Една поговорка што повозрасните возачи често знаат да ја кажат, вели: „Вози бавно, стигни славно“. Убаво речено, но ќе биде уште поубаво ако возачите ја разберат и нејзината суштина, што всушност значи спасување човечки животи. За жал, во реалноста се случува нешто друго…

Секојдневно сведочиме за голем број сообраќајни незгоди предизвикани од брзо и агресивно учество во сообраќајот.

Брзиот и динамичен живот, бројните обврски, постојаниот недостаток на време, не е, и не може да биде оправдување. „Брзав за да стигнам навреме“ е најчестиот изговор што го користат возачите, со цел да објаснат зошто направиле одредено опасно дејствие – брзо возење. Брзото и агресивно однесување во сообраќајот изнудува грешки кои завршуваат со фатални последици. Брзото возење е причина број еден за предизвикување сообраќајни незгоди со тешки и фатални последици. Статистиката покажува дека минатата година, во Република Македонија, 72 лица, односно 46% од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди се последица на брзо возење.

Во 2017 година, повеќе од половина од настраданите лица во сообраќајните незгоди во Европа, настрадале поради пребрзо возење. Некои поради неприлагодена брзина кон условите на патот, а некои поради преценување на сопствените квалитети и можности, или поради игнорирање на опасностите на патот.

РСБСП со совет: Запрете за миг, размислете добро и заклучете: што е тоа што го добивате, а што е тоа што го губите, или може да го изгубите, доколку не ги почитувате правилата за ограничување на брзината?!?

Потсетување: Брзината на движење на патиштата во Република Македонија е ограничена во зависност од условите на патот и истата е обележана со соодветен сообраќаен знак. Глобата за непочитување на оваа законска обврска  изнесува и до 400 евра, односно соодветен број негативни поени и времено одземање на возачката дозвола.

OhridNews