Закажаниот мирен протест на здружението на граѓани „Совест“ за начинот на кој се реставрира и надградува Алипашината џамија во охридската чаршија, кој беше првично најавен на 19 март 2019 година, вторник, на плоштадот Чинар, се одложува на неодредено време.

Ваквиот развој на настаните се должи на реакцијата на институциите и нивно конечно прифаќање на одговорноста. Во таа насока е закажаната средба на претставници на ЗГ „Совест“ со премиерот Зоран Заев, за 20 март во Скопје. Се надеваме дека она за што искрено се залагавме во изминативе две и пол години – почитување на законите и зачувување на вредностите на Охрид,  ќе вроди со плод и нема да продолжи незаконското постапување во однос на Алипашината џамија. – соопшти ЗГ „Совест“.

Вршителот на должност градоначалник на Охрид Константин Георгиески, изјави дека утрово разговарал со претставници на ЗГ „Совест“ и дека не се исцрпени сите средства за решавање на исклучително чувствителниот проблем.

Дојдовме до заеднички заклучок дека сепак не се исцрпени сите лекови, како правни, така и комуникациски и други средства кои што може да ги примениме во однос на тоа прашање кое ја бранува јавноста. Мој став е дека протестот треба да биде последна инстанца пред било каква солуција на решавање на проблемот со градбата на минарето. Деновиве ќе имаме средби кои ќе ни бидат во насока на решавање на овој проблем. – изјави Георгиески.

Според конзерваторското решение, кое според ЗГ „Совест“ е спорно, во рамки на реконструкцијата на Алипашината џамија, која е прогласена за споменик на културата, треба да се изгради 32 метри високо минаре, кое претходно не постоеше на објектот повеќе од еден век.

OhridNews