренинзи, покрај попладневните, службените патувања и патувањата на натпревари, пресметајте колку ми останува слободно време. Слободно време единствено имам во недела и тоа, ако и тогаш не е закажан натпревар. Но, се се заборава со постигнатите успеси во спортот и на работното место, кога ќе се увериш дека не е залудно.


OhridNews: Охриѓани Ве знаат и под прекарот „усташ“. Од каде овој прекар?


Г. А.: Тоа останало од татко ми, како фамилијарен прекар, а имам и хрватско потекло од баба ми, значи не е случајно. Во репрезентацијата на Македонија за ракомет имав прекар што алудираше на тигар, бидејќи бев премногу агресивен кон противниците.



На тренинг со играчите на РК Охрид


OhridNews: Како и кога спортот навлезе во Вашиот живот, зошто го избравте ракометот?


Г. А.: Единствен „виновник“ е мојот татко, ми се чини дека се родив со ракометна топка, а еве и сеуште сум со неа, дење и ноќе. Мојот татко, Крсте, беше селектор на Македонија и тренер на најуспешните наши клубови.


OhridNews: Колку за еден спортист значи да биде дел од државна репрезентација?  


Г. А.: Секако, врв на спортска кариера и тоа чуство е неопишливо, тој жар и морници додека се пее националната химна. Бев учесник на првите европски и светски првенства, каде Македонија избори учество во Италија и Египет.



Од деновите кога играше за машката ракометна репрезентација на Македонија


OhridNews: Што е пресудно за да се биде успешен спортски тренер?


Г. А.: Прво, имав долгогодишна успешна ракометна кариера како играч и искуство со врвни тренери, но сето тоа мора да се надоградува секојдневно, затоа што секоја година ракометот е се подинамичен. Учествувам на семинари за тренери, а и магистрирам за ракометен тренер во моментов. Значи, ништо не е случајно.


OhridNews: Спортската облека преовладува во Вашата гардероба. Како ја бирате, дали е пресудно да биде од познат спортски бренд ?


Г. А.: Секако, најудобно се чуствувам во спортска опрема, но не сум зависник од брендови, важно ми е само да ми е удобно.



Со сопругата Љубица, синот Даниел и ќерката Виолета


OhridNews: Дали и Вашите деца покажуваат интерес кон спортот?


Г. А.: Синот Даниел игра во нашиот РК Охрид и има голема желба за ракомет, а ќерката Виолета студира осигурување, но заедно со мојата сопруга Љубица секогаш присуствува на натпреварите и имам искрена поддршка и во добро и во лошо, бидејќи составен дел на спортот се победите и поразите.


OhridNews: Колку приватните патувања, надвор од спортот, се застапени во Вашиот живот? Најинтересни дестинации кои сте ги посетиле?


Г. А.: Со ракометот сум го прошетал речиси целиот свет: Египет,Тунис, Германија, Шпанија, Италија, Австрија...но, морам да признам дека најдобро се одморам кога сум со мојата сопруга и децата на одмор во Грција, Црна Гора, Хрватска или Албанија преку лето.



При врачувањето на признанието-Најдобар тренер за 2015


OhridNews: Дали сте имале понуда да заминете од Охрид и Вашиот дом го преселите во друга земја?


Г. А.: Токму овие денови имам понуда да заминам во една далечна земја, како тренер и ако се одлучам ќе заминам фамилијарно. Во Македонија сум „венчан“ за РК Охрид и „Жито леб“. Зимата, а и сега, имам отворена понуда од еден наш ракометен гигант, но ни на крај памет не ми паѓа да размислувам за такво нешто.


OhridNews: На раководна функција сте во фирмата „Жито Леб“, секојдневно сте дел од производството на храна. Дали сте гурман?Кои се Вашите омилени јадења?


Г. А.: Знам да се измешам во кујната, меѓутоа многу брзо сум избркан и се повлекувам. Имам желба да направам скара или подготвам италијанска тестенина и тоа исклучиво кога сопругата не е дома.



На работното место во АД „Жито леб“ Охрид


OhridNews: Вечерните излегувања се чести или ретки? Дали наоѓате време за дружења со пријателите?


Г. А.: Секоја можност ја користам за излегување, бидејќи се ослободувам од негативната енергија собрана на работното место и теренот. Многу малку останува за дружење со пријателите и поради тоа, најдобар одмор ми е во кругот на семејството. Пресреќен сум што во овие тешки моменти за нашата држава и градот успеав со моите ракометари да направиме нешто позитивно и ја полниме салата во „Билјанини извори“ и да заборавиме на секојдневието. Наши посетители се цели фамилии, во училиштата има се повеќе деца ракометари, а и не е важно, не можат да се сите врвни, но се спортисти. Од друга страна, преку „Жито леб“ се грижам охриѓани да се хранат квалитетно, здраво и без конзерванси во лебот и пецивото.


Т. Кувенџиска





© 2017 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Интервју

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали во екот на сезоната во Охрид треба да се одржуваат настани на отворено кои траат до доцна во ноќта?

Да

Не

Треба да постојат исклучоци, според строги правила

Гласај

Да - 1254 гласови (37%)

Не - 845 гласови (25%)

Треба да постојат исклучоци, според строги правила - 1264 гласови (38%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833