Охридските советници на денес одржаната седница на советот ја изгласаа предлог одлуката за измена и дополнување на општинскиот буџет за 2018. Вкупниот ребаланс кој се предвидува е 19.500.000 денари, од кои 500.000 денари се наменети за заловување и стручен третман на кучињата скитници.

Според најавите на заменик градоначалникот Константин Георгиески, првите чекори се веќе преземени и до крајот на годината се очекува да има видливи резултати на терен.

  • Од страна на ЈП Охридски комуналец беше распишан тендер за набавка на возила кои ќе ги користи шинтерската служба и возилата се веќе набавени. Овде се работи за набавка на ветеринарни услуги и заради ова се тие средства предвидени со ребалансот на буџетот. Очекуваме во наредниот месец дена, луѓето кои ќе се ангажирани во шинтерската служба да ги добијат потребните сертификати за обавување на дејноста и мислам дека пред новогодишните празници ќе ги имаме првите резултати, односно заловени и згрижени улични кучиња кои беа проблем во изминативе години, рече Георгиески.

Советниците од опозицијата ја поздравија одлуката и апелираа за конечно решавање на проблемот.

  • Добра работа е што се даваат дополнителни средства, но време е и ние како совет и посебно локалната самоуправа и секторите задолжени за тоа, да пристапат кон сериозно решавање на овој проблем, па во 2019 да имаме некакво поместување, можеби отварање стационар со јавно приватно партнерстрво, доколку нашите претпријатија не можат сето тоа да го сервисираат. Ова нека е само почеток, а во 2019 сериозно да пристапиме кон негово конечно решавање, рече координаторот на советничката група од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Кирил Пецаков.

Инаку, остварувањето на буџетот за 2018 досега е 83%, а до крај на година ќе биде над 90%.