Во местото викано Галеш во населбата Далјан, денеска, беа поставени темели на Домот за стари лица.

Местото предходно oд општината на лицитација го купи градежната фирма „Илинден“ од Струга за околу 13 милиони денари, а Домот за стари лица ќе го гради фирмата „Ха-Де“ формирана од компаниите „Еуро билдинг“ и „Океанија“.

Капацитетот на објектот ќе биде 400 легла и ќе има околу 17.000 метри квадратни корисна површина. Предвидено е изградбата да трае од две и пол до три години, а вкупната инвестиција ќе изнесува околу 5 милиони евра. – изјави за OhridNews Адријан Хасани, косопственик на фирмата „Ха-Де“.

Домот за стари лица е приватна инвестиција на фирмите „Еуро билдинг“ и „Океанија“, а во соработка со владата се водат преговори за субвенционирање на проектот преку ИПА фондовите.

Во Домот за стари лица ќе може да престојува секој којшто ќе има можности за тоа. Објектот ќе биде изграден по европски стандарди, а согласно урбанистичкиот план предвидено е во склоп на комплексот да има и мала болница. Освен сместување, Домот за стари лица ќе нуди 24 часовна нега и соодветен медицински третман. – истакна Хасани.

Домот за стари лица во Охрид беше долго најавуван, за конечно денеска да започне изградбата на овој капитален објект.

OhridNews