Ракометниот клуб Охрид во среда (утре) со почеток во 19 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе го пречека битолски Пелистер во најинтерсниот меч од 9-та рунда во Супер лигата. Охридските ракометари подготвени се за предизвикот наречен Пелистер, кој се консолидираше по слабиот старт на сезоната.

  • Јас, како поранешен член и сите ракометари знаеме какво е реномето и значењето на Пелистер во македонскиот ракомет. Исто така го знам здравото ракометно ривалство помеѓу Охрид и Битола последниве години и можам да констатирам дека ќе биде добар и неизвесен натпревар. Бодовите значат многу и сигурно Пелистер во Охрид ќе дојде по нив. Ние ќе направиме се што е во наша моќ да победиме и да се доближиме чекор поблиску до плејофот. Ја користам приликата да ја повикам охридската публика да дојде во што поголем број и да не поддржи како на минатите натпревари. – изјави Дарко Георгиевски кој игра на позициите лев и среден бек.

Голманот на Охрид, Јагош Брауновиќ смета дека играта во одбрана ќе го одлучи исходот на дерби мечот од 9-та рунда. – Ќе се сложам со најавата на Дарко и вистина мечот со Пелистер ќе биде тежок меч и дерби во вистинска смисла на зборот. Императивот е многу поголем од трите бодови, бидејќи победа во мечот ќе биде патоказ кон плејофот. Трансферот во Охрид токму од Пелистер е вистински потег, бидејќи во мојот сегашен клуб добивам поголема минутажа отколку во преходниот. Нашиот адут во претходните и мечевите кои следат без размислување е одбраната. Ракометарите кои играат во одбраната одлично ја вршат својата работа и во голема мера ми ја олеснуваат работата мене и на Мартин кога браниме. – потенцираше црногорскиот интернационалец.

Ракометниот клуб Охрид ја прифати паричната санкција од РФМ во висина од 60 000 денари за инцидентот во Прилеп во кој учествуваа „Рибарите“ и судијата Ѓорѓи Начевски. Мечот беше прекинат па продолжен, а „Рибарите“ со прекумерна полициска сила беа остранети од салата.

  • Не сакам да ја коментирам казната. Имавме рок за жалба, но одлучивме да не ја обжалиме одлуката од РФМ. Паричната санкција нема да се одрази премногу на буџетот и на амбициите од клубот. Во соработка сме со навивачката група „Рибари“ и сите заедно ќе ја пребродиме ситуацијата во која се најдовме. – истакна спортскиот директор Горан Недески.

Ракометарите на Охрид во досегашните мечеви на домашен терен има максимален ефект победувајќи ги Бутел Скопје, Вардар Јуниор и Струга во „езерското“ дерби, додека Пелистер на гостувањата има две победи во серија.

Михаил Постоловски