Охридската спортска тврдина „Билјанини Извори“ останува неосвоива, откако „гладијаторите“ во фантастичен натпревар го совладаа Пелистер 25-22 (11-12) во дерби средбата од 9-та рунда во Супер лигата.

Пресметката на двата ривали го оправда епитот дерби и сигурно дуелот ќе се вбројува во еден од најдобрите, кои, сезонава ќе бидат одиграни во најквалитетната ракометна лига во Македонија.

Пелистер многу добро го започна мечот, додека охриѓани потклекнаа пред притисокот. „Зелено белите“ , отворија со 3-1, а поведоа и со 5-2. Охрид се разбуди и врати со иста мера за 7-7, но повторно гостите од Битола го контролираа текот на мечот.

„Пелистерци“ стигнаа до нови два погодоци предност (9-7), а „гладијаторите“ одново имаа одговор и успеаја да поведат до 11-10. Во финишот од полувремето гостите со два голови го свртеа резултатот и заминаа со еден гол позитива на полувремето.

После крајот на првиот дел настана мешаница, откако обидот за гол на Дарко Георгиевски заврши во пределот на раката и лицето на еден играч од Пелистер. Прво кон играчот на Охрид се затрча голманот на Пелистер, Милош Рајичиќ, кој констатно ги провоцираше охридските играчи, а потоа и двете екипи влегоа на теренот. По смирувањето на страстите во нов конфликт влегоа тренерот на Пелистер, Јошко Петковиќ и играчот на Охрид, Славиша Димитријески и повторно на теренот влетаа двете кипи.

После немилите сцени и брканицата, судиите Димитар и Дејан Георгиевски ги исклучија Дарко Георгиевски и Славиша Димитријески од Охрид односно Милош Рајчиќ и Иван Димитриовски кај Пелистер им доделија сини картони, за евентуални дополнителни суспензии после прегледувањето на снимката.

Исклучувањата на стартот од вториот дел подобро ги искористи Пелистер, кој охридските грешки во нападот ги претвораше во погодоци за водство 15-12. „Зелено белите“ со нова серија од три голови стигнаа до највисока предност од шест погодоци (18-12).

Најголемата негатива ги „отрезна“ охриѓани кои носени од публиката направија неверојатен пресврт. Гол за гол, охридските ракометари ја топеаја предноста на гостите кои влегоа во серија грешки и бунило од френетичната атмосфера.

Во 53-та минута резултатот беше 21-21, а домаќините со серија 2-0 стигнаа до прво водство од два погодоци 23-21. Со паметна игра до крајот на мечот ја задржаа предноста и забележаа фантастична победа.

Со трите бодови охридскиот состав се доближи чекор поблиску до плејофот, додека Пелистер го претрпе првиот пораз после доаѓањето на Јошко Петковиќ за нов тренер.

Во 10-та рунда Охрид на домашен терен го пречекува Пролет.

РК Охрид: Брауновиќ (9 одбрани), Јовановски (4 одбрани), К. Андоноски 3, Ивановски, Блажески 3, Коство, Димитриески, Соколов 4, Д. Андоноски, Тасески 5, Георгиевски 2, Симоноски, Димитријески 3, Петровиќ 3, Везенковски 2.

РК Пелистер: Ристевски (3 одбрани), Рајичиќ (5 одбрани), Петров, Маџовски 4, Поповиќ 5, Чантурија 1, Димитровски 2, Черубин, Мохсен, Митревски 1, Лековиќ, Димитровски, Кобетиќ 6, Стоилевски 1, Дрогришки 1, Перовиќ 1.

Михаил Постоловски
Фото: Емил Јовановиќ