Ракометниот клуб Охрид и Женскиот ракометен клуб Лихнид, точка на 2018 година ќе стават со учество на Меѓународен турнир во Холандија. По покана од аматерскиот клуб „Сомерен“, околу 45-члена експедиција од двата клубови, в петок во раните утрински часови ќе отпатува за Холандија. Охридските екипите во Холандија ќе престојуваат седум денови, а ќе одиграат по три натпревари.

  • Нашиот домаќин, клубот „Сомерен“, летово беше гостин во Охрид. Идејата уште тогаш беше да ја продлабочиме соработката и да воспоставиме база за нешто повеќе во иднина. Клубот од Холандија не покани, а ние заедно со женскиот клуб ја прифативме поканата. Нашето доаѓање Сомерен ќе го искористи да го популаризира ракомет во градот, а ние ќе го искористиме да се одмориме психолошки после напорната и долгата сезона. – изјави спортскиот директор на РК Охрид, Горан Недески.

Двата охридски клубови ќе одиграат по три натпревари. „Гладијаторите“ ќе се сретнат со аматерските екипи на Сомерен и Лајанс и Крас Волендам, кој охриѓани го елиминираа во првата рунда од квалификациите за пласман во Купот на ЕХФ минатата сезона. Ракометарките на Лихнид силите ќе ги одмерат со екипите на Херкулес и Сомерен.

РК Охрид своите обврски во Супер лигата ќе ги финишира неделава со мечевите против Борец и Радовиш на домашен терен. Дуелот со фенерџијата на програмата е утре (вторник) со почеток во 19 часот, а дуелот со Радовиш закажан е за четврток во 18 часот.

Мх.П.