Кошаркарите на АВ Охрид го прекинаа постот без победа во Првата лига совладувајќи го гостинскиот состав, Шкупи со 96-73 (25-21, 29-14, 14-18, 28-20) во 19-та рунда од македонската кошаркарска елита.

„Галебите“ со победата на фенерџијата стигнаа до четвртиот триумф сезонава и што е најважно ставија точка на серијата од седум порази во кошаркарскиот шампионат.

Уште на стартот од мечот охриѓани поведоа со 8-2 и јасно ставија до знаење дека атакуваат на победата. До финишот на првиот квартал разликата не варираше премногу и после првите десети минути домаќините стекнаа водство 25-21. Избраниците на Петар Чочороски фуриозно го започнаа вториот квартал во кој и ги решија дилемите околу победникот. Грешките ги сведија на минимум, ја стегнаа  одбраната, а плодот од таквата играта се осети на семафорот на кој стоеше 54-35.

Гостите од Скопје во третиот квартал се заканаа добивајќи го со 18-14, но охридските кошаркари во последната четвртина ги вратија работите во колосек и забележаа убедлива победа.

Во тимот на АВ Охрид се истакна Донески кој уфрли 19 поени, а идентичен број на поени вкупно 14 постигнаа Дрекаловиќ, Димитриев и Атанасов. Во гостинскиот состав најефикасен беше американскиот интернационалец Форс со 17 кошеви.

Во следната 20-та рунда АВ Охрид гостува кај Вардар во Скопје.

OhridNews