Охрид и Македонија се прататковината, магна карта на европскиот хуманизам, со самиот факт што Св. Климент Охридски, на стотина години пред првиот европски универзитет, во Болоња, овде ја формираа првата хуманистичка школа. Со овие зборови, синоќа, во очи на големиот христијански, православен празник, Богојавление – Водици, во Куќата на Уранија (МАНУ), официјално му беше врачена Светската награда за хуманизам за 2018 година, на Романо Проди, политичар, хуманист, универзитетски професор и еден од водечките интелектуалци на стариот континент.

Наградата на Проди, еден од визионерите и градителите на европската идеја, му ја врачи В.Д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, кој, меѓу другото, нагласи дека од сега Романо Проди, со целиот негов политички и хуманистички беграунд, ќе биде дел од охридската калдрма и светостите на македонската духовна и црковна метропола.

Екс-премиерот на Италија и поранешен претседател на Европската комисија, Проди, заблагодарувајќи се на признанието, додаде дека духот на европската идеја не се профитот и економското поврзување, туку хуманизмот и солидарноста.

– Европа е заедница на малцинства. Кога бев во Романија, еден тамошен пратеник ми кажа како неговиот татко бил убиен, само затоа што таму бил малцинство, како што бил убиен и неговиот дедо – за истото. Тоа повеќе не смее да се случува. Европа треба да биде семејство на мир и солидарност, во европската архитектура, како темел треба да влезе балканската стратегија, но и нешто пошироко – солидарноста со африканските земји, чие население, без своја вина, се раселува во очајнички поморски и сувоземни колони, потенцираше Проди, кој 10 години во Африка беше специјален пратеник на ОН.

Дипломатот и писател, Јордан Плевнеш, во својата пригодна беседа, напомена дека целата светска идеја на хуманизмот е во Охрид. Проди е 13-от добитник на Светската награда на хуманизмот, но не треба да го препознаваме само како досега прв од политиката, затоа што тој е и голем хуманист.

-Вечерва во Охрид, градот на првата средновековна европска школа на хуманизмот, на самиот почеток на 10. век, се случува една вистинска духовна револуционерна синтеза, меѓу двата митски европски градови во Европа, Охрид и Болоња. –потенцираше Плевнеш.

Доказ за духовното единство меѓу Охрид и Болоња, додаде Плевнеш, е фактот што еден од најстарите глаголски ракописи, пишуван е во охридското село Рамне (1230-1240), а се чува во Августинскиот манастир Сан Џакомо Маџоре во Болоња, под името Болоњски псалтир.

Плевнеш ја информираше бројната публика, дека Романо Проди е роден на денот на Св. Клименти и дека во Охрид, со неговата животна сопатничка, Флавија Франзони, ќе ја прослави златната свадба -5о години брак.

На свеченоста зборуваа и Рикардо Бризи, професор на Универзитетот од Болоња, како и Жан Патрик Конрад од Империјалниот колеџ во Лондон.

Светската награда за хуманизам ја востанови Охридската академија на хуманизмот, по идеја на дипломатот и писател Јордан Плевнеш и со неа се слави името на Св. Климент Охридски на сите светски меридијани.

Пред професорот Проди, Охрид, градот на УНЕСКО, со ова исклучително признание веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.