Во пресрет на големиот христијански празник  Велигден, денеска на плоштадот „Чинар“ се одржа традиционалниот Велигденски базар. Присутните на бројните тезги имаа можност да купат велигденски украси, сувенири  и традиционални македонски специјалитети.

Како што истакна вд градоначалникот Костантин Георгиески, традиционалниот Велигденски базар кој годинава се одржува по шести пат, станува препознатлив дел од одбележувањето и прославата на големиот празник Велигден.

  • Овој настан полека, но сигурно, зазема и важно место на охридската туристичка разгледница како промотор на ракотворбите  изработени од вредните раце на охридските ученици и вработени во охридските компании како и традиционалните македонски специјалитети подготвени  од учениците од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. Денес, со купување на она што е  изложено на базарот стануваме дел од хумана мисија, добар пример за нашите деца затоа што ги учиме на поинакви вредности – споделување, помош и  хуманост. Со желба позитивните мисли  и спокојот  да ве водат во празничните денови што ни престојат Ви го честитам големиот христијански празник  Велигден  со желба за добро здравје , среќа  и семејна хармонија- истакна Георгиески.

Настанот секоја година се одржува во организација на ЈП „Градски пазар“, а со поддршка на локалната самоуправа.

  • На наше големо задоволство од година во година се повеќе се зголемува заинтересираноста на локални производители на традиционални јадења и изработувачи , занаетчии  и фирми на ракотворби  кои учествуваат на овој базар. Покрај промотивен базарот има пред се хуманитарен карактер. Собраните средства во духот на христијанскиот празник Велигден ќе се донираат во хуманитарни цели-  рече директорката на ЈП „Градски пазар“, Кристина Крлеска – Деспотоска.

Велигденскиот базар беше  збогатен со  уметничка програма  на која учествуваа  децата од ЈОУГД „Јасна Ристеска“ и учениците од основните училишта во Охрид.

OhridNews