На струшката ривиера каде изминатите десеттина дена се регистрирани повеќе случаи на палење на трска, како и изградба на бетонски огради, не се случува ништо драматично, вели градоначалникот Рамиз Мерко. Се работи за уредување на приватни имоти, онака како што се прави на целото Езеро, додава тој.

И во Охрид и Подмолје се пали трската. Таа е сува трска, нема никаква врска со биодиверзитетот. Секоја година се пали трска за луѓето да можат да ги обработуваат нивите. Тоа се приватни имоти, кои се одделени од државниот имот со патот и патеката која ја изградивме. Луѓето само ги уредуваат нивните имоти кои беа запуштени. – изјави градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

На западното крајбрежје од Охридското Езеро, на потегот помеѓу Струга и Калишта, во тек градежни активнати на одредени локации. Се стравува дека ова е само почеток кон целосно уништување на крајезерскиот простор кој е природно живеалиште на голем број видови флора и фауна.

Нашето искуство е дека самото палење на трската всушност претставува припрема за изведба на некои други активности, односно можеби појава на неко нелегални бјекти, изградба на плажи и друго, а кои можат да се случат во наредниот период. – велат од извидничкиот одред „Крсте Јон“  од Струга, чии активисти се вклучени во мониторингот на Охридското Езеро.

Сето ова се случува по најавите на државата за преземање на ингеренциите над плажите на Охридското Езеро и може да влијае на статусот на регионот кој е прогласен за светско природно наследство заштитено од УНЕСКО, велат екологистите.

Глетката е ужасна. Оваа ситуација не беше спомната во одговорот на македонските институции до УНЕСКО. Свесно е премолчено ова намерно уништување на природата, појасот трска кој е овде најконзистентен. Сите молчат, локацијата е надвор од градот, незабележлива, што е уште еден поволен момент за овие узурпатори.

Oхрид SOS

Стапивме во контакт и со Државниот инспектор за животна средина Игор Трајкоски кој не информираше дека извршил увид на струшката ривиера, при што констатирал дека се работи за активности на приватен имот и дека нема уништување на трската во езерото, а за дејствијата кои се извршуваат таму, како што истакна тој, надлежни се соодветните инспекторати за земјоделство и градежништво.

Г.М.