Бегството на правосилно осудениот експремиер Никола Груевски во Будимпешта, Унгарија, предизвика вистински политички земјотрес во Македонија. Како избегал, кој му помогнал, ќе сноси ли некој одговорност за грешките… се само дел од прашањата кои се отвараат и во овој случај.

Но, зошто токму Унгарија. Политичките аналитичари не се изненадени од изборот на Груевски, дотолку повеќе што тамошниот премиер Виктор Орбан и неговата партија важат за блиски на политичката опција на поранешниот премиер. Тие имаат остварено бројни средби во минатото и речиси редовно нивните партии си даваа голема поддршка во изборните кампањи во двете држави.

Последен пат тоа беше случај на 29 септември 2017 година во текот на кампањата за локалните избори кај нас.  Тогаш во Охрид специјално допатува премиерот на Унгарија и претседател на партијата ФИДЕС, Виктор Орбан. Тој се сретна со Никола Груевски, тогаш се’ уште лидер на ВМРО ДПМНЕ, а на средбата присуствуваше и лидерот на Демократската партија на Словенија, Јанез Јанша. Тие  изразија отворена поддршка на  кандидатите за градоначалници од партијата на Груевски.

Посетата на Орбан на Охрид минатата година се случи неколку дена по престојот на голема делегација на неговата партија во Македонија, чиј домаќин беше ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски, кој правосилно е осуден на две години затвор во случајот „Тенк“ на СЈО, денеска со фејсбук статус објави дека се наоѓа во Будимпешта и дека ќе бара политички азил затоа што добил бројни закани по неговиот живот.

Г.М.