Два концерти на реномирани џез музичари ќе се одржат денеска и утре во познатиот клуб “JAZZ INN” во Охрид.

На 16 август, ќе настапи Алерксандар Петров Трио со неговиот проект “TRANSMISSION PROJECT” кој го сочинуваат докажаните музичари: Александар Петров – пиано, перкусии, Александар Икономов – бас и
Виктор Филиповски – тапани.

Александар Петров е врвен џез музичар и композитор кој потекнува од Македонија, а својата кариера ја гради во “дувлото” на Џезот NY City, Франција и насекаде низ Европа.

Во петок (17 август) целовечерен концерт ќе имаат SETHSTAT и Мирко Попов како гостин.

Sethstat се вистински звучен столб на македонски модерен џез. Базирани на панк, џез и фри-стајл импровизација, нивната сонична авантура се протега низ 25 години и 7 албуми. Сирови, слободоумни, секогаш расположени за авантура и неочекувана мелодија. Најдобриот начин да ги запознаете и навлезете во нивниот фантастичен свет е да ги послушате во живо.

Во последниве 4 години соработуваат со Мирко Попов, кој се јавува како вокалист во оваа постава, што музиката ја носи на сосем друго ниво, извонредно интересно и атрактивно за публиката. Заедничкиот албум “Се Плашам од Македонци” од 2015 беше прогласен за албум на годината, а концертите на ова комбо привлекуваат големо внимание кај просветената џез публика. Во моментов работат на вториот заеднички албум, кој треба да се појави до крајот на 2018.

Двата концерти започнуват од 22:00 часот, а картите по цена од 200 денари може да ги набавите директно во “Jazz Inn” и во музичката продавница “ZZ Top”.

OhridNews