Итна реакција на надлежните инспекциски служби и стопирање на секакви градежни активности на Али Пашината цамија, заштита на просторот околу објектот и постојан мониторинг од страна на полицијата. Овие барања ги изнеле претставниците на Здружението на граѓани за заштита и афирмација на културните вредности „Совест“ – Охрид на средбата со премиерот Зоран Заев, што се одржа денеска во Владата, во присуство на в.д. градоначалникот Константин Георгиески,  раководителот на Секторот за урбанизам Охрид Бранко Арнаудов и в.д. директорката на Завод и Музеј Охрид Елеонора Новакоска.

„Совест“ на состанокот имаше едно единствено барање конечно иституциите да се координираат и Државниот градежен инспекторат веднаш да издаде забрана за градежна активност на објектот културното добро Али Пашина џамија со окружена жолта лента околу објектот и 24 часовен мониторинг од страна на МВР со што би се обезбедил објектот од натамошно дивеење и дивограење за кое сите жители на Охрид се запознаети. – соопшти ЗГ „Совест“.

Доколку институциите не постапат според законот и не ги запрат отпочнатите градежни активности на објектот веднаш, ќе биде активиран најавениот протест, најави граѓанското здружение „Совест“.

Kако што е познато, на Али Пашината џамија, која е споменик на културата, со средства од Република Турција се изведува реконструкција, во рамки на која се гради минаре, чија висина според издаденото конзерватрорско решение треба да изнесува 32 метри. Но Управата за заштита на спомениците на културата пр инспекциски надзор утврдила бројни неправилности во реализација на проектот.

За случајот постапка покрена Основното јавно обвинителство Охрид, кое поднесе кривични пријави против повеќе физички и правни лица. Тие се товарат дека спротивно на законот и без да обезбедат соодветно одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски отпочнале активности на објектот. Едновремено обвинителството до Основниот суд Охрид поднело барање за издавање на забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно забрана за преземање на градежни дејствија на Али Пашината џамија.

Од Исламската верска заедница – Муфтивство Охрид, во чија сопственост е Али Пашината џамија, засега нема официјална реакција за случајот, кој подолг период ја бранува охридската јавност.

OhridNews