Од 16 до 19 август Вевчани e домаќин на 8 по ред фестивал на народна култура „Пображење“, што се одржува во организација на Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“ од Вевчани.

Целта на овој фестивал е да ја афирмира Македонската духовна култура и традиција, да овозможи запознавање со културата и традицијата на други земји низ светот, да ја збогати туристичката понуда на општината.

-Вевчани одсекогаш бил достоен чувар на Македонската традиција, со векови го негува и презентира фолклорното творештво на својот народ, па токму затоа и овој фестивал е само уште една потврда за нашиот однос кон културното наследство на Вевчани и Македонија. – изјави претседателот на КУД „Дримкол“ од Вевчани, Тошо Чочороски.

Оваа година на големата летна сцена во Вевчани ќе настапат над 500 уметници членови на фолклорни ансамбли од: Македонија, Полска, Естонија, Чешка, Словачка, Литванија, Босна и Херцеговина како и професионална фолклорна група од Куба.

Стручниот совет на фестивалот во состав: проф. др. Мирјана Мирчевска, проф. др. Велика Стојкова – Серафимовска, проф. др. Даворин Трпевски, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли кои ќе презентираат изворен фолклор, а за најдобриот ансамбал организаторот доделува плакета „Чувари на изворната традиција“.

Фестивалот започнува денес со вечер посветена на етнолошкиот филм. Ќе бидат прикажани етнолошки филмови од Музејот на Македонија и Македонското етнолошко друштво, а свои обраќања ќе имаат и етнологот при музеј на Македонија Владимир Боцев како и директорот на институт за фолклор Зоранчо Малинов.

Покрај сценско уметничката презентација на орската, инструменталната и вокалната култура, во рамките на фестивалот секоја година се реализира и програмската содржина: Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници. Годинава на оваа тема во Вевчани ќе сликаат: Славица Секулоски, македонка која живее и твори во Холандија и Марјан Стојаноски од Струга.

Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово на 19 август со етно звуците на Ансамблот ,,Климе Садило,, од Охрид и со вокално-инструментална изведба на оркестарот и пејачката група при КУД ,,Иван Горан – Ковачиќ,, од Сисак, Р.Хрватска.

Фестивалот е под покровителство на министерството за култура на Р. Македонија и на Општина Вевчани.

OhridNews