На едно место сите потребни информации за туристичката понуда на Охрид. Од денес започна со работа Инфо центарот кај охридската пошта, кој во текот на наредната година ќе го користи Здружението на граѓани Експлорер.

  • На јавниот повик на кој можеа сите да се пријават, правото на користење го доби Експлорер кој во наредниот период, преку Инфо Центарот, ќе врши промоција на туристичките производи и услуги во Охрид. Целта на издавањето на овој објект е исклучиво за некомерцијални цели, за давање информации, пренасочување на туристите кон местата и сервиси што ги бараат, промоција на настани, вели Ѓоко Апостолов од ТЛЕР.

Како што потенцираат од Експлорер, здружение кое е формирано пред неколку месеци, на туристите треба да им се понуди нешто ново, поразлично од досегашните понуди на плажа туризам.

  • Време е туристите да се запознаат со нови форми на туризам кој е се побаран во светот и да се впише во мапата на градови со Инфо поинт каде туристот ќе ги добие сите потребни информации, вели Димитар Димитров, претседател на Експлорер.

На настанот се изврши промоција на уште еден проект, од Здружението на водичи Кеј, во чии рамки се изработени маички и чадори кои им се доделени на водичите. Со тоа ќе се постигне еден вид унифицираност во овој сегмент, со цел да се избегнат и лоцираат сите нерегистрирани, таканаречени „диви водичи“.

  • Регистрираните водичи ќе ја имаат опремата и ќе бидат вистински репрезент на градот и симболично означени дека имаат дозвола за вршење на дејноста. На маичките и чадорите се поставени ознаките на локалната самоуправа, Здружението на туристички водичи Кеј од Охрид и знакот на УНЕСКО. Се надеваме дека ова место ќе прерасне во еден пункт од каде иницијално би можеле да започнуваат многу ангажмани и туристички активности, изјави Климент Наумов, претседател на Здружението на водичи Кеј.

Од ТЛЕР за наредниот период најавуваат и низа други проекти кои ќе придонесат за поголема промоција на градот и регионот.

Т.К.