Животот му го посвети на боди билдингот, иако не беше негова прва спортска љубов, но сигурно ќе остане последна. Бранејќи ги боите на Македонија учествуваше на безброј меѓународни натпревари, а досегашната кариера Гоце Мојсоски ја заокружи со настап на „Арнолд Класик“ и средбата со идолот од детството Арнолд Шварцанегер. Тој во разговор за OhridNews открива детали за неговите почетоци, и животот на еден боди билдер исполнет со многу предизвици.

  • Како дете започнав да играм фудбал со мојот вујко во Караорман, потоа се пробав и во ракомет, а пред да почнам со боди билдинг кратко време одев и на карате. Во боди билдингот се пронајдов најмногу и еве веќе 15 години сум активен. – започна со приказната Мојсоски околу бодибилдингот и додаде – Боди билдингот е еден од најтешките и најскапите спортови со оглед на тоа што имаш посебен режим на исхрана и додатоци кои мораш да ги консумираше без прескокнувања. Личната сатисфакција е единственото нешто што го добиваме за успесите, бидејќи никој до сега не добил парична награда за освоено место на подиумот.

Круна на досегашната кариера на Мојсоски е настапот на „Арнолд Класик“ во престолнината на Каталонија Барселона, во прекрасната Шпанија. Преку 5 000 учесници ширум Европа во разни категории ги одмерија силите на сцената. Мојсоски во својата категорија избори пласман во полуфиналето завршувајќи на 11-та позиција.

  • Во целина „Арнолд Класик“ настанот помина многу убаво. Конкуренцијата беше голема и квалитетна. Овој настан се организира два пати годишно, еднаш во Шпанија и еднаш во Охајо во САД. Целиот настан траеше три дена во кои на сцената постојано има натпреварувачи кои даваат се од себе. Јас последниот ден кога се борев за место плус имав проблеми со бојадисувањето на телото што ми одзеде дел од позитивните поени со кои сигурно ќе се борев за медал во финалето. – изјави Мојсоски.

Највпечатлив момент на „Арндолд Класик“ боди билдинг хепенингот беше доаѓањето на познатиот глумец и покровител на настанот Арнолд Шварцанегер, кој бил пречекан со стоечки овации. – Неговото појавување во салата беше неверојатно. Големината и позитивниот дух се чувтсвуваше од далеку, а неговите совети сите учесници ги слушавме внимателно. Имавме можност да се дружиме кратко со него, бидејќи имавме многу обврски околу подготовката за полуфиналниот настан.

Мотивацијата за исцрпувачките подготовки за „Арнолд Класик“ и неколку други натпревари претходно Мојсоски ја црпи од ќерката Ева и фамилијата.

  • Ќерката Ева ми е најголема мотивација не само за боди билдингот туку за се во животот. Поддршка добивам од мојата фамилија, а најмногу од мајка ми и од љубовта кон овој спорт со кој имам 15-годишна нераскинлива врска. – потенцираше Мојсоски.

Гоце Мојсоски со мајка му

Со неговите успеси, здравиот начин на живот и водењето на фитнес и боди билдинг центарот „Фит Форм“ тој сака да даде најдобар пример на младите да се одлучат да спортуваат без разлика кој спорт ќе го одберат. – Лично сакам да им дадам добар пример и мотив на младите кои мораат повеќе да се занимаваат со спорт. Не мора да е професионално туку и рекреативно, бидејќи сутацијата со неактивноста е аларматна.

Еден боди билдер за тело какво што посакува треба да се откаже од многу работи и професинално да пристапи кон подготовките.

  • Се што не е здраво како храна боди билдер не смее да го внесе. Значи мора да се откаже од слатки и солени работи, газирани и не газирани сокови, а се конзумира само варена храна. Претежно оброкот се состои од варен ориз и стек без зачини или варена риба која не би ја препорачал, а нам ни е главен оброк. Исто така користиме додатоци кои помагаат за правилно развивање на мускалната маса. – истакна Мојсоски кој им се заблагодарува на Македонската бодибилдинг федерација предводена од Бобан Ѓороски и Зоран Колевски кој будно ги следеше подготовките на охриѓанецот и го бодреше кога беше најтешко. Исто така Мојсоски им се заблагодарува на спонзорите без кои не ќе можел да стигне до натпреварување какво што е „Арнолд Класик“.

Рекреативното вежбање се повеќе се практикува отколу боди билдингот. Фитнесот според Мојсоски зема се поголем залет и станува секојдневие во животот на еден човек.

  • Во боди билдингот не се пронаѓаат сите, бидејќи треба жртва, а во фитнесот многу луѓе се пронаѓаат себе си. Боди билдингот е голема обвррска, додека фитнесот не одзема толкаво време и не бара некоја посебна исхрана, ако зборуваме за рекреација Професионализмот во секој спорт бара почитување без никакви остапувања. Во Охрид мора да ги пофалиме девојките кои се поактивни од момчињата. Имав неколку случаи каде што женските повеќе ги почитуваат советите, поредовни се на тренинзите, отколку момчињата кои често не доаѓаат или пак фитнес тренингот ќе го заменат со фудбал, кошарка или играње некој друг спорт. – потенцираше нашиот соговорник.

Низ „Фит Форм“ поминати се многуј спортисти, а на Мојсоски најголем впечаток му оставиле Женскиот ракометен клуб Вардар, Ракометниот клуб Металург и норвешката ракометна репрезентација во женска конкуренција која беше дел од Европското првенство во Охрид и Скопје 2008 година.

  • Најголем впечаток поединечно ми остави Андреа Лекиќ од ЖРК Вардар, а и целиот клуб кој беше максимално организиран и посветен на ракометарките. Ракометниот клуб Металург кога беше составен од македонски играчи и предводен од Лино Червар и женската репрезентација на Норвешка која беше дел од Европското првенство кое се одржа во Охрид и Скопје 2008 година. На фитнес тренингот од норвежанките преовладуваше позитивна атмосфера како никогаш до сега, а мора да се напомене дека стигнаа до златото победувајќи во финалето против Шпанија. – заврши Мојсоски.

После завршувањето на „Арнолд Класик“, Мојсоски се најде во улога на судија на натпреварување во Македонија и во иднина можеби ќе проба да ја дели правдата надвор од границите на нашата земја.

Михаил Постоловски
Фото: Емилио