13 112 е новиот СОС број на кој, во иднина, ќе може да се повика помош во случаи при повреда во планина.

Охридската Служба за спасување, денес, во рамки на проектот „Охридско Езеро-безбедна дестинација за авантуристички туризам“, го промовира скратениот СОС број кој за прв пат се воведува во Македонија и може да се повикува од сите мобилни и фиксни оператори во земјава.

  • Ќе работиме и на поиновативни начини за брзо повикување помош и лоцирање преку развивање на мобилна апликација за паметни телефони, преку посебен софтвер со кој може да ги детектираме локациите на местата на наесреќа, од каде што добиваме повици, но сега како прв чекор во пресрет на идната туристичка сезона, бидејќи во делот на авантуристички туризам сезоната почнува порано од вообичаената, го најавуваме овој број, вели Антонио Додевски од Службата за спасување на планина и координатор на проектот.

Нема правилен развој на планинскиот и алтернативен туризам, без зголемување на безбедноста при движење во планина, потенцира вд градоначалникот Константин Георгиески.

  • Затоа проекти од ваков вид се многу од значајни и важни за сите нас како заедница. Сведоци сме на неколку немили настани изминатите години на македонските планини. Безбедноста при движење на планина е она кон кое сите се стремиме, а токму воведувањето на овој СОС број е нешто што допринесува во насока на зголемувањето на безбедноста и сериозноста на добрата понуда за сите кои сакаат да го посетат Охрид за авантуристички туризам. Како општина и понатаму ќе поддржуваме и создаваме услови за развој на други проекти кои ќе овозможуваат развој на различните видови туризам, рече Георгиески.

Како што потенцира претседателот на општинскиот Црвен Крст, Сашо Точков, воведувањето на скратениот СОС број 13 112 е исчекор во зголемување на безбедноста на сите кои сакаат да се движат во планина, како на поединците, така и на организираните тури.

  • Црвен крст години наназад тежнее да овој единствен број ги вклучи и останатите служби кои дејствуваат во наши рамки-Службата за безбедност на вода која е најактивна во лето, но може да функционира и даде свој придонес за безбедност во Охридското езеро и во текот на целта година, како и дејствувањето на парамедиците.  Не само ентузијазмот на луѓето од спасителната служба на планина, туку и координациата со институциите, пред се локална самоуправа, вроди да ваквите проекти успешно се реализираат, додаде Точков.

Повикот на СОС бројот 13 112 ќе е достапен од секој оператор во Македонија, но охридската служба може да делува на пет територии: општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца и Ресен кои територијално може да ги покрие во разумно време за интервенција на планина. Доколку се добие повик од останатите региони, тогаш повикот ќе се пренасочи кон колегите во регионот од каде стигнал повикот.

Т.К.