Според извештајот на Европската агенција за животна средина објавен во 2018 г. во Македонија околу 3.000 смртни случаи годишно се припишуваат на загадувањето со ситни честички (ПМ10 и ПМ2.5). Овој поразителен број е просекот за нашата земја во последните години. Истовремено приближно 400.000 наши сограѓани живеат под прагот на сиромаштија. Иако не постои безбедно ниво на загаденост, со намалување на концентрациите на ПМ10 и ПМ2.5 до стандардот на ЕУ би се избегнале повеќе од 800 смртни случаи и илјадници загубени работни денови, а здравствените заштеди се проценуваат на 151 милион евра годишно.

Скопје е прв на листите по загаденост на воздухот во Европа, но не се далеку ни високоиндустријализираните зони како на пример Битола, Тетово, Кавадарци, Миладиновци. За Општина Охрид нема податоци, што е една од причините Одделението за заштита и влијание врз животната средина при локалната самоуправа да го реализира пилот проект во рамки на кој ќе бидат поставени 11 сензори на различни локации на јавни институции за следење на еколошки параметри, како и поставување/инсталирање на 15 филтри за домаќинства кои користат цврст енергенс за затоплување на своите домови.

Еден од сензорите за мерење на еколошки параметри поставен пред зградата на општината

Од страна на Државниот Инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање e обезбедена логистичка поддршка за реализација на техничкиот дел од проектот кој се реализира во рамки на проектните активности на ЕУ INTERREG Balkanmed и проектот AIRTHINGS, а Општина Охрид е вклучена во изборот на домаќинства кај кои ќе бидат инсталирани филтрите.

Проектот „Ефикасно користење на новите технологии за чист атмосферски воздух- AIRTHINGS“ ќе ги искористи новите технологии преку т.н интелигентни сензори за мерење на квалитетот на воздухот, обезбедувајќи нови, податоци во реално време преку мрежа за формирање на интернет поврзани градови (Во Македонија Охрид-пилот град), следење на квалитетот на воздухот, “облак” базиран на “Отворени податоци” систем со предвидлива анализа и напредна можност за учење кое овозможува навремени активности на јавните органи. Во комбинација со насоки и методологии за мониторинг на квалитетот на воздухот во градот, воспоставувањето на заедничка анализа на генерални политики за намалување на регионалните загадувачки супстанции и моделите за оценување на квалитетот на воздухот, проектот ефикасно ќе го адресира загадувањето на воздухот и ќе им овозможи носење на правовремени одлуки на јавните власти, граѓаните и бизнис заедницата.

Официјално проектот ќе биде промовиран на 1 октомври на Европскиот ден на соработка што ќе се одржи во Охрид.

OhridNews