Природното и културното богатство на Охридскиот регион да се стави на Листата на загрозено светско наследство препорачува УНЕСКО во Извештајот кој треба да биде разгледан на 43 сесија на Комитетот за културно наследство што од 30 јуни до 10 јули ќе се одржи во Баку. Во документот се нотирани бројни забелешки за негрижата на светското заштитено наследство во Охрид, пред се во областа на урбанизмот.

Извештајот не е неповолен туку реален велат екологистите. Тие потсетуваат дека УНЕСКО уште во 2017  година испрати препораки за мораториум на урбанизацијата на крајбрежјето, но и во внатрешноста, како и стопирање на легализацијата на дивоградбите, по кои не само што не е постапено, туку и се игнорираат.

Ние ги имаме податоците од трите општини. Само во Општина Охрид од моментот од кога препорачаа да има стопирање на легализација на дивоградби легализирани се над 300 бесправно изградени објекти, исто е и со Општина Струга, со Дебрца е малку поинаква состојбата, но тоа е заради тоа што самата општина е од поинаков карактер. После тоа е Планот за управување којшто требаше да се усвои, ниту се ревидира во контекст да се направи соодветна визија за подрачјено, ниту пак се рефлектира она што беше побарано од УНЕСКО во самиот план. – изјави Александра Бујароска од невладината „Фронт 21-42“

Ставањето на листата на загрозени подрачја значи дека државата ќе треба многу повеќе да работи на отстранување на нотираните забелешки, но овој пат под силен мониторинг, посочува Бујароска.

Разликата е што треба да работиме заедно со УНЕСКО. Акциониот план, предлог активностите, целиот сет на она што вистински треба да се спроведе ќе биде во комуникација со УНЕСКО. Тоа со себе носи и одредена финансиска каписла, бидејќи се покажа дека ние ниту сме подготвени со експерти, ниту со финансии за да може вистински да спроведеме соодветно управување во рамки на регионот. – истакна Бујароска.

Штетата која е направена со игнорирање на препораките на УНЕСКО е голема и негативно влијае на универзалните вредности кои ги поседува Охридскиот регион, вели Бујароска. Таа посочува дека евентуалното исклучување на Охрид од УНЕСКО исклучиво зависи од нас самите, односно од градоначалниците на Охрид, Струга и Дебрца, граѓаните и бизнис секторот, пред се градежните компании, но и од државата која засега не успева да воспостави ефикасни контролни мерки за заштита согласно законите, со што во опасност од уништување се доведува непроценливото богатство на Охридскиот регион старо 4 милениуми.

Г.М.