Активностите на споменикот на култура Алипашина џамија во охридската чаршија, каде се гради минаре високо 32 метри се изведуваат незаконски. Тоа ќе има далекусежни последици не само по градот туку и по државата, истакнаа учесниците на мирниот протест, што попладнево се одржа пред зградата на Општина Охрид во организација на Здружението на граѓани „Совест“..

Институциите на системот целосно потфрлија во овој случај, рече Сашо Максимоски од ЗГ „Совест“. Тој изрази надеж дека дека во отсуство на потребна реакција од страна на домашните институции, ќе реагира УНЕСКО. Светската организација со допис е запознаена за случајот со Алипашината џамија, кој ќе се разгледува на 34 сесија на Комитетот за културно наследство што ова лето ќе се одржи во Баку.

Премиерот Заев истакна дека е запознат со проблемот и дека ќе се заложи тој да се реши, но не само што нема почеток, нема ниту епилог, поради што граѓаните на Охрид се чувствуваат изманипулирани и излажани. Бараме и премиерот и градоначалникот да се заложат за решавање на овој случај согласно законите. – рече Максимоски.

Михаил Трендафилов Нанче рече дека историјата ќе сведочи оти сегашните генерации на Охрид извршиле предавство, бидејќи дозволуваат пред очи да им се уништува градот. Тој ги критикуваше охриѓани дека немаат храбро срце да застанат во одбрана на својот град и со демократски средства да ги променат состојбите.

Треба да се собере цел Охрид, нема тука партии и политика, да и покажеме на цела Македонија како треба, бидејќи ова не е прашање само на нас тука. Сега има апсолутна власт во земјата. Охрид се топи пред наши очи, а историјата ќе сведочи дека ние ја предадовме Македонија. Мислите дека ништо не е она, мала работа, ама многу кажува, сакаат да ни покажат колку се големи. – рече Нанче.

Нас ни треба разум додаде Нанче. Тој ги обвини СДСМ и ВМРО ДПМНЕ за лукративни игри кои имаат цел полнење на лични џебови. -Кога Заев и Мицкоски ќе речат дека е доста и ќе направат коалиција може да има спас за сите нас, а не вака со поделби, рече Нанче.

Организаторите истакнаа дека протестите ќе продолжат се додека институциите не се одважат да го решат проблемот согласно законите и да спречат насилно уништување на Охрид.

OhridNews