Ракометниот клуб Охрид шестата сезона во македонската ракометна елита ќе ја започне на гостински терен во Скопје против Пролет во вториот викенд од септември месец.

Управата на охридскиот клуб до почеток на подготовките за новата сезона (ќе) има полни раце работа, откако екипата имаше непосакуван финиш во плејофот од Супер лигата завршувајќи на последната позиција без победа. Финансиските проблеми затропаа на вратата од РК Охрид и многу веројатно дека тие ќе го кројат составот за следната сезона.

Заминувањето од Охрид го официјализираа Бојан Спасовски и Јовица Младеновски кои потпишаа за дебитантот во Супер лигата, Бутел и Благојче Трајкоски кој го засили Еурофарм Работник.  Дел од играчите веќе преговараат за промена на средината, а РК Охрид немо го следи трансфер периодот во Супер лигата.

Во случај управата на „гладијаторите“ да не се консолидира и да не најде начин за учество во Супер лигата ќе биде погубно за клубот кој ќе се соочи со тригодишна суспензија, а во четвртата ќе започне од најнизок ранг.

Во првата рунда силите ќе ги одмерат Пелистер- Еурофарм Работник, Тинекс Пролет – Охрид, Бутел Скопје – Прилеп, Борец – Струга, Вардар (Ј) – Радовиш.

OhridNews