На Охридското и другите езера во земјата наскоро нема да можат да пловат увезени пловни објекти чии мотори не ги задоволуваат еколошките стандарди согласно европските регулативи, најави Капетанијата на пристаништа. Старите пловни објекти кои се уредно регистрирани и натаму ќе можат да пловат, додека увозот на половните пловила ќе биде лимитиран, појаснуваат од Капетанијата.

Ќе постојат ограничувања во однос на увозот на пловни објекти. Нормално новите произведени насекаде низ светот по стандарди што се направени, ќе може да се увезуваат, меѓутоа ќе биде поставена старосна граница за увоз на пловни објекти, особено гледајќи на нивните мотори, емисијата на издувни гасови, евро стандардите коишто се запазени при изградбата на самите чамци и моторите, така да многу скоро ќе има промени во тој дел. До сега немаше, но обврзани сме со евро директивите и јавноста треба да очекува дека ќе настапат одредени рестрикции во тој дел. – изјави раководителот на Капетанијата на пристаништата во Охрид Горан Устијаноски.

Засега не постои лимит на пловни објекти на Охридското Езеро, каде бројот на кајчиња, катамарани и бродови за комерцијална употреба забрзано расте. Во моментов се градат три нови брода, а старите и руинирани пристаништа во Охрид и Св. Наум немаат капацитет за целата бродска флота. Снемува и простор за паркинг и на останатите пловни објекти кога не се во пловидба.

Помалите пловни објекти се сконцентрирани во каналот каде веќе сме 100% исполнети, додека на градското пристаниште за поголемите бродови исто така доаѓаме до еден горен максимум колку тоа може да прими, така да во блиска иднина ќе мора да се реши ова прашање, дали преку изградба на марина, или дооформување на градското пристаниште, меѓутоа некакво техничко решение ќе мора да изнајдеме. – додава Устијаноски.

Иако ја ветуваа сите влади и локални самоуправи до сега, долго најавуваната марина на Охридското Езеро, се’ уште е во фаза на планирање и избор на локација. Од Капетанијата на пристаништата информираат дека постои готов проект за изградба на марина кој е пратен на разгледување во Министерството за животна средина и е предмет на научни анализи. Додека се чека негово одобрување, Капетанијата ќе го зголемува капацитетот на пристаништата во Охрид и Св. Наум со продлабочување, но по завршување на шпицот на туристичката сезона во септември, кога водостојот на Охридското Езеро е најнизок.

Г.М.