Од МНР информираат дека министерот за надворешни работи Никола Димитров, денес, иницирал и остварил телефонски разговор со својот унгарски колега Петер Сијарто, во врска со поднесеното барање за азил до унгарските власти од страна на поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски.

За време на разговорот, министерот Димитров посочил дека во случајот станува збор за осуденик, против кого се водат и уште неколку други судски постапки за сериозни кривични дела. Министерот воедно ја потенцирал важноста на принципот на владеење на правото, кој претставува темелен европски принцип. Притоа укажал на парадоксалноста на ситуацијата да се бара политички азил во земја членка на ЕУ, од страна на личност во чие време на владеење, земјата кандидат за членство во ЕУ беше окарактеризирана како „заробена држава“ и од страна на самата Европска комисија.

Министерот Сијарто во телефонскиот разговор, ја потврдил информацијата дека Никола Груевски поднел барање за азил до надлежните унгарски власти и дека правната процедура е веќе започната. Притоа нагласил дека унгарската поддршка за реализација на аспирациите за европска и евро-атлантска интеграција на Република Македонија, како и добрата билатерална соработка меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина.

OhridNews