Во работна посета на Охрид вчера престојуваше Кенихиро Танака директор на Културно- информативниот центар  на Јапонија во Македонија. Тој оствари средба со градоначалникот на Охрид Александар Петрески на која се разговарало за можностите за соработка  и партнерство на Охрид со градови од Јапонија , при што како најзаинтересиран беше посочен градот Осака. Била промовирана и идејата, одбележувањето на 20- годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Јапонија, во 2014 година да се одржи во Охрид.

-Охрид е најголемиот културен и туристички центар во Македонија,па затоа многу ни значи што јапонски градови се заинтересирани за соработка со нас. Со тоа би се интензивирале контактите и промоцијата на Охрид во Јапонија која започна со учеството на наша делегација во Токио на свеченото доделување на Светската награда за хуманизам на Даисаку Икеда – рече градоначалникот Александар Петрески.

Директорот на јапонскиот Културно- информативен центар во Македонија, истакна дека Охрид е привлешен град за јапонските туристи и оти е потребна поголема соработка со институциите на локално ниво.

– Јапонските туристи кои доаѓаат во Македонија бараат да престојуваат во Охрид и потоа воодушевено им раскажуваат на своите пријатели. Тоа е добра промоција, која заеднички треба да се унапредува не само во областа на туризмот и културата туку и во бизнис секторот“ – посочи Кенихиро Танака.

На средбата градоначалникот Петрески побарал поддршка на идејата за отворање на универзитет од светската групација на Даисаку Икеда. На универзитетот , како што ветил Икеда би студирале и студенти од соседните земји.

OhridNews