Ракометарите на Охрид, со два натпревари во два дена ќе ги финишираат мечевите во есенската полусезона во Супер лигата. Мечевите против Борец во вторник (19 часот) и Радовиш во четврток (18 часот) охридските ракометари ќе ги одиграат на домашен терен. „Гладијаторите“ фаворитската улога треба да ја оправдаат на теренот и со две победи да ја заокружат 2018 година.

  • Мечот со Борец е добра шанса за нас младите ракометари. Знаеме дека повеќе не сме таленти и надежи, туку веќе треба да се наметнуваме како опција плус во ростерот. Добрите игри од Младинската лига, каде завршивме на првата позиција треба да ги пресликаме во „првата“ екипа и да покажеме дека не е залудно тренирањето со сениорите три сезони наназад. – изјави Мартин Ивановски кој игра на средната бековска позиција.

Неговиот соиграч од младинската екипа Наум Костов кој дејствува на десната крилна позиција смета дека секоја најмала прилика треба максимално да се искористи.

  • Секоја најмала прилика треба да ја користиме. Играњето во Младинската лига и Супер лигата не е воопшто исто. Сезонава трибините во Охрид се полни, нас некогаш ни преставува мотив плус, но мора да се признае дека чуствуваме и притисок. Сепак, мора да ја пофалиме публиката која секое наше влегување или добар потег го наградува со аплауз. – истакна Костов.

Ракометниот клуб Охрид со осум победи и четири порази се наоѓа на петтата позиција, додека двата следни противници се во долниот дел од табелата.

OhridNews

РК Охрид и ЖРК Лихнид сезоната ќе ја завршат во Холандија !