Во петок ќе се знае дали ќе има или не зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи со започнувањето со работа на универзалниот снабдувач, компанијата ЕВН хоум, која ќе биде оперативна на пазарот од 1 јули. На аукцијата што денеска ја организира универзалниот снабдувач, ЕЛЕМ беше обврзан да понуди најмалку 80% од електричната енергија на домаќинставата и малите потрошувачи, со што ќе има и најголемо влијание во формирање на новата цена на струјата. Неа повеќе нема да ја одредува Регулаторната комисија, туку таа ќе биде пазарно утврдена откако ќе се направат потребните пресметки со други параметри опфатени во процесот на формирање на цената за чинење.

Состојбата во ЕЛЕМ е одлична имаме и драстично намалување на трошоците во рудниците и не верувам дека цената ќе биде над 39,6 евра за мегават час. Влијание на цената ќе има и трошокот за откуп кој го има универзалниот снабдувач од повластени производители на електрична енергија. – истакна Марко Бислимоски од Регулаторната комисија за енергетика, додавајќи дека не очекува пораст на цената на струјата.

И вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев е уверен дека нема да има пораст на цената на ел.енергија согласно новата методологија на утврдување предвидена со Законот за енергетика. Наспроти искажаните негативни мислења и стравувања за драматичо поскапување на струјата, ефектите од законот се исклучително позитивни рече вицепремиерот. Потсети дека ЕЛЕМ во 2013, 2014, 2015 година кога цената на ел.енергија се покачи за 60 проценти, бележел милионски загуби, а сега е профитабилна компанија.

Последните две години цената на струјата е стабилна. Се воведе евтина тарифа за граѓаните која имаше инпакт осум, односно 11 милиони евра во џебовите на граѓаните. Факт е дека ЕЛЕМ стана одлична профитабилна компанија која денеска има акомулирана добивка од 49 милиони евра, рече Анѓушев.

Новиот Закон за енергетика беше донесен во 2018 година, а во меѓу време тој беше дополнет со подзаконските акти, кои беа презентирани на работилницата за новинари што се одржа во Охрид во организација на УАСИД. Со него се решаваат прашања кои не биле регулирани изминатите 20 години, се обезбедува либерализација на пазарот без ценовни шокови, се намалува цената за увоз на природен гас за 12%, и воведен е нов концепт за обновливи извори кои ќе бидат субвенционирани од буџетот на државата и нема да има понатамошно дополнително влијание врз крајната цена на електрична енергија за потрошувачите, беше истакнато на работилницата.

Г.М.