Во автентичнниот и неповторлив амбиент на етно ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани, со незаборавен  концерт на познатата балканска музичка ѕвезда Жељко Самарџиќ и маестрото на евергрините Драган Мијалковски, синоќа,  беше отворена Деветтата меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“

На колонијата чие мото годинава е „Заедничките вредности помеѓу народите на Балканот како мост за развој на меѓусебното пријателство, почитта и разбирањето“, учествуваат четириесеттина познати уметници од земјава и светот кои инспирацијата за своите ликовни дела ќе ја црпат од недопрената природа и архаичниот амбиент на Вевчани. Во име на уметниците свое обраќање имаше истакнатата француска сликарка со виетнамско потекло, Ми–Ан Хо.

Ликовната колонија „Вевчански видувања“ во изминатите години прерасна во респектабилна културна манифестација, чиј квалитет е препознаен во светски рамки, за што голема заслуга има организаторот и мецена Ѓорѓи Угриноски.

На колонијата до сега имаат земено учество над 200 еминентни ликовни уметници од земјава и странство. Најдобрите дела насликани од учесниците на колонијата, се изложувани на престижни изложби во светот.

Фото галерија: