Согласно законот и правилата за осигурурање на трети лица, што е задолжително за автобуските превозници во земјава, по овој основ семејствата на жртвите и повредените од автобуската несреќа  кај Ласкарци, Скопско, вкупно можат да добијат максимум 675.000 евра, вели Климе Попоски, претседател на Совет на експерти на Агенција за супервизија на осигурување. Тој појаснува дека постојат неколку полиси по кои што секој осигуреник може да побарува надомест на штета по основ на ризик од смрт, повреда или инвалидитет, вклучително доколку има и сопствено осигурување.

Согласно законот за задолжително осигурување во сообраќајот, секое превозно средство мора да поседува полиса за одговорност за трето лице, додека транспортерите, таксисти автобуски превозници,  мора задолжитено да имаат осигурување на патници во јавен превоз. Во случајот семејствата на жртвите и повредените во автобуската несреќа можат да бараат надомест на штета по два основи, по основ на смрт, траен инвалидитет или нарушена работна способност и тоа 4500 евра за ризик смрт, 9000 евра за траен инвалидитет, 2200 евра во случај на нарушена работна способност и потреба од натамошно лекување. – појаснува Попоски.

Попоски истакнува дека максималната осигурена сума за нематеријална штета на автобус изнесува 675.000 евра.

Тоа е максимална обврска за друштвото за осигурување. Доколку реалната штета е повисока, тогаш семејствата на жртвите или повредените може да побараат дополнителна штета од причинителот на штетата. Овој максимален износ ќе се распредели по секој поединечен случај. Во случајот, обврската ја има осигурителната компанија Еуросиг, која има гаранции до 200.000 евра, а над тој износ исплатата ја гарантираат реномирани странски реосигурителни компании кои би исплатиле штета над 200.000 евра, но до законски утврдениот максимум од 675.000 евра. – вели Попоски.

За разлика од Македонија и земјите од регионот каде има ограничување во сумите предвидени со осигурителните полиси на автопревозниците, во ЕУ не постои лимит. Попоски истакнува дека Македонија ќе треба постепено да го прилагодува домачното законодавство со европското.

Како ќе пристапуваме кон ЕУ така ќе мораме да ги зголемуваме сумите од осигурување. – додава Попоски.

Во случајот со тешката автобуска несреќа на комапнијата „Дурмо турс“ од Гостивар кај Ласкарци, во која до сега животот го загубија 15 лица, пресметката на штета по основ на нематеријална штета ќе се врши во согласност со критериумите на осигурителната компанија и ќе зависи од индивидуалниот статус на жртвите, дали се деца, возрасни, кој е нивниот брачен статус и слично, објаснува Попоски, додавајќи дека тие критериуми се разликуваат од една осигурителна компанија до друга, но вкупниот износ на сите пријавени штети не може да намине 675.000 евра, колку што предвидува законот.

Доколку оштетените се незадоволни од висината на утврдениот надомест, имаат право да бараат отштета во граѓанска постапка од компанијата вршител на превозот.

Г.М.