На првиот ден од продажбата на влезниците за долго очекуваниот музичко – забавен спектакл „Зимска бајка“ експресно беа распродадени влезиците за ВИП ложите, како и сите претходно извршени резервации, што само го потврдува големиот интерес кој владее во јасвноста за настанот на годината во Охрид, што ќе се случи на 22 декември во Центарот за култура „Григор Прличев“ во 20 часот.

Останаа само дел од влезниците за партер и балкон, кои можат да се набават единствено во „Топ маркет“ кај Чинарот. Потсетуваме дека бројот на седишта е ограничен, па најдобро е навреме да си набавите влезница за шоуто кое оваа година ќе се одвива на тематски дизајнирана сцена во бајковит амбиент кој ќе биде создаден во центарот за култура. – информираат организаторите.

За посетителите ќе има изненадувања и подароци, а најавени се и неколку интересни промоции, кои ќе го надополнат настанот кој ќе биде исполнет со гламур и квалитетна програма на која се работи изминатите неколку месеци.

Овој настан е сосема поразличен од се што се нуди на охридската сцена и оттаму подготовките за истиот како од организациски аспект, така и од аспект на учесниците траат подолг период, за што се неопходни значителни ресурси кои се ангажирани за „Зимската бајка“ да биде тоа што е. – истакнуваат организаторите.

„Зимската бајка 2018“ ќе биде отворена со најновото шоу на “Two mothers brothers” на фантастичните актери и комичари Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски кое премиерно ќе биде изведено за оваа прилика. Големото предновогодишно шоу ќе го надополнат најдобрите празнични песни, во изведба на Емилија Маринова, Јован Куциноски, Јане Тодороски и гудачко трио; новата ѕвезда на македонското музичко небо Антониа Гиговска и уникатниот проект со безвремнските рок класици на Ѓоко Танески, Анатолиј Арнаудоски, Владимир Кречоски, Емилија Колоска, Димитри Алчев, Ѓорѓи Калајџиев и Никола Јосифоски.

 

Настанот и оваа година е дел од манифестацијата „ОД 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ што градот Охрид ја подготвува за претстојните новогодишни и божикни празници во насока на збогатување на туристичката понуда, а го помогнаа Хотел Чинго – Охрид, Печатница и картонажа Коста Абраш, Општина Охрид, АСП ПАК, Далвина, Горска, Староградско, Куба Либре, „Терен ауто плус“, Виеми, Ресторан „Св. Софија“, Стоматолошки центар „Д-р Баткоски“, АД „Галеб“ Охрид, Кармен Бауцентар, Хотел „Нова Ривиера“, Кафе бар и лаунџ бар „Кадмо“, Рентакар „Ескејп“, Топ Маркети, Ресторан „Далга“, ЈП „Охридски Комуналец“, Моби Петрол и ФТУ Охрид.

OhridNews